Русинот се криел во фрижидер од судски извршители во 2015 година, а не бегал од мобилизацијата на Путин

Published on:

Видеото прикажано во постот не е  сегашно и воопшто не се однесува на  мобилизирање на руски војници за да учествуваат во воената инвазија на Русија врз Украина. Клипот е од 2015 година и прикажува судски извршители кои бараат престапник кој не се појавувал на суд.Тој бил баран за кривично дело кражба, одбегнувал да се појави на судско рочиште и од судските извршители се скрил во фрижидерот во неговиот дом, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во којшто е споделено видео со опис „Руската полиција им помага на мобилизираните на патот до тренинг центрите”. Видео материјалот е објавен на 21 септември годинава, непосредно по објавата на рускиот претседател Владимир Путин дека ќе мобилизира 300 илјади руски резервисти за да војуваат во Украина. Видео материјалот од постот што го рецензираме, во горниот лев агол е обележан како „оперативно видео“. Кадрите прикажуваат полициски службеник кој влегува во живеалиште, изгледа како да врши претрес и пронаоѓа човек скриен во фрижидер по што го изнесува надвор.

На 21 септември Путин нареди во Русија да се спроведе првата мобилизација после Втората светска војна. Официјално таа се нарекува „делумна мобилизација“ со која постепено ќе се вклучат триста илјади резервисти од Русија во периодот од неколку месеци.

Видеото во склоп на постот што го рецензираме наводно покажува воени службеници кои бараат неволни регрути. Во него е прикажан човек во униформа кој врши претрес во куќа и на крајот пронаоѓа човек кој се крие во фрижидер. За ваквата сцена во постот што го рецензираме  со доза на иронија  се вели дека „руската полиција им помага на мобилизираните на патот до тренинг центрите“.

Меѓутоа, видеото не е  сегашно и воопшто не прикажува мобилизирање на руски војници за да учествуваат во воената инвазија на Русија врз Украина. Клипот е од 2015 година и прикажува судски извршители коишто бараат престапник кој не се појавувал на суд.

Проширената верзија од видео материјалот може да се пронајде и на Јутјуб, објавена на 19 февруари 2015 година од страна на руски регионален телевизиски канал. Во насловот од тоа видео, кој е напишан на руски јазик се вели дека прикажува жител на Екатеринбург, Русија, кој се крие од судските извршители во фрижидер бидејќи сакал да одбегне да се појави на суд. На веб-страницата на медиумот може да се пронајде и текст за конкретниот настан кој се случил во 2015 година.

Според написот, извршителите неколку часови дежурале пред врата на станот на прекршителот. Неговата мајка најпрво не ги пуштала да влезат, а потоа ги водела од соба во соба кажувајќи им дека нејзиниот син не е дома. Но, на излегување извршителите ги виделе работите на обвинетиот и почнале да претресуваат. Во фрижидерот го нашле триесетгодишниот Едвард по што тој веднаш бил изведен пред суд.

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека видеоматеријалот кој е споделен во постот [to го рецензираме, е споделен надвор од оригиналниот контекст. Видеото е веродостојно, меѓутоа временската рамка во која е споделено не кореспондира на фактите кои се наведуваат во насловот. Видеото нема врска со наредбата за мобилизација што Путин ја издаде, туку е од сосема друг настан во 2015 година, поврзан со судскиот систем во Русија каде граѓанин одбегнувајќи да се појави на судско рочиште се скрил од судските извршители во фрижидер во неговата куќа. Тој бил баран за кривично дело кражба.