И претходно со користење на видеоматеријали од младолики момчиња на социјалните мрежи се правеше обид да се обвини Украина за мобилизирање на деца. Но, тоа не е вистина, според законите на Украина, само полнолетни лица може да бидат регрутирани во армијата, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.
Текстот подолу го пренесуваме во целост:
Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се тврди дека „Украина мобилизира и малолетници“. Во рамките на постот се споделува видеоматеријал на кој се гледа младо момче во униформа на Украина.
Не е точно дека Украина мобилизира малолетници. И претходно со користење на видеоматеријали од младолики момчиња на социјалните мрежи се правеше обид да се обвини Украина за мобилизирање на деца. Имено, според законите на Украина, само полнолетни лица може да бидат регрутирани во армијата.
Според законот, сите физички способни украински мажи на возраст од 18 до 60 години се потенцијално предмет на регрутирање, пишува Киев Пост.
Во 2014 година, Би Би Си имa известено за едно 17- годишно момче кое учествувало во војната, ама затоа што излажало за својата возраст при аплицирањето во доброволниот баталјон. Ова е единствениот изолиран случај за кој пронајдовме информации дека малолетник учествувал во војната во Украина, но не во 2023, туку во 2014 година.
Воената состојба која е на сила во Украина од февруари 2022 година, забранува мажите од 18 до 60 – годишна возраст да ја напуштат државата. Според правилата за мобилизација, секој маж во таа возрасна граница, теоретски може да биде регрутиран. Исклучоци се прават за студенти, родители со три или повеќе деца под 18 години, лица коишто чуваат лице со хендикеп, како и тие за кои ќе се оцени дека се со нарушено ментално здравје…. Речиси четвртина милион Украинци ќе наполнат 18 години оваа година, што ги прави доволно возрасни за да се пријават да се борат, или ако се машки и сè уште се во државата, ги прави престари да заминат од неа“, пишува Вашингтон Пост во април 2023.
Проверувачите на факти на Дезинфо детектор, дебанкираа слична дезинформација, според која малолетниците од Украина наводно немало да можат да ја напуштат државата зашто наскоро ќе бидат регрутирани.
Ова не е вистина. Децата не се предмет на мобилизација. Со ширење на оваа дезинформација, пропагандистите се трудат уште еднаш да ја промовираат пораката за наводна тотална мобилизација во Украина односно дека никој не е останат да се бори, па дури и малолетници се мобилизирани, пишуваат проверувачите на факти на Дезинфо Детектор.
Проверувачите на факти на Франс 24 имаат дебанкирано слични тврдења, каде видеоматеријали со младолики војници, се презентирани на начин што се тврди дека тие се деца, односно малолетни. Од Франс 24 успеале да ги пронајдат идентитетите на овие млади војници и да констатираат дека имаат над 20 години, па иако изгледаат младо, технички, според законот, не се деца
Украина на почетокот на 2023 година објави дека во привремено окупираните територии Доњецк и Луганск, Русите може да мобилизираат деца и затоа ги повикаа родителите да ги однесат децата на побезбедни локации.
За истото извести Киев Индепендент.
Поради сите горенаведени факти постот што го рецензираме го оценуваме како невистинит.