Анализа на дезинформациите и теориите на заговор за „украинско сценарио“, „обоена револуција“ и „македонски мајдан“ со кои руската пропаганда и нејзините локални сојузници во текот на 2015 година наметнуваа наративи за оправдување на руската агресија кон Украина и антидемократските практики на популистичките режими на Путин и Груевски, нагласува новата анализа на Вистиномер, што подолу ја пренесуваме во целост:
Пишува: Жарко Трајаноски, медиумски аналитичар
Пропагандните обиди на официјална Русија, која се обиде да ги дискредитира антивладините протести во Казахстан како „обоена револуција“ диригирана и планирана на Западот, спаѓаат во доменот на „веќе видени“ комуникациски стратегии. Истиот ден кога претседателот на Казахстан, Касим-Жомарт Токајев пропагираше обид за државен удар и агресија од „странски милитанти“, претседателот на Руската федерација Владимир Путин зборуваше за мерки за спречување на сценарио за „обоени револуции“ и за примена на „мајдан технологии“ во Казахстан.
Изразот „обоени револуции“ е составен дел од официјалните комуникации на Кремљ, особено по настаните во Украина познати како „Портокалова револуција“ од 2004 година и „Евромајдан“ од 2012 година.
Москва ги смета „обоените револуции“ како безбедносна закана не само за Русија, туку и како светска закана, особено по завршувањето на „Украинската (Мајданска) Револуција“ во февруари 2014 година. И Путин зборува за заканите од „обоени револуции“ на „Третата московска меѓународна конференција за меѓународна безбедност“, која се одржува непосредно пред изборот на Петро Порошенко за претседател на Украина на 25 мај 2014. На конференцијата „обоените револуции“ се опишуваат како фактори за дестабилизација ширум светот, а истакнати се и критериумите за „извоз“ на „обоени револуции“ и аспектите на „војна со информации“.
„Обоените револуции“ не се само дел од руската воено-политичка пропаганда, туку и дел од воено-политичка доктрина за нивно сузбивање. Показател за тоа се заедничките вежби „Словенско братство“ во 2015 година, кои вклучуваа руски, белоруски и српски трупи, насочени кон сузбивање на „потенцијално Мајдан сценарио“, вклучително и на Балканот. Има сериозни индиции и за други активности на Србија и Русија за спротиставување на „обоени револуции“.
Руската воено-политичка пропаганда и доктрина за „обоените револуции“ беше применета и во контекст на политичката криза во Република Македонија во 2015 година. Македонија беше мета не само на пропагандни комуникации од официјална Русија, туку и плодна почва за дезинформации и теории на заговор за „украинско сценарио“, „обоена револуција“ и „македонски мајдан“.
Во оваа анализа ќе се задржиме само на првиот период од политичката криза – од објавувањето на случајот „Пуч“ до конечниот „Договор од Пржино“ – политичка рамка за мирно надминување на македонската политичка криза во 2015 година, која привремено ги растера мрачните теории на заговор за крвава „обоена револуција“. И во вториот период од политичката криза – од формирањето на СЈО, до одржувањето на предвремените избори во декември 2016 година, како и во третиот период – по предвремените избори до формирањето на политичката Влада на 31 мај 2017 година, имаше руски теории на заговор и дезинформации за „обоена револуција“ во Македонија, кои ќе бидат тема на дополнителни анализи.
На почетокот беше „Пуч“ – „украинско сценарио“ и спречена „обоена револуција“
Иако најави за „украинско сценарио“ имаше уште пред изборите во 2014 година, и на крајот од 2014 г., изразот „украинско сценарио“ беше особено експлоатиран по „официјалниот“ почеток на политичката криза во Македонија во 2015 година.
Како почеток на политичката криза обично се смета датумот кога тогашниот премиер, Никола Груевски јавно го обвини во тоа време опозицискиот лидер на СДСМ, Зоран Заев, за обид за државен удар во соработка со „странски служби“ (т.н. случај „Пуч“). Уследи и кривична пријава од МВР кое „информираше“ дека „за прв пат во историјата е реализиран случај во кој е сузбиен обид за загрозување на уставниот поредок и недемократско преземање на власта“. Официјална Москва веднаш реагираше со „стратешка комуникација“ во која беше поддржана официјалната приказна за спречен „државен удар“ од страна на лидерството на СДСМ, во соработка со „странски служби“. Ваквата изненадувачка комуникација од Москва предизвика медиумски наслови со „украинско сценарио“ и анализи дека соопштението на руското МНР за случајот „Пуч“ е во насока на поткрепа на руските интереси во Украина.
Истовремено, провладините пропагандисти започнаа жестока кампања против Зоран Заев како „пучист“ кој добил снимени материјали од странски служби. Во оцрнувачката кампања против Заев учествуваше и српскиот и проруски воено-политички пропагандист Мирослав Лазански, кој подоцна стана српски амбасадор во Русија. Негови изјави беа популаризирани во политичко шоу со прорускиот водител Миленко Неделковски на „Канал 5“, една од најгледаните телевизии.
Пред обелоденување на снимките од страна на опозицијата (популарно наречени „бомби“) медиумски се проширија теориите на заговори во македонските медиуми за обид за креирање на „украинско сценарио“, проследени со обвинувања дека Заев „со некоја си странска служба“ си дозволиле прислушување на државниот врв и на голем број граѓани“.
Откако Заев на 9 февруари 2015 година ги обвини тогашниот премиер Груевски и неговиот прв братучед (шеф на тајната полиција), Сашо Мијалков за масовно прислушкување на илјадници граѓани, во македонските медиуми почнаа да се шират теориите на конспирации за „украинско сценарио“ и „обоена револуција“, зајакнати од проруски пропагандисти.
На пример, прорускиот теоретичар на заговор Умберто Паскали, во интервју за програмата „Гласот на народот“ на ТВ Сонце, експлицитно обвини за очајнички обид за предизвикување на „соросоидна“ „обоена револуција““ за да се дестабилизирала Македонија. Пораките на Паскали беа дисеминирани со десетици написи со наслови од типот – „Паскали: Македонија ја избегна трагедијата во стилот на Украина, заговорот на Заев заврши со фарса“, на најгледаните телевизии како Сител и Канал 5, како и десетици други медиуми.
Други проруски аналитичари на руски пропагандни канали лично ги обвинија претставниците на САД за „пуч во Македонија во стил на Киев“, тврдејќи дека „бомбите на Заев“ му биле дадени од ЦИА. Ваквите конспирации пробија и во македонски тогашните провладини медиуми, со обвинувања дека „По Бугарија и Украина, нафташите ја уриваат и Македонија?!“, при што Сорос беше обвинет не само како финансиер на неуспешниот „македонски мајдан“, туку и за прислушкувањето на дури 20.000 Македонци.
„Обоената револуција“ во Скопје како Киев, „Турскиот поток“ и „Голема Албанија“
Додека опозицијата објавуваше снимени материјали кои укажува на корупција и кршење на законите од страна на власта, руската пропагандна теорија за „обоена револуција“ пробиваше во македонските медиуми. На пример, спутниковиот пропагандист Андреј Корибко, претставен како „руски аналитичар“ на ТВ „Сонце“ ќе истакне дека „Македонија е во средината на осмислена „обоена револуција“, при што Заев неуспешно се обидува да ги изведе Македонците на улица за да го претвори Скопје во Киев“.
Пропагандните тези на Корибко беа дисеминирани во македонски провладини медиуми и на руски пропагандни канали. И во својата радио емисија Корибко ќе интервјуира гости кои ќе ја поткрепуваат пропагандната теза дека обидот за „државен удар“ во Македонија, всушност, е „обоена револуција“, и дека таа е поврзана со теоријата на заговор за спречување на „Турскиот поток“. Еден од гостите, водител на македонска пропагандна емисија во која претходно како аналитичар гостуваше неговиот руски водител, ќе истакне дека „Македонија не е Украина“, дека нема да биде дестабилизирана, дека нема да има „обоена револуција“ или граѓанска војна, и дека поддршката за „Балканскиот поток“ е голема. Приказната за поврзаноста помеѓу „Турскиот поток“ и „обоената револуција“ предизвикана од Запад беше тема и на други руски пропагандни канали кои нудеа геополитички аргументи, насочени не само кон Македонија, туку и кон Србија и Бугарија.
Откако Путин на меѓународна конференција во Москва во април 2015 година повторно ја истакна опасноста за меѓународната безбедност од различни сценарија за „обоени револуции“ кои предизвикуваат насилство и хаос, руските пропагандни канали продолжија со конспирациите за обоена револуција во Македонија.
Внесоа и нови елементи – „албанскиот тероризам“ и „Голема Албанија“. По вооружниот напад кај Гошинце, кога беше нападната караула на македонската гранична полиција од страна на вооружена група од Косово, реагираше вознемирена Москва. Истовремено, Спутник ги обвини САД за обид да ја трансформираат неуспешната „обоена револуција“ во Македонија во неконвенционална војна со која би ја неутрализирале геостратешката рута за „Турскиот поток“. Пораката дека „Гошинце е дел од „обоената револуција“ во Македонија“ беше ширена во македонските медиуми и од други проруски пропагандисти.
Официјализирање на пропагандната приказна за „обоена револуција“ против „Турскиот поток“
Руската „неофицијална“ пропагандна приказна – дека во Македонија се случува обид за „обоена револуција“, кој е во директна врска со рускиот енергетски проект „Турски поток“, се „официјализираше“ дури по посетата на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во Белград на 15 мај 2015 година.
Претходно, во Македонија се случија три клучни настани кои ја распламтеа политичката криза: Полициската бруталност на протестите на 5 мај 2015 година кои беа токму против полициската бруталност, најавата за масовен опозициски протест на 17 мај кој беше пропагандно атакуван како „украинско сценарио“, и вооружениот конфликт во Куманово на 9 -10 мај 2015 година, по кој тогашниот претседател на државата Ѓорге Иванов мораше да ја прекине посетата на Москва за одбележувањето на победата на фашизмот и да го свика Советот за безбедност.
Неколку дена по драматичниот конфликт, на 12 мај уследија оставки на министерката за внатрешни работи, шефот на тајната полиција – првиот братучед на Никола Груевски и уште еден министер за кој беа обелоденети големи злоупотреби во објавените снимки. Овој конфликт беше толкуван од руски пропагандисти како „ѓаволски план за дестабилизација на Македонија“, а лидерите на опозицијата беа нарекувани „Арсениј Јаценук и Петро Порошенко од Македонија“.
Иванов одлучи да присуствува на големата парада на 9 мај во Москва наспроти бојкотот од страна на Западот поради руската анексија на Крим, а неговото присуство, првично соопштено од страна на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, беше брането со фразата „политика на отвореност кон сите“. На средбата со Путин, според кабинетот на Иванов, било изразено „заемно задоволство од континуираниот позитивен тренд на односите“.
Во мај 2015 година (про)руската пропагандна машинерија беше посебно преокупирана со Македонија. Продолжи толкувањето на политичките состојби во Македонија низ призма на „обоена револуција“ и „украински сценарија“. Притоа, се ширеа и демонизирачки паралели со Украина и мрачни геостратешки теории на заговор со привикување на „Голема Албанија“. Затоа, воопшто и не е изненадувачки што рускиот министер Лавров при посетата во Белград на 15 мај 2015 година доби експлицитно прашање дали има паралела меѓу ситуацијата во Украина и Македонија. Лавров испрати порака дека настаните во Македонија и проруските политики биле поврзани, односно, дека имале врска со одбивањето на Македонија да воведе санкции кон Русија и плановите за изградба на гасоводот „Турски поток“. Еден ден откако Лавров ja „верификуваше“ теоријата на заговор за „Турскиот поток“, претходно комуницирана на руските пропагандни канали, МНР на руската федерација одговори потврдно на директното прашање што го избегна Лавров, укажувајќи дека земјата е втурната во амбисот на „обоена револуција“.
