Нема докази дека Украина ја бомбардираше браната Каховка

Published on:

-Во услови кога Украина и Русија се обвинуваат меѓусебно за тоа кој ја срушил браната, а се најавуваат и истраги за тоа.

-Факт е дека Украина немала пристап до браната и дека таа е под контрола на руските војници. Понатаму, експерти посочуваат дека браната не може да биде уништена со гранатирање, бидејќи има силна конструкција и многу веројатно е дека таа е уништена со експлозија одвнатре, за што доказ е чадот на снимките кој се појавува во близина на руската стража.

-Обединетите нации и САД не сакаат никого да посочат како директен виновник додека немаат конкретни информации, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Имено, истрагата за тоа што се случи со браната кај Нова Каховка е се уште во тек, бидејќи и украинската и руската страна меѓусебно се обвинуваат за оваа, како што ја оценија многумина, досега најголема еколошка катастрофа.Браната кај Нова Каховка беше уништена на 6 јуни. Јужната команда на украинските сили утрината соопшти дека руските сили ја урнале браната.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на Твитер објави видео од уништената брана, нарекувајќи ги руските сили во Украина „терористи“.

Руски терористи. Уништувањето на браната во хидроцентралата Каховка само му потврдува на целиот свет дека мора да бидат исфрлени од секој агол на украинската територија. Не треба да се остават ниту еден метар, бидејќи секој метар ќе го искористат за терор, објави Зеленски.

По обвинувањата на Киев дека руските сили ја уништиле браната Каховка на реката Дњепар, со реакција се јави официјален Кремљ, кој обвини дека станува збор за намерна саботажа извршена од Украина за да се одвлече вниманието од неуспешната контраофанзива против руските сили.

 

Што се случи со браната?

Намерна експлозија во браната Каховка најверојатно го предизвикала нејзиниот колапс, сметаат експертите за инженерство и муниција, според кои, структурен дефект или напад од надвор од браната се можни, но помалку веродостојни, пренесува Њујорк тајмс.

Ихор Сирота, шеф на Укрхидроенерго, државната хидроелектрична компанија, изјави:

Ракетен напад нема да предизвика такво уништување бидејќи оваа централа е изградена да издржи атомска бомба. Јасно е: имаше експлозија од внатрешноста на станицата и станицата се скрши на половина.

Како што пренесува весникот, експертите предупредиле дека достапните докази се многу ограничени, но тие рекле дека внатрешната експлозија е најверојатното објаснување за уништувањето на браната, масивна конструкција од армиран бетон со челик која била изградена во 1956 година. И локалните жители објавија на социјалните мрежи дека слушнале огромна експлозија околу моментот кога била пробиена браната, во 2:50 часот по полноќ.

Експлозијата во затворен простор, со сета своја енергија применета врз структурата околу неа, би направила најголема штета. Дури и тогаш, велат експертите, ќе бидат потребни стотици килограми експлозив, барем, за да се пробие браната. Надворешна детонација со бомба или проектил би извршила само дел од својата сила против браната и би бил потребен многукратно поголем експлозив за да се постигне сличен ефект.

Ќе бидете ограничени во тоа колку може да носи боевата глава. Дури и директен удар може да не ја извади браната. Ова бара значителна количина на енергија. Размислете за силата на структурата таа е огромна. Имате водена сила, која е масивна. Ова не е како да се држиш за конец; овие работи се тешки, “, вели Ник Глумак, професор по инженерство и експерт за експлозиви на Универзитетот во Илиноис во Урбана-Шампејн, пренесува Њујорк тајмс.

Според објавените фотографии и видеа може да се види дека браната Каховка најпрво била пробиена во средината, веднаш до електраната што се граничи со руската стража.

Фото: скриншот од сателитски фотографии што се шеруваат по социјални мрежи

Меѓусебни обвинувања

Според јужната оперативна команда на Украина, браната била уништена од руските сили. Подоцна, секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана, Олексеј Данилов, изјави дека била крената во воздух од страна на руската 205-та моторизирана бригада.

Полномошникот инсталиран од Русија во Нова Каховка прво негираше дека браната е уништена, за подоцна да тврди дека била цел на украинско гранатирање.

Данилов ги отфрли тврдењата на Русија, велејќи дека Кремљ подготвил планови за саботажа веќе во есента 2022 година.

Според украинските власти, браната била минирана во октомври 2022 година, кога украинските сили напредувале во Херсонската област.

Меѓусебни обвинувања и предупредувања за уништување на  браната имаше и во 2021 година. Тогаш, Русија и Украина се обвинуваа меѓусебно дека планираат да ја кренат хидроелектричната брана Каховка.

Сергеј Суровикин, командантот на руските сили во Украина, изјави тогаш дека има информации дека украинските сили подготвуваат масовен напад врз браната и дека веќе користеле ракети HIMARS доставени од САД за голем напад кој, како што рече, може да биде катастрофа.

