Не е вистина дека Полска предизвикува директен конфликт со Русија

Published on:

Во постот што го рецензираме невистинито се тврди дека Полска предизвикува директен конфликт со Русија. Полска не во војна  со Русија, но прави сè што може за да ѝ помогне на Украина да се брани во војната што Русија ја води против Украина, откако сосема неиспровоцирано во февруари 2022 година Русија изврши воена инвазија врз Украина. Од почетокот на инвазијата Полска прими најмногу бегалци, повеќе од која било друга европска држава, и во исто време им обезбеди низа бенефити како пристап до здравствени услуги и образование како и можности за вработување. Ништо од тоа што го прави Полска не е „отворена непријателска акција против Русија“ и не е „предизвикување директен конфликт со Русија“, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели:

Полска се подготвува за војна со Русија?

Полска предизвикува директен конфликт со Русија, изјави Олег Соскин, поранешен советник на поранешниот украински премиер Леонид Кучма.

Полска е на патот на зајакнување на воените напори… Тие спроведуваат отворени непријателски акции против Русија. Последните настани претставуваат директен предизвик за Путин“, смета експертот.

Според него, Варшава купува оружје и ја зголемува својата војска за да се подготви за директна конфронтација со Москва. Тој, исто така, истакна дека полската влада сега води провокативна политика кон руската дипломатска мисија.

Не е точно дека Полска предизвикува директен конфликт со Русија. Русија изврши воена инвазија врз Украина, сосема неиспровоцирано, во февруари 2022 година. Полскиот амбасадор во Франција, Јан Емерик Росцисзевски во март2023 година изјави:

Не е НАТО, Полска или Словачка кои додаваат притисок, туку Русија, која изврши воена инвазија врз Украина. Русија која ги узурпира нејзините територии. Русија која ги убива украинските граѓани. И Русија која ги киднапира украинските деца. Така што, или Украина ќе ја брани својата независност денеска, или ќе мора да влеземе во овој конфликт. Поради тоа што би биле нападнати нашите основни вредности кои се основата на нашата цивилизација и култура. Тогаш би немале избор освен да влеземе во конфликтот.

Амбасадата на Полска во Франција после оваа изјава пласираше соопштение во кое што дообјаснува:

Ако внимателно го слушате целото излагање на амбасадорот, тогаш станува јасно дека не беше објавено никакво директно вклучување на Полска во конфликтот, туку само беше предупредено за последиците кои би ги предизвикал поразот на Украина – а тоа е можноста тогаш Русија да нападне други европски држави, Балтичките држави и Полска, напишаа од амбасадата на Полска во Франција.

Амбасадата во своето соопштение истакнува дека амбасадорот Јан Емерик Росцисзевски јасно става до знаење дека Полска не е моментално во војна, но прави сè што може за да ѝ помогне на Украина да се брани во војната што Русија ја води против Украина.

Во постот што го рецензираме невистинито се тврди и дека „Полска спроведува отворени непријателски акции против Русија“.

Од почетокот на воената инвазија на Русија врз Украина, Полска е клучен НАТО сојузник во спротивставување на агресијата од страна на Москва и е незаменлив партнер на САД во регионот. Повеќе од 7 милиони Украинци ја поминаа полската граница како бегалци. Денеска Украина и НАТО партнерите се потпираат на Полска за доставата на оружје и хуманитарна помош за Украина. Оваа улога на Полска сепак, не може да се смета како директна конфронтација кон Русија, туку како помош за Украина во нејзиното право да го брани територијалниот интегритет.

Како што пишува Атлантскиот совет, откако Полска стана дел од Европската Унија во 2004 година, политичарите во Варшава ја предупредуваа Европа за растечката закана – Русија.

На многу начини Полска ги постави стандардите на европскиот одговор во хуманитарна смисла по Рускиот напад врз Украина. Од почетокот на инвазијата Полска прими најмногу бегалци, повеќе од која било друга европска држава, и во исто време им обезбеди низа бенефити како пристап до здравствени услуги и образование како и можности за вработување.

Ништо од тоа што го прави Полска не е „отворена непријателска акција против Русија“ и не е „предизвикување директен конфликт со Русија“. Помошта на Полска за Украина воопшто немаше да биде потребна ако Русија не ја нападнеше суверената и демократска држава Украина.

Што се однесува на делот од постот во кој се вели дека „Варшава купува оружје и ја зголемува својата војска за да се подготви за директна конфронтација со Москва“, ова претставува предвидување. Исто така, не е забрането која било земја да се подготвува за војна ако смета дека ѝ се заканува опасност. Она што е проблем во меѓународните односи е извршувањето агресија.

Претседателот на Полска, Андржеј Дуда во септември 2022 на генералното собрание на ОН година изјави:

Ова не е само регионален конфликт. Руската војна против Украина е потенцијален извор за глобална конфигурација. Ова војна ќе им влијае на нашите држави исто како и на вашите, ако досега тоа не се случило веќе.

Одговорот што Полска го даде на руската инвазија врз Украина создава невидени врски меѓу народот на Полска и на Украина. Овие две нации се обединети поради опасноста која што постои од Русија. Анкетите на јавното мислење во Украина секогаш покажуваат дека Полска е украинскиот најблизок партнер.

Министерот за надворешни работи на Полска, Збигњев Рау на 28 септември 2022 година во Центарот за стратешки и интернационални студии меѓу другото изјави:

Потчинета Украина би значела автоматски дека статусот на Русија ќе се издигне на империја. Ако Москва добие контрола врз Украина, нејзиниот народ, ресурси и пристап до Црното Море, ќе значи уште еднаш закана за Европа, трансатлантската безбедност. И мојот личен пријател поранешниот претседател на Полска, Лех Качињски во многу наврати не предупреди дека рускиот империјализам нема да запре во Тбилиси или Киев, туку ќе дојде и до балтичките земји и до Полска. Би сакал да додадам дека Русија не би ни запрела таму, туку би се заканила и по животот, добросостојбата и основните вредности на сите Европејци и Американци. Рускиот империјализам не би запрел сам од себе, туку мора да биде сопрен со заеднички напори на слободниот свет. Само со сопирање на империјализмот, можат заеднички Украина, Полска и САД да просперираат. Најважно, тоа ќе гарантира дека идните генерации нема да искусат авторитарен империјализам.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека не е вистина дека Полска предизвикува директен конфликт со Русија.

hubmk