Приказните за „Обоената револуција“ и „Контра-обоената револуција“ во мај 2015
Имајќи ја предвид големата пропагандна приказна од Москва за обид за „обоена револуција“ во Македонија, тогаш македонските провладини медиуми се обидоа да го дискредитираат најавениот голем протест од страна на опозицијата на 17 мај 2015 година како „украинско сценарио“. Во една колумна насловена „Украинско сценарио“ се антиципира дури и барање на воена помош од „донбаските командири Моторола или Призрак“ кои би биле распоредени во Полог.
Дел од провладините медиуми објавуваа драматични предупредувања дека за 17 мај имало „крвав и пеколен план за насилство“, и пропагандни предвидувања за „украинско сценарио“, односно, за насилни протести „по теркот на Украина“.
Наспроти медиумските мрачни предвидувања, на 17 мај 2015 година се одржа масовен мирен опозициски протест, со легитимни демократски барања од страна на опозицијата. Откако не се остварија пропагандните најави за пеколно „украинско сценарио“, руските пропагандни канали ја ширеа теоријата дека сепак било спречено насилство на 17 мај.
Во овој период може да се забележи дека руската пропаганда користи флагрантни дезинформации обидувајќи се да го дискредитира лидерот на опозицијата Зоран Заев, импутирајќи му изјави што содржат закани за војна. Руската пропаганда се обиде да ја прошири дезинформација дека тогашниот лидер на СДСМ, Заев зборувајќи на масовниот протест на 17 мај 2015 година рекол дека ако Груевски не си замине „Македонија ќе види војна, како во Украина“. Заев немаше таква изјава на протестниот собир на „Граѓаните на Македонија“, ниту пак, македонските медиуми известија дека во говорот на Заев имало некакви закани за војна, „како во Украина“.
Eден ден по масовниот опозициски протест пред владата, се одржа исто така масовен провладин протест пред собранието на кој опозицијата беше обвинувана дека „приредува чинови на украинската драма“, а лидерот на опозицијата беше споредуван како „украински Кличко“. Првично, „Спутник“ објави информација дека на провладиниот протест имало 30 илјади луѓе, за веќе следниот ден провладиниот протест да биде прогласен за „најголем во историјата на земјата“, на кој учествувале 90 илјади луѓе.
На 19 мај 2015 година руската пропагандна машинерија испрати порака дека „Обидот за државен удар од страна на Западот нема да успее во Македонија“. Во руска „Правда“ Западот беше обвинет дека „дејствува во Македонија следејќи Киев Мајдан сценарио“, и се заговараше идејата дека Русија мора да изгради силна православна коалиција во Европа за да го победи Западот.
На крајот на мај 2015 година, кога го прима новиот македонски амбасадор во Русија, Путин им дава поддршка на македонските власти за нормализирање на ситуацијата, истакнувајќи дека Русија и Македонија имаат „длабоки историски корени, културна и духовна блискост“.
И по големите опозициски и провладини протести, руската пропаганда не мируваше. Рускиот министер за надворешни работи Лавров направи експлицитни паралели на ситуацијата во Македонија со Украина, повторувајќи ги тезите дека настаните во Македонија се оркестрирани однадвор, како резултат на одбивањето да се воведат санкции кон Русија и поради поддршката на „Турски поток“. Лавров обвини за надворешно искористување на „албанскиот фактор“, и ширеше конспирации за натамошно федерализирање на Македонија и поделба на земјата помеѓу Албанија и Бугарија.
Со формирањето на опозициски камп пред зградата на Владата повторно се засилија мрачните теории за „украинско сценарио“ и граѓанска војна. Опозиционерите беа пропагандно дискредитирани и жигосувани од руските медиуми како „пета колона“, која сака да креира „нов Мајдан, како во Украина“, односно, нова „обоена револуција“. Некои руски пропагандисти се обидоа дури да ја именуваат како неуспешна „кармин револуција“.
Наспроти омаловажувањето и потценувањето на бројноста на „обоената револуција“, „Спутник“ ја фаворизираше „контра-обоената револуција“ – како отпор против надворешно вмешување и народна поддршка на демократски избраното водство кое се спротиставило на санкции кон Русија и испратило свој лидер на прославата на 9 мај 2015 година во Москва. На руските пропагандни канали, Македонија се третираше како нов пример за успешно спротиставување на „обоените револуции“, со т.н. „масовни анти-Мајдан демонстрации“. „Македонскиот отпор“ добиваше отворени честитки од руските пропагандисти заради успешно справување со обидот за „обоена револуција“.
Се разбира, руската пропаганда активно ја помагаше т.н. „контра-обоена револуција“, со обиди да го дискредитира опозицискиот камп пред владата, на кој се организираа граѓански трибини и се бараа решенија за мирен излез од кризата. На пример, познатиот руски тв-водител и пропагандист Дмитриј Киселев на 24 мај 2015 година ќе го најави пропагандниот прилог за опозицискиот камп како „Мајдан во Македонија“ кој продолжува да се развива по класично „украинско сценарио“. Иако во пропагандниот прилог има и изјава на лидерот на опозицијата Заев кој испраќа експлицитни пораки против употреба на насилство, целиот прилог е обид да се направи дискредитирачка паралела помеѓу насилниот „мајдан“ во Украина и Македонија. Опозициските кампери пред владата се оцрнуваат како активисти со неонацистички ставови или хулигани тренирани и платени од Сорос за провоцирање на насилни протести.
Дури и по експлицитното оградување на Заев од „украински сценарија“, официјални руски претставници продолжија со теориите на заговор за „обоена револуција“. На пример, рускиот заменик министер за одбрана Антонов на меѓународна конференција ќе истакне дека бранот на „обоени“ револуции лансирани однадвор стигнал и до Македонија, споредувајќи ја „епидемијата на „обоени револуции“ на Блискиот исток“ со уништувачки ураган.
„Обоена револуција“ и „украинско сценарио“ во контекст на „Договорот од Пржино“
Македонската политичка криза во 2015 година беше привремено надмината со „Договорот од Пржино“ (2 јуни и 15 јули 2015) – политичка рамка, базирана на европски демократски принципи, која предвидуваше предвремени парламентарни избори во 2016, враќањето на опозицијата во собранието, двајцата владини министри од опозицијата и нов специјален јавен обвинител.
Меѓутоа, и кога беше јасно дека ќе се постигне политички договор, руската пропагандна матрица продолжи со теориите на конспирација за насилно „украинско сценарио“ лансирано однадвор. Спутник Србија експлицитно ги обвини Американците и Британците како организатори на нападите во Куманово.
Во исто време, на проруските пропагандни канали се актуелизираше идејата за „Голема Албанија“. За проруските пропагандисти, политичката криза во Македонија експлоатирана низ призма на „украинско сценарио“ беше одличен повод за таргетирање на политиките на САД, и на нивните официјални претставници на Балканот.
Дури и кога летото во 2015 година не се остварија проруските-медиумски пророштва за пеколно „украинско сценарио“ во Македонија, руските пропагандисти продолжија да го таргетираат лидерот на опозицијата Заев како „Порошенко или Јаценук“. И по потпишување на „Договорот од Пржино“ руските пропагандни канали предлагаа проруски решенија за политичката криза – обединување на опонентите на ЕУ политиките во Македонија со сојузник како Русија и со другите земји од БРИКС.
Заклучок: Обоената пропаганда на Москва за „обоена револуција“
Политичката криза во Македонија во 2015 година беше искористена како плодна почва за руски „стратешки комуникации“. Сензационалистичките изрази „украинско сценарио“, „обоена револуција“ и „македонски мајдан“ беа дел од добро организирана пропагандна кампања во 2015 година.
Пропагандната кампања беше пристрасна и „обоена“, со очевидна цел да ја оцрнува и делегитимира прозападната опозиција, и да ја легитимира власта која беше обвинета за корупција, изборни измами и злоупотреби на институциите за партиски и приватни цели.
Сеејќи стравови за „украинско сценарио“, „обоена револуција“ и „македонски мајдан“, руската пропаганда успешно ја искористуваше македонската политичка криза уште од самиот почеток – не само за да ги таргетира Западот, НАТО и ЕУ, како фактори за дестабилизација, туку и за да го зголеми своето политичко влијание во Македонија и на Балканот. Руската пропагандна кампања во Македонија продолжи и со продлабочувањето на политичката криза во 2016 и во 2017 година, како што ќе видиме во вториот дел од анализата.