Две генерации живееја без заканата од нуклеарна војна, но овој период е завршен. Дали Путин ќе го притисне или не копчето за нуклеарна бомба? Кој би знаел? Никој не знае. Не постои еден единствен човек кој би можел да каже за сигурно, вели за Би-би-си Дмитри Муратов, рускиот добитник на Нобеловата награда за мир, уредник на згаснатиот весник Новаја Газета и еден од ретките преостанати јавни критичари на Владимир Путин во Русија.
Муратов е загрижен колку далеку е подготвена да оди официјална Москва во конфронтрацијата со Западот, посочувајќи дека руската државна пропаганда ги подготвува луѓето да размислуваат дека нуклеарната војна не е лоша работа.
„На телевизиските канали овде, нуклеарната војна и нуклеарното оружје се промовираат како да се рекламира храна за кучиња“, вели Дмитри Муратов.
Муратов потенцира дека дури 21.000 административни и судски случаи биле отворени против руски државјани кои протестираа против војната во Украина, целата опозиција е во затвор, независните медиуми се затворени, додека граѓански активисти и новинари во Русија се означени како странски агенти.
Инаку, еден од последните апсурдни случаи на рускиот диктаторски режим е Алексеј Москаљов, од кој од страна на рускиот суд е осуден на две години затворска казна за дискредитација на руските вооружени сили. Москаљов беше првично во домашен притвор, од каде избега, но беше уапсен во Минск и е одвоен од неговата ќерка која е пренесена во руски центар за рехабилитација на малолетници.
Москаљов беше осуден на затворска казна поради негови објави на социјалните мрежи со критичен тон кон политиката на Кремљ. Тој бил откриен откако неговата 13-годишна ќерка одбила да учествува на час во нејзиното училиште и направила неколку цртежи, на кои се гледа како ракети се испукани кон семејство кое стоело под украинско знаме и уште еден цртеж на кој пишува „Слава на Украина!“, пишува Гардијан.
Министерството за одбрана на Обединетото Кралство во најновиот извештај објави дека руските власти се подготвуваат да започнат голема кампања за регрутирање на нови трупи во Русија, чија цел е да се пријават 400.000 војници за борбите во Украина. Путин веќе нареди регрутирање на 300.000 резервисти во септември минатата година, кои во моментов се вклучени на фронтот во Украина.
Во меѓувреме, борбите во Украина продолжуваат на првите линии на фронтот во Бахмут и Авдивка во Донецкиот регион. Околу 6.000 припадници на руската платеничка војска Вагнер се борат во Бахмут, информираше американскиот генерал Марк Мајли, пренесува Укринформ. Тој додава дека во Бахмут и околу овој град има од 20.000 до 30.000 руски регрути кои се вклучени во борбите. Сепак, и покрај ваквиот број, Русија не успева да го заземе овој украински град до денес.