Вистиномер: Зеленски не им дал наредба на украинските војници ,,да уништат сè што ќе им дојде на нишан”

Published on:

Дел од насловите во медиумите каде што се тврди дека украинскиот претседател Зеленски изјавил „уништете сè што ќе ви дојде на нишан“ се неточни, односно тоа е нешто што Зеленски го нема изјавено во својот говор, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Откако Русија ја нападна Украина, украинскиот претседател Володимир Зеленски одржа говор кој во дел македонски медиуми беше коректно пренесен, меѓутоа дел од нив пренесоа сензационалистички наслови кои не беа точни, во кои се велеше дека Зеленски изјавил: „Уништете сè што ќе ви дојде на нишан, Зеленски им издал храбра наредба на украинските војници“. Еден таков пример може да се погледне на следниот тука, а и на следниот линк.

Токму овој дел од насловот, „уништете сè што ќе ви дојде на нишан“ е нешто што Зеленски го нема изјавено. Ова е слободна интерпретација на неговиот говор по руската инвазија врз Украина, што е невистинита.

„Сè што ќе ви дојде на нишан” може да се сфати односно да се интерпретира на различни начини, па дури и дека Зеленски повикува да се „уништат“ невооружени војници кои се повлекуваат свртени со грб, нешто што е спротивно на Женевските конвенции.

Што всушност изјави Зеленски?

Генерал-мајор Валериј Залужни, изјави дека „врховниот командант на вооружените сили на Украина издал наредба да се предизвикаат максимални загуби против агресорот”. Официјалното соопштение може да го прочитате овде, на веб-страницата на Министерството за одбрана на Украина.

Зеленски пак, во говорот ги повика граѓаните на Украина да се приклучат кон одбраната:

Секој со армиско искуство, кој може да се приклучи кон одбраната на Украина мора да дојде во канцелариите на војската во Министерството за внатрешни работи. Ве молам бидете во тек со најновите информации. Имаме повредени војници во болниците за кои е потребно да се донира крв. Ве молам дарувајте крв. Работиме сериозно на одбраната и секој бизнис или бизнисмен треба да помогне. Ве молам грижете се за вашите работници и вработени, сите луѓе треба да имаат достапни услуги и производи. Банкарскиот систем на Украина ги има сите потребни ресурси за да ја заштити државата и интересите на украинските државјани. Благодарен сум им на сите политичари кои ја поддржуваат Украина и го бранат нашиот суверенитет. Сите сме украински државјани и сега ја браниме нашата држава. И ќе се бориме за нашата држава и ќе ја поддржуваме нашата земја насекаде, во секој град. Вооружените сили се подготвени да ја бранат нашата земја во рамките на територијалната одбрана. Утринава, драги граѓани, се претвори во историја. Поинаква историја за нашата земја и за Русија. Ги прекинавме дипломатските релации со Русија. Украина сега се брани. Нема да се откажеме од нашата независност. Независноста и нашето право да живееме во сопствена земја, е највисока вредност. Ја нападнаа нашата држава рано утрово исто како што фашистичка Германија го направи тоа во Втората Светска војна. Денеска, двете држави се на различни страни од историјата. Руската федерација е на страната на злото. Но, Русите ќе одлучат денеска на чија страна ќе се приклонат. Тие со совест, треба да застанат против војната со Украина. Сакам да им се обратам на украинските државјани кои зборуваат руски. Знам дека оваа информација не е дозволена на вашите канали. Ја блокираа. Злата желба да се уништи украинската нација, не може да се блокира. Не може да се избрише историјата. Затоа драги украински државјани, тие кои имате роднини во Русија сигурен сум дека ги имате, пријатели, зборувајте со нив, кажете им што се случува, да знаат.

Во претходен говор пак, Зеленски повторно не ја користи фразата „уништете сè што ќе ви дојде на нишан”, туку им се обраќа на граѓаните на Украина, да останат смирени и доколку можат, да останат во своите домови:

Работиме, армијата работи. Целосниот сектор за безбедност и одбрана на Украина работи. Јас и Советот за национална безбедност и кабинетот на министри на Украина постојано ќе ви се обраќаме. Без паника. Силни сме. Подготвени сме на сè. Сите ќе ги победиме зашто ние сме Украина. Слава и на Украина!

 

Поради погораневеденото, оценуваме дека насловите во дел од медиуми во кои се тврди дека украинскиот претседател Володимир Зеленски одржал говор и изјавил „уништете сè што ќе ви дојде на нишан, Зеленски им издал храбра наредба на украинските војници“ се неточни и содржат дезинформација.