Зеленски не ја претвора војната во религиозна, туку ја брани Украина од руска пропаганда во црквите

Published on:

Руската православна црква и нејзиното водство активно ја поддржуваат агресијата на Путин на Украина. Тајната служба на Украина има регистрирано случаи во кои свештенството на Украинската православна црква – Московска патријаршија се вклучувало во оправдување на руската агресија против Украина и колаборација со руски трупи во окупираните територии. Поентата на новиот закон е да се спречи Русија преку црквата во Украина да инсталира свои мрежи, а безбедносните служби на Украина веќе предупредија на тоа. Во меѓувреме, Украинците потпишуваат петиции за да го преземат имотот на московската патријаршија, како што е случај и со црквата во која се случила пресметката презентирана во видеото, а каде свештеник нападнал украински војник, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели:

Целта на владата на Зеленски не е замо да ја прекине духовната врска меѓу рускиот и украинскиот народ, туку да ја претвори војната во најлошата форма – религиозна.

Зошто Западот ја поддржува оваа политика гнасна на Украина?

На видеоматеријалот споделен во склоп на постот се гледа дека има вербален и физички дуел во кој свештеник во православен храм физички напаѓа и соборува на подот човек кој е облечен во војнички панталони и го исфрла од храмот.

Медиумите известија за овој инцидент во кој свештеник нападнал војник кој се борел на украинска страна. Според Киев Индепендент, храм во градот Хмелницки контролиран од Украинската православна црква Московска патријаршија (блиска до Русија), ја одржал првата богослужба на украински јазик откако свештеник нападнал украински војник во просториите на црквата.

Откако видеото од инцидентот се прошири, стотици Украинци протестираа пред црквата барајќи религиозните лидери на московската патријаршија да го напуштат храмот. Локалните жители организираа собир и собраа потписи за имотот на црквата да се префрли на Православната црква на Украина. Украински војник по име Данило за медиумот Хромадске изјавил дека пререгистрацијата на црквениот имот е на пат да се случи. Видеото објавено од советникот во советот на Хмелницки, Виктор Бурлик, покажува човек во униформа којшто е удиран од страна на свештеник кому му се приклучуваат други лица и го туркаат во ѕидот. Војникот се жали за московската патријаршија која ефективно оперира како украински огранок на руската православна црква. Во еден момент тој кажува дека не може да дише. Бурлик го идентификува војникот како Артур Ананиев, волонтер кој во битка бил повреден во главата, пишува Киев Индепендент.

Православната црква на Украина доби автокефалност од Константинопол во јануари 2019 година. Неодамна се појавија тензии меѓу двете цркви откако Киев нареди религиозните лидери од московската патријаршија да ги напуштат просториите на Киевско-печерската лавра. Безбедносните служби на Украина официјално го обвинија митрополитот Павло Лебид за тоа дека ја поддржува украинската војна. Украина долго време ги обвинува претставниците на Московската патријаршија во Украина дека служат како продолжена рака на пропагандата на Кремљ.

И ДС Њуз известија дека верниците од конкретната црква собрале потписи да се префрлат во Православната црква на Украина.

Безбедносните служби на Украина при претреси во неколку цркви поврзани со Московската патријаршија пронашле пропаганден материјал за поддршка на Русија.

Во изјава од Службата за безбедност на Украина (СБУ) за Си Ен Ен, се вели дека не е илегално да се има руска пропаганда, но е илегално истата да се дистрибуира.

Ако таква литература е во библиотеката на црквата или на полиците од црковната продавница очигледно е дека е за масовна дистрибуција, изјавиле од Украинската служба за  безбедност за  Си Ен Ен.

Претресите на црквите во Украина кои се блиски на Москва, за Украина претставува стриктно национално безбедносно прашање, а не прашање на религија.

Професор Виктор Јеленски за Си Ен Ен вели дека повеќе од 30 години раководството на Украинската православна црква, Московска патријаршија ги „труе луѓето со идеја за рускиот свет“. Тој ги брани претресите што безбедносните служби ги спроведувале во црквите споредувајќи ги со сузбивањето на исламскиот екстремизам по 11 септември 2001 година.

Центарот за стратешки комуникации под Министерството за култура и информациски политики на Украина најде дека во украинската црква Московска патријаршија се шири руска пропаганда, дека се покриваат активности на непријателски служби и дека се регрутираат руски агенти.

Имено, украинската влада, како што пренесе Ројтерс во декември 2022 година, подготвува закон со кој ќе се забранат црквите поврзани со Русија, а со цел да се спречи Москва да ја ослабне Украина однатре.

Со потег кој беше осуден од страна на Москва, Советот за национална безбедност ѝ наложи на владата да изработи закон, после серија на упади врз верници за кои Киев тврди дека може да примале наредби од Москва, откако Русија почна војна врз Украина, извести тогаш Ројтерс.

Законот предвидува религиозните организации со „управувачки центри“ во Русија да ги сменат нивните имиња и експлицитно да ги идентификуваат нивните врски со Москва. Законот им забранува на овие организации да ги испраќаат своите припадници во украинската армија. Овој закон беше оспорен пред украинскиот уставен суд и во декември 2022 судот го прогласи за уставен. Тоа ја отвори вратата за присилно преименување.

Зеленски наложи законите да бидат донесени есента 2022 година, притиснат од неколку случаи каде свештеници од Украинската православна црква соработувале со руската армија.

Од октомври до декември 2022 година Тајната служба на Украина изведе неколку претреси на имот на Украинската православна црква и во домовите на свештенството низ земјата и нашла руска пропаганда, доказ дека некои од свештениците имале руско државјанство.

Конечно, во декември 2022 година базирано на одлуката од Советот за национална безбедност, Зеленски побара кабинетот на министри да изработи закон кој ќе ги забрани религиозните организации поврзани со Москва, со напомена дека законот мора да е во согласност со обврските на Украина кон Советот на Европа.

Руската православна црква и нејзиното водство активно ја поддржуваат агресијата на Путин против Украина. Тајната служба на Украина има регистрирано случаи во кои свештенството на Украинската православна црква се вклучувало во оправдување на руската агресија против Украина и колаборација со руски трупи во окупираните територии.

Во декември 2022 година свештеникот од Украинската православна црква, Андреј Павленко беше осуден од украински суд зашто шпионирал за Русија.

Зеленски на крајот од 2022 ги повика украинските членови на парламентот да видат како да биде превенирано православната црква под директна контрола на Москва да не може да оперира во Украина.

Зеленски рече дека  е неопходен закон што ќе оневозможи религиозни организации поврзани со центри на влијание во Руската Федерