Контраспин: Лавров во уште една спин „офанзива“ за оправдување на руската агресија врз Украина

Published on:

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во интервју за четири српски медиуми настапи со познатите дезинформациски наративи за војната во Украина, употребувајќи ја познатата фраза „специјална воена операција“, чија цел е ослободување на угнетеното руско население во Донбас и Луганск. Лавров го повтори ставот  дека влегувањето на руската војска во Украина треба да донесе „демилитаризација и денацификација на украинските вооружени сили и целото општество, кое живее со нацистичка идеологија“. Српскиот народ го нарече „братски“, со кој Русите имаат заедничка историја и непријатели, а Црна Гора и Северна Македонија, земји „вовлечени во санкции“ во замена за ветувања за брзо зближување со ЕУ“, пишува Вистиномер во новиот контраспин.

Во својот настап пред неколку српски медиуми шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров искажа повеќе спинови:

Спин 1: „Во војната со санкции ЕУ ги вовлече балканските влади како Црна Гора, Северна Македонија. Нив ги привлекоа со ветувања за брзо зближување со ЕУ. Тоа не се случи и ги вовлекоа во НАТО во антируски активности и антируски кампањи. Тогаш ги потапкаа по раме и рекоа: ‘Браво дечки, продолжете во тој дух’“.

[Извор: Спутник Србија (4 минута од видеото); датум: 30.03.2022]

 

Контраспин: Тврдењето на Лавров дека Северна Македонија е „привлечена со ветување за брзо зближување со ЕУ“ не е вистинито. Нашата земја во 2005 година ја поднесе апликацијата за членство во ЕУ, што значи 17 години е со статус земја-кандидат за членство. Потпретседателот на ЕУ, Жозеп Борел при неговата посета на Скопје на 14 март 2022 година, го повтори ставот на Унијата, дека без решавањето на отворените прашања со Бугарија не може да почне процесот на пристапување. Што значи, придружувањето кон санкциите, не значат „награда“ за брз влез во ЕУ.

Всушност, ден по руската агресија на Украина, македонското Министерство за надворешни работи оцени дека Русија го крши меѓународното право, а Северна Македонија носи одлуки во согласност со Евроатлантската определба на земјава, со согласност со нејзините стратешки и државни интереси.

„Со неиспровоцираните и неоправдани воени акции, Русија грубо го крши меѓународното право, повелбата на ООН и принципите и заложбите на ОБСЕ, и со тоа ја поткопува европската безбедносна архитектура како и глобалната стабилност“, пишува во соопштението на МНР од 24 февруари 2022 година.

По руската анексија на Крим, (кој се наоѓа на украинска територија) во 2014 година, Европската унија во континуитет спроведува политика на санкции кон Русија. Северна Македонија, која е земја аспирант за членство во ЕУ, се нема приклучено на санкциите воведени од сите земји членки. Сепак, нашата земја ги прифати сите изјави, декларации, мерки и санкции усвоени од страна на ЕУ. Ова се однесува и придружување кон мерките против руски државјани и правни лица.

Европскиот Совет на 27 јули 2021 година соопшти дека санкциите кои беа продолжени до летото 2022 година ги поддржале Црна Гора и Албанија, заедно со Грузија и Норвешка.

Новинската агенција „Мета“ во феруари оваа годдина пишувајќи на оваа тема, потсети на  изјавата на тогашниот премиер Зоран Заев од 30 декември 2020 година, во којашто вели дека Северна Македонија не се приклучила кон санкциите на ЕУ кон Русија, затоа што има сериозен интерес за економска соработка со Русија:

„Ние сме земја кандидат за членство во ЕУ, но не сме членка. Интерес е на граѓаните и државата, ако нешто не мораме, да не го правиме. И затоа покрај сето она што го наведов, ние се немаме приклучено кон економските мерки кон Русија, затоа што имаме сериозен интерес за економска соработка со Русија. Ние сме земја членка на НАТО и за нас нема алтернатива за ЕУ, но нашата земја има интерес да биде пријател со остатокот од светот.“

Сè до 24 февруари годинава, кога по влезот на руската војска во Украина, македонската влада донесе одлука за воведување на санкции кон Русија. Северна Македонија, која е земја-кандидат за членство на ЕУ нема обврска да ја применува во потполност европската регулатива пред да постане и официјално членка на Унијата. Меѓутоа, со фактот дека е земја кандидат, очекувано е да ја усогласи својата политика со ЕУ, но пред сè воведувањето на санкциите се знак на солидарност со украинскиот народ.

