„Дојче веле“ изнесува докази против оградувањето на Русија од одговорност за масакрот во Буча

Published on:

Сликите на убиени цивили во Буча го шокираа светот. Руската влада и проруски профили на социјалните мрежи тврдат: сѐ е инсценирано, некои од труповите се движат. Нашата проверка на факти докажува: тоа не е точно, пишува „Дојче веле“.

Подолу го пренесуваме текстот за проверката на факти:

Грозоморни слики го обиколуваат светот од изминатиот викенд: улица во Буча, близу Киев, е „посеана“ со мртви тела, кои не се во униформи. Некои се со врзани раце. Откако украинската војска ги објави сликите на 2 април, и странските новинари известуваа за убиените од Буча.

За убивањето цивили се обвинети руските војници кои се повлекоа: украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека станува збор за „геноцид“, германскиот канцелар Олаф Шолц ги осуди „злосторствата на руската војска“, а генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш изрази длабока шокираност.

Истовремено на социјалните мрежи, поттикнати од руска страна, кружи страшно обвинување: сѐ е инсценирано. Руското Министерство за одбрана на Телеграм напиша дека видеата од Буча се „инсценирана продукција и провокација“. Руската амбасада во Германија фотографиите и видеата од Буча ги нарече „натамошно инсценирање од страна на киевскиот режим и западните медиуми“, а портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, дури тврди дека видеата ги „порачале“ САД и НАТО, за вината да ѝ ја префрлат на Русија.

Нема докази за инсценирање

Докази за ваквите тврдења не нуди ниедна руска институција. Проруски профили на социјалните мрежи го подземаат наративот: мртвите тела не се вистински, туку тоа се актери, сѐ е голема лага. Доказ за тоа би требало да е видео, кое прикажува мртви тела на улица во Буча.

Тврдење:

„Повеќе за фејк-масакрот во Буча. ‘Мртвото тело’ десно на сликата ја помрднува својата рака“, тврди еден корисник. А друг саркастично прашува: „Лешови по рабовите на улицата, слика на ужас… Но, чекајте, еден ја мрда својата рака? А еден друг одеднаш станува? Што всушност се игра овде?“

ДВ проверка на факти: Погрешно

Во прикажаното видео нема ниту едно мртво тело што ја крева раката, ниту некој кој наеднаш станува. Ги проверивме двете тврдења и ги локализиравме на местото на настанот. Станува збор за улица „Јаблунска“, во јужниот дел од градот Буча. На Гугл стрит вју од 2015 година се препознатливи одделни објекти од видеото, иако на улицата има и нови градби. Колоната возила, од која е снимано видеото, возела во североисточна насока.

Првото тврдење за видеото се однесува на наводно движење на рака на едно мртво тело. Станува збор за телото десно во сликата, покрај кое поминува колоната возила. Навистина се чини како нешто да се движи, кога снимката се приближува до телото, но тоа не е рака.

Анализата на снимката која ја изврши Дојче веле покажува: станува збор за капка дожд на предниот дел од возилото од кое се снима. Оваа капка, која се движи нагоре поради ветрот предизвикан од движењето на возилото, создава впечаток на движење. Друга верзија на снимката со подобра резолуција недвосмислено покажува дека станува збор за капка вода, а не за движење на рака.

Дојче веле го замоли и дигиталниот форензичар Дирк Лабуде, професор на Високата школа Митвајда, за подлабинска анализа на видеоматеријалот. Лабуде притоа констатираше дека при движечкиот објект во видеото станува збор „само за детектиран артефакт на предниот ветробран на возилото од кое се врши снимање. При внимателна анализа, не се гледа никакво движење на телото”.

Искривувањето на ретровизорот е причина за наводно движење

Второто тврдење се однесува на второ мртво тело покрај кое се движи автомобилот од кој се снима. Ова тело наводно станува откако возилото поминува крај него, што наводно се гледа кратко во ретровизорот.

И овде станува збор за лажно претставување. Телото останува да лежи на земјата, како што констатираше видео-анализата на Дојче веле.

Движењето на возилото во комбинација со свртувањето на камерата нанапред може да е објаснување за погрешната интерпретација. Надворешниот ретровизор по правило има свиок, па видното поле изгледа зголемено. Фактички, забавена проекција покажува дека телото и по огледувањето во ретровизорот и натаму лежи на тлото. На овој заклучок доаѓа и дигиталниот форензичар Дирк Лабуде.

Скриншот на Твитер – наводно фејк-видео од Буча: како капка дожд стана наводно движење на рака

Лешевите лежеле на улица очигледно уште од март

Истражување на весникот „Њујорк тајмс“ покажува нешто уште повеќе: на сателитски снимки на американската фирма Максар се препознава дека труповите на улицата „Јаблунска“ се наоѓале уште од 19 март, некои дури и од 11 март. Споредбата „пред и потоа“ меѓу сателитските снимки од 19 март и погоре наведеното вирално видео од втори април, покажува дека телата лежат на улицата во целосно истата позиција. Овие снимки јасно зборуваат против руското тврдење, според кое лешевите се појавиле дури по повлекувањето на руските трупи на 30 март.

Изминатата недела, десетици илјади луѓе се обидуваат да избегаат од уништениот град Мариупол. Од почетокот на војната, стратешки важниот јужен пристаништен град е соочен со непрекинато бомбардирање и ракетни напади, голем дел врз цивилни цели. Според руски извори, околу 130.000 од 440.000 жители на градот и натаму се во него.

Не е првпат во оваа војна руската страна да ги негира воените злосторства, и наместо тоа доказите за вакви злосторства да ги нарекува лажни информации. И за нападот врз болницата со породилно одделение во Мариупол рускиот амбасадор во Советот за безбедност на ОН, меѓу другите, тврдеше дека е во прашање „глума“.

Меѓутоа, нападот и неговите последици врз цивилното население во меѓувреме се детално документирани. А руската страна уште нема приложено докази за своето тврдење за наводно инсценирање на нападот.