СЗО нема никаква врска со поместување на часовниците, ниту пак, e избркана од Русија

Published on:

Наспроти тврдењето во објавата, промената на сметањето на времето од зимско во летно не е поврзана со Светската здравствена организација, туку секоја земја во светот самата одлучува за тоа. Неточно е и тврдењето дека СЗО била протерана од Русија, СЗО сè уште работи со двете свои канцеларии во Русија. Исто така, Русија се префрли на постојано зимско сметање на времето уште во 2014 година, по неуспешниот експеримент во 2011 година да се постават часовниците на целогодишно летно сметање на времето

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук тврди дека поради Светската здравствена организација се менува летното и зимското сметање на времето, дека Русија го задржува летното сметање на времето и дека СЗО била избркана од Русија. Ништо од ова не е вистина.

Rusija ne go vraka saatot, si ostanuva letnoto smetanje na vremeto.

Inaku nie morame da go slusame satanskoto szo koe se pravi da sto poveke narod da razboli.

Inaku szo e izbrkana od Rusia, пишува во објавата.

Во неа се изнесуваат повеќе неточни тврдења поврзани со Светската здравствена организација.

Само неколку дена откако во Македонија започна зимското сметање на времето со поместување за еден час наназад, оваа објава тврди дека Русија не го враќа саатот. Вака изнесено ова тврдење, ја доведува во заблуда јавноста дека  станува збор за некаква новина и дека сега се донела ваква одлука. Но, реалноста е дека Русија се префрли на постојано зимско сметање на времето во 2014 година, по неуспешниот експеримент во 2011 година да се постават часовниците на целогодишно летно сметање на времето.

Со овој потег се намали временската разлика меѓу Москва и поголемиот дел од Европа за еден час, а во исто време создаде две нови временски зони. Русија веќе имаше девет временски зони – но сега и областа околу реката Волга се протега еден час пред Москва, а оддалечените региони Камчатка и Чукотка на подалечниот исток се девет часа понапред – што на Русија ѝ даде вкупно 11 временски зони.

Советскиот Сојуз првпат експериментираше со летното сметање на времето во 1917 година, кога часовниците беа свртени нанапред за 1 час. Мерката беше укината само неколку месеци подоцна и, иако временските зони на земјата претрпеа голем број промени во годините што следеа, немаше официјална промена на часовникот од 1918 до 1980 година.

СССР повторно го воведе летното сметање на времето во 1981 година. Од 1984 година, земјата ги менуваше часовниците истовремено со повеќето европски земји. Во 2011 година на национално ниво беше воведено летното сметање на времето во текот на целата година, завршувајќи го периодот на годишни промени на часовникот што траеше 3 децении. По друга промена на законот во 2014 година, руските часовници беа вратени за 1 час назад до денешното стандардно време за целата година.

Критичарите на поместувањето на часовниците за еден час напред секое лето велат дека тоа го нарушува човечкиот биоритам. Поддржувачите велат дека оваа практика има придобивки, како спречување сообраќајни несреќи, а студија од 2014 година покажа дека огромното мнозинство на ЕУ земјите-членки беа задоволни со тоа.

Во објавата потоа се вели дека Светската здравствена организација има некаква врска со поместувањето на часовникот и притоа СЗО се нарекува „сатанско“. Но, Светската здравствена организација нема никаква врска со оваа одлука, туку секоја земја од светот самата одлучува.

Во 1916 година, Германија беше првата земја што воведе летно сметање на времето. Оттука, концептот брзо се рашири низ Европа и светот. Но, летното сметање на времето наскоро би можело да стане минато во Европа. На 26 март 2019 година, Европскиот парламент гласаше за трајно отстранување на летното сметање на времето во Европската унија (ЕУ). Предлогот е уште еден формален чекор кон трајно елиминирање на летното сметање на времето во ЕУ и ќе ја формира основата на дискусиите меѓу министрите на ЕУ за да се изготви конечен закон со кој се укинува Директивата 2000/84/EC, постоечкото законодавство за летното сметање на времето на ЕУ. Секоја земја-членка ќе треба да одлучи дали ќе остане трајно на „летното сметање на времето“ или ќе ги врати своите часовници за последен пат во постојано стандардно време, познато и како „зимско сметање на времето“.

На крај од објавата се тврди дека Светската здравствена организација била протерана од Русија. Ова исто така не е точно. Откако Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година, Кремљ протера повеќе од десетина меѓународни организации, вклучително и Амнести интернешенел и Хјуман рајтс воч. Сега, некои корисници на социјалните мрежи тврдат дека Руската Федерација ја исфрлила Светската здравствена организација од земјата и ја прекинала нивната долгогодишна врска, што е уште една невистина во оваа објава.

Во мај 2022 година Пјотр Толстој, заменик-претседател на долниот дом на парламентот на Државната дума на Русија, сугерираше дека Русија треба да се повлече од СЗО, како и од Светската трговска организација.

Но, реалноста е дека СЗО сè уште работи со двете свои канцеларии во Русија и нема докази дека земјата ги прекинала врските со неа.

„Тврдењата се лажни“, изјави портпаролот на СЗО, Бану Батнагарпреку е-пошта за Ројтерс:

СЗО продолжува да работи во Руската Федерација, и преку нашата канцеларија во земјата и преку нашата Канцеларија за незаразни болести.

СЗО управува со својата руска канцеларија во Москва од 1998 година, се вели на нејзината веб-страница. И седиштето на организацијата на Европската канцеларија за превенција и контрола на незаразни болести е во Русија од 2012 година.

Додека некои земји-членки на СЗО предложија преместување на една од канцелариите на организацијата од Русија во друга европска земја, ниту една од нејзините две канцеларии со седиште во Москва не е затворена. Русија исто така не ја протера организацијата.

Вистиномер ја класифицира оваа објава како невистина. Светската здравствена организација нема никаква врска со поместување на часовниците поради летното сметање на времето, ниту пак, Русија ја избркала СЗО, туку останува нивна активна членка.