Не е вистина дека сопругата на Зеленски купила автомобил „бугати“ од 4,5 милиони евра

Published on:

Портпаролот на „Бугати“, Никол Оугер, за Ју Ес Еј Тудеј изјавила дека сопругата на претседателот на Украина, Олена Зеленска, не е клиент на „Бугати“. Страницата на која првпат се појави дезинформацијата дека таа купила „бугати“ автомобил вреден 4.5 милиони евра, е создадена најверојатно со вештачка интелигенција, а фискалната сметка, која се приложува како наводен доказ, е невистинита. „Бугати“ најави тужби поради злоупотребата на нивниот бренд

 

Рецензираме објави на социјалната мрежа Фејсбук (овде и овде), каде се споделува идентична содржина и се тврди дека:

Сопругата на Зеленски стана прва сопственичка на најновиот„Бугати“ вреден 4,5 милиони евра.

Текстовите од објавите (овде и овде) се речиси идентични и ги содржат истите наводи дека Олена Зеленска, сопругата на претседателот на Украина Володимир Зеленски, нарачала автомобил „бугати“, за 4,5 милиони евра, истиот однапред го платила, а ќе го добие во 2026 година, кога ќе биде произведен како еден од серијата од само 250 вакви автомобили. Двата текста се повикуваат на извесен сајт, Verite Cachee France и наведуваат дека нарачката на автомобилот била за време на посетата на Зеленски и неговата сопруга во Франција, по повод годишнината од слетувањето во Нормандија. Се наведува и дека за нив „се одржал приватен автомобилски саем, две недели пред официјалната презентација во јавноста“.

Меѓутоа, се работи за дезинформација која ја дебанкираа повеќе реномирани светски медиуми.

Во склоп на сајтот Verite Cachee France е објавена лажна сметка за купопродажбата на бугати автомобилот.

Сметката содржи бројни печатни грешки како на пример, погрешно е напишано името на париското предградие Neuilly-sur-Seine. Во делот каде што треба да стои адресата, исто така, изоставени се задолжителните информации за данокот од продажба и не се споменува начинот на плаќање, односно нема ниту наведено валута во која е наводната продажба, пишува Дојче Веле.

Самата страница Verite Cachee France, каде првпат е пласирана дезинформацијата, е уште еден индикатор дека се работи за фабрикувана сторија. Иако текстот на сторијата ги прелажа корисниците на социјалните мрежи и одредени медиуми, бидејќи беше изработен на начин да изгледа како да се работи за вообичаен таблоиден напис, во него беа понудени доволно детали за да изгледа дека е сајт направен со вештачка интелигенција, сајтот ги содржи сите карактеристики на сајт на тролови. На него нема имиња на автори, ниту пак, датуми на објавување на кој било од написите. Фотографиите се исечени на чуден начин, веројатно поради неквалитетно програмирање.

Можеби најголемиот предупредувачки знак дека се работи за неверодостоен сајт, е тоа што речиси секој текст на него почнува со зборовите “Voici un titre court pour l’article” (Еве краток наслов за овој текст н.з). Ова ги подгрева сомнежите дека некој или нешто (како компјутерска програма) на вештачка интелигенција, креира наслови за текстови и потоа ги пласира, пишува Дојче Веле.

Производителот „Бугати“ ја демантираше информацијата за наводното купување на автомобилот од страна на Олена Зеленска. Оттаму додаваат дека ќе поднесат кривична пријава за фалсификување и клевета. Фискалната сметка која се прошири, а е дел и од една од објавите што ги рецензираме, не е реална, туку има бројни недостатоци како од правен, така и од финансиски аспект.

Портпаролот на „Бугати“, Никол Оугер, за Ју Ес Еј Тудеј изјави дека тврдењето е лажно.

Bugatti Automobiles S.A.S. е запознаено со извештаи кои наведуваат дека госпоѓата Олена Зеленска прва дама на Украина, неодамна купила возило „Бугати“. „Бугати“ ја почитува приватноста на своите клиенти и вообичаено не ги открива информациите за истите. Во овој случај, „Бугати“ прави исклучок, бидејќи се работи за лажен извештај кој не кореспондира со вистината. Според внатрешните проверки, госпоѓа Зеленска не е клиент на „Бугати“вели таа.

Дезинформацијата беше дебанкирана и од Центарот за борба против дезинформации, што е тело во склоп на националниот совет за одбрана на Украина. Исто така, беше дебанкирана и од „Бугати Париз“.

Би Би Си во опсежна анализа наведува дека се работи за само еден од голем број креирани сајтови кои имаат за цел да шират руска пропаганда, насочена кон американските гласачи во пресрет на изборите во САД. Семејството Зеленски подолго време е цел на дезинформациска кампања со цел да се претстави како злоупотребувач на западната помош за одбрана од Русија.

Поради сите горенаведени факти објавите што ги рецензираме ги оценуваме како невистинити.