Постот што го рецензираме го оценуваме како невистинит. Неточно се тврди дека земјотресот е произведен геолошки напад, дека повлекувањето на дипломатите било поради земјотресот и дека Турција решила да излезе од НАТО. Што се однесува на невистинитите за ковид вакцините и пандемијата кои ги споменува сенаторката Дијана Ловановици, истите Вистиномер ги има дебанкирано повеќепати, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.
Текстот подолу го пренесуваме во целост:
Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој се споделува видеоматеријал од обраќање за коешто во постот се тврди дека е на пратеничка од Собранието на Романија. Според авторот на постот, пратеничката кажала дека земјотресот во Турција и Сирија бил предвиден пет дена однапред и околу 10 амбасадори биле повлечени пред време.
Турција е втора по моќ воена сила во НАТО која реши да излезе, се тврди во постот што го рецензираме.
Кога ќе се слушне искажаното во видеоматеријалот споделен во прилог на овој опис, јасно е дека него нема ниту збор за тоа што авторот на постот го пишува.
Наспроти тоа, сенаторката Дијана Ловановици во видеото вели „веќе три години доживуваме кампања на масовно убивање било преку наводна пандемија и потреба да се вбризгуваат непроверени вакцини кои убиваат луѓе, било преку војни кои глобално ја намалуваат светската популација”.
Во горниот десен агол од видеото, испишано е Инфо Тим.
За сенаторката Ловановици е познато дека е една од главните фигури на антивакциналното движење во Романија и поддржува Романија да се повлече од ЕУ. Околу оваа политичарка има скандалозни ситуации без преседан. На пример, во декември 2021 година, италијанската телевизија Раи Уно, извести дека сенаторката лажно ја обвинила новинарката Луција Горачи, којашто ѝ правела интервју за ковид пандемијата, дека има во себе дрога и дека ѝ украла документи од станот. Поради обвиненијата на сенаторката, полицијата ја уапсила новинарката и ја пуштиле само после интервенција на италијанската амбасада во Романија. Ни дрога ни украдени документи не биле пронајдени кај новинарката.
Оваа сенаторка во романските медиуми е критикувана за нејзините блиски врски со Русија, а рускиот државно контролиран медиум Спутник ја означи за политичар на годината во 2021 во Романија. Ловановици на почетокот на руската инвазија врз Украина заедно со тројца други политичари се сретнала со рускиот амбасадор во Букурешт за меморандум во којшто се дискутира позиција на неутралност на Романија во инвазијата, без согласност од парламентарното лидерство. Еден од парламентарците поради овој состанок е исклучен од партијата веднаш после состанокот. Поддршка за оваа политичарка дала и хакерската група Килнет, којашто во 2022 година изврши серија сајбер напади на повеќе романски сајтови, откако таа кажа дека Романија не треба да се меша во војната.
Вистиномер го пронајде целосниот говор на сенаторката Дијана Ловановици (Diana Lovanovici). Видеото со целосниот говор во меѓувреме е отстрането од Јутјуб заради прекршување на стандардите на заедницата. Но, претходно, пред да биде избришано, имавме можност да го проследиме и во него се вели:
Сведоци сме на произведени земјотреси. Тоа е напад врз Турција од светски водечки луѓе. Позицијата на Турција на неутралност и посредништво во украинско руската војна е длабоко пореметена, особено што Турција е втората најголема сила во НАТО. Ставот да ја блокира Шведска за влез во НАТО како и говорот во Давос, како и тоа што си отиде среде конференција за инает на Клаус Шваб, не остана без одговор од тврдиот и ладен свет на светските лидери. Ама никој не претпостави дека луѓето ќе мора да гинат. Толку многу луѓе и така подло и тоа е само предупредување иако тоа подрачје нема голем број на жители.
Потоа сенаторката зборува дека „геолошкото оружје било користено и досега без голем број жртви но сега е спроведено во пракса“ и обвинува дека „24 часа пред земјотресот 10 држави ги повлекле своите амбасадори“.