Имаме информации за можноста режимот во Киев да користи забранети методи на војна во областа на градот Херсон, за подготовка од Киев за масовен ракетен напад врз хидроелектричната брана Каховка, рече Суровикин, пренесува Ројтерс.

Украинските власти рекоа дека ваквото тврдење е знак дека Москва планира да ја нападне браната и да го обвини Киев.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Русија ја минирала браната и се подготвувала да ја разнесе, чекор што тој го спореди со употребата на оружје за масовно уништување.

Денеска, за време на состанокот на Европскиот совет, ги информирав Европејците за следниот терористички напад, за кој Русија се подготвува во хидроцентралата Каховка. Уништувањето на браната би значело катастрофа од големи размери, рече тој.

Можно ли е Украина сама да си ја срушила браната?

Во видео на Јутјуб, блогерот Денис Давидов дава детална анализа за тоа што се случило, кои се последиците од уништувањето на браната и кој би можел да биде виновникот за оваа катастрофа.

Од објавените снимки е очигледно дека имало чад, што значи дека имало внатрешна експлозија, вели Давидов. ( 5:27 минута од видеото)

Фото: Скриншот од Јутуб видео на блогерот Денис Давидов

Во видеото е дадено објаснување дека има пат кој поминува преку браната. Русите срушиле дел од патот за да не можат Украинците да поминат. Според тоа, Украинците физички не можеле да стигнат до делот каде се случила експлозијата на браната бидејќи патот е „целосно капут“, се вели во видеото.

Сергиј Кислица, претставник на Украина во ОН, рече дека е типично Русија да ја обвинува жртвата за сопствените злосторства, посочувајќи дека Русија ја контролира браната повеќе од една година и дека било физички невозможно да се разнесе со гранатирање. Тој рече дека браната е минирана од руските окупатори и тие ја разнеле. Тој ја обвини Русија дека „повторно се пробива во калта на лагите“.

Со прибегнување кон тактики на изгорена земја, или во овој случај на тактики за поплавена земја, руските окупатори ефикасно препознаа дека заземената територија не им припаѓа и тие не се во можност да ги задржат овие земји, рече Кислица, пренесува Гардијан.

Ниту француските, американските или британските претставници во ОН директно не рекоа дека има докази за руската одговорност, туку повикаа на истрага и инсистираа дека нивната поддршка за Украина е непоколеблива.

Заменик-амбасадорот на САД во ОН, Роберт Вуд, рече:

Воопшто не сме сигурни, се надеваме дека ќе имаме повеќе информации во наредните денови. Но, мислам, ајде… зошто Украина би го направила ова на сопствената територија и народ, да ја поплави својата земја, да принуди десетици илјади луѓе да ги напуштат своите домови – нема смисла.

Мартин Грифитс, претставник на ОН за хуманитарни прашања, не ја обвини Русија за одговорност за хуманитарната катастрофа, велејќи дека ќе се спроведе истрага, но тој тврди дека инцидентот немаше да се случи доколку не беше руската инвазија.

ОН „нема пристап до независни информации за околностите што доведоа до уништување на хидроцентралите“, рече тој, но додаде дека уништувањето на браната е едно од најзначајните оштетувања на украинската инфраструктура од војната, пренесува Гардијан.

Стејт департментот соопшти дека САД засега немаат доволно информации за причината за катастрофата на браната Нова Каховка.

Ќе дадеме целосни информации кога тоа ќе биде возможно, рече Ведант Пател, заменик портпарол на Стејт департментот.

Тој одби да ги коментира објавите во некои американски медиуми дека Вашингтон поседува разузнавачки информации што укажуваат на вклученста на Москва во саботажата на браната.

Ние продолжуваме да ги поддржуваме нашите украински партнери во нивните напори за заштита на територијалниот интегритет и суверенитет и во заштита на својот народ, рече Пател, додавајќи дека Вашингтон работи директно со Киев во пружање помош за настраданите од уривањето на браната.

Во услови кога Украина и Русија се обвинуваат меѓусебно за тоа кој ја срушил браната, а се најавуваат и истраги за тоа, не може со сигурност да се тврди дека Украина ја гранатирала браната, како што тоа се прави во постот кој го анализираме.

Факт е дека Украина немала  пристап до браната и дека таа е под контрола на руските војници. Понатаму, експерти посочуваат дека браната не може да биде уништена со гранатирање бидејќи има силна конструкција и многу веројатно е дека таа е уништена со  експлозија одвнатре, за што доказ е чадот на снимките кој се појавува во близина на руската стража.

Обединетите нации и САД не сакаат никого да посочат како директен виновник додека немаат конкретни информации.

 

hubmk