Спин 2: Северна Македонија вовлечена во НАТО

Контраспин:Тврдењето на  Лавров дека Северна Македонија „е вовлечена во НАТО“  е неточно. Наспроти ваквото тврдење, огромен процент на граѓани смета дека државен приоритет останува членството во Атлантскиот Совет. Граѓанската поддршка не е сменета со години, дури е и зголемена по влезот на 27 март 2020 година. Последната анкета на ИРИ од 7 март годинава, покажа дека 80 отсто од македонските граѓани го поддржуваат членството во НАТО, што е за 9 проценти повисока во однос на анкетата во март 2021 година.

Принтскрин анкета на ИРИ

Во интервјуто на Лавров за српски медиуми, чии делови пренесе и Амбасадата на Руската Федерација во Северна Македонија, беа изнесени познатите руски тези за руската инвазија во Украина. Лавров повтори дека се работи за „специјална воена операција“ како реакција на геноцидот на руското население во Донбас што со години го врши Украина, од која се очекува денацификација на војската и општеството.

Спин 3: „Очекуваме преговорите (со Украина) да ја постигнат за Русија посакуваната цел – прекин на убиствата на цивили во Донбас што траат 8 години. Сите гледаа како во Донбас се бомбардира цивилна инфраструктура: болници, детски градинки, поликлиники и станбени згради. Загинаа илјадници цивили. Пресветлиот Запад молчеше“ (25 минута од видеото).

Контраспин:Нема докази дека етничките Руси се соочувале со прогон од украинските власти, а уште помалку со опасност од уништување на цел етникум врз основа на националност, етничка припадност или културна припадност. Ова е потврдено со извештаите објавени од Советот на Европа , Високиот комесаријат за човекови права на ОН и ОБСЕ.

Рускиот дезинформациски наратив употребен од Лавров во ова интервју, ја прикажува Украина како земја со која управуваат нацистите. Овој наратив послужи како еден од изговорите за руската инвазија на Украина. Друг изговор за таканаречената операција е „демилитаризацијата и денацификацијата“ на Украина.

Митот за Украина со нацистичко управување е јасен пропаганден наратив кој стана камен-темелник во дезинформациите чиј извор доаѓа од Кремљ. Но, факт е дека претседателот Володимир Зеленски е украински Евреин.

Уште еден факт кој оди против дезинформацискиот наратив од Москава, е дека во 2015 година Украина издаде забрана за нацистичките и комунистичките идеологии. Дополнително, екстремно десничарските групи имаа ограничено присуство за време на протестите на Евромајдан и претрпеа порази на сите национални избори потоа, при што Обединетиот фронт на сите радикални десничарски партии на парламентарните избори во 2019 година освои само 2,15 отсто од гласањето, што е многу помалку од минимумот од 5 отсто што гарантира влез во Парламентот.

Спин 4: „Укринските војници во нацистичките батаљони дури имаат симболика и тетоважи по пример на кукаст крст свастика и амблеми на нацистички есесеовски батаљони.“ (40 минута од интервјуто).

Контраспин: Од почетокот на воената интервенција во Украина, крстот – амблем на украинската војска често е (зло)употребуван во текстовите каде се спинува за врската на вооружените сили со нацистичката идеологија.

Ова било цел на проверка на фактчекерите од Агенцијата Франс прес (АФП), која го цитира Дмитро Деинеко, специјалист за конзуларни и административни прашања во украинската амбасада на Тајланд:

„Симболот е темноцрвен крст со трозабец во средината. Потврдувам дека тоа нема никаква врска со симболот на Германија за време на Втората светска војна.“

Железниот крст (нацистичкиот) беше пруско воено одликување користено од 1813 година и оживеана од Хитлер во 1939 година.

Целосниот амблем во боја на Вооружените сили на Украина, беше усвоен со указ на претседателот на Украина на 3 септември 2009 година. Во центарот на крстот е украинскиот грб, трозабец или „тризуб“, наречен и „Кнежествен државен симбол на Володимир Велики “.

Една статија на symbolsage.com ја опишува историјата на крстот pattée  кој има краци кои се стеснуваат кон центарот. Има историја што датира уште од Крстоносните војни и сè уште се користи во религиозна, национална, воена и хералдичка симболика.

Според приложеното, настапот на рускиот шеф на дипломатијата, Сергеј Лавров е уште еден обид преку дезинформациски наративи да се прикаже Русија како земја која тргна во ослободување на својот народ во Украина, додека земји како Северна Македонија да ги претстави како алатка во рацете на Западот, кој ја води вистинската војна во Украина.