Земјотресот во Турција и Сирија се случи во понеделникот на 6 февруари. Но, затворањето на конзулатите не е поврзано со земјотресот, ниту пак, тој бил планиран напад врз Турција, како што лажно се тврди во постот, туку затворањето на конзулатите е последица на тоа што Турција ги суспендираше преговорите за Шведска и Финска за влез во НАТО минатиот месец, после протест во Стокхолм за време на кој беше запалена копија на Куранот. Германија го затвори конзулатот поради ризици од напади.
После неодамнешните случаи во неколку европски градови каде Куранот беше јавно запален, безбедносните агенции веруваат дека ризиикот од терористички напади во Истанбул е зголемен, рекоа оттаму во службеното соопштение.
Исто така, затворањето на конзулатите е во Истанбул, а во Истанбул немаше земјотрес.
Самиот Ердоган не споменува небулози како изнесените од страна на сенаторката, дека западот му скроил земјотрес. Франција, Германија, Италија и САД имаа соопштенија до нивните државјани за зголемени ризици од напади во Турција, особено против дипломатски мисии и немуслимански религиозни објекти. Германија, Франција и Холандија беа меѓу државите што привремено ги затворија дипломатските мисии во Турција поради безбедносни причини.
Неточно е дека Турција излегува од НАТО. Ниту има ваква одлука, ниту се размислува за такво нешто.
Анкара не размислува да се повлече од НАТО, изјави пред две недели Омер Челик, портпаролот на Партијата на правдата и развојот (АК) на претседателот, Реџеп Таип Ердоган, откако во јавноста се ширеа такви шпекулации.
Тој во интервју за Си-Ен-Ен Турк кажа:
Ние се соочуваме со такви работи на секои избори (повици за прекин на членството на Турција во НАТО). Тоа не се работи за кои ќе се грижиме. Оние кои повикуваат да се прекине членството на Турција во НАТО, зборуваат бесмислено. Ова не доаѓа предвид. Ние сме една од земјите основачи на НАТО. Тие немаат право да кажуваат такви работи. Тоа што го велат би било луксуз за НАТО.
Турција се наоѓа на жариште за земјотреси.
Три тектонски плочи – арапската, анадолската и африканската плоча – се среќаваат во овој регион, и како што тие се лизгаат и се притискаат една со друга, создаваат триење и стрес што се ослободува како земјотреси, објаснува Јареб Алтавел, сеизмолог во Националниот Информативен центар за земјотреси во Колорадо.
Арапската плоча се движи кон север со брзина од околу 11 милиметри (нешто помалку од половина инч) годишно, вели Стивен Хикс, сеизмолог од Универзитетскиот колеџ во Лондон. Затоа Турција, која се наоѓа на плочата на Анадолија, е притисната на запад. Тоа движење значи дека Турција има две големи раседи од каде што потекнуваат земјотресите: раседот на Северна Анадолија долг 930 милји и раседот на Источна Анадолија долг повеќе од 300 милји.
Сејхун Пускулџу, сеизмолог и координатор на Турската фондација за земјотреси, со седиште во Истанбул, вели дека луѓето во Турција се многу свесни за нивната ранливост на земјотреси и дека овој земјотрес не е изненадување.
Атлантскиот совет предупредува дека има сè поголем број на објави на социјалните мрежи кои споделуваат теории на заговор за можниот „вештачки“ карактер на катастрофата, и дека тоа наводно се случува со цел да ја ослабат Турција по зголемените тензии со нејзините западни сојузници.
Овие малигни напори да се влијае на перцепцијата на јавноста за трагедијата треба да се сфатат сериозно, се вели во анализата на Атлантскиот совет.
Во јавноста се споделуваа и теории дека ХААРП-системот го предизвикал земјотресот, но беше брзо демантирано од турските експерти, велејќи дека таквите тврдења се „најголемата глупост што некогаш ја слушнале во своите животи“.
Поради сите горенаведени факти постот што го рецензираме го оценуваме како невистинит. Неточно е дека земјотресот е произведен геолошки напад, дека повлекувањето на дипломатите било поради земјотресот и дека Турција решила да излезе од НАТО. Што се однесува на невистинитите за ковид вакцините и пандемијата кои ги споменува сенаторката, истите Вистиномер ги има дебанкирано повеќепати, на пример овде, овде и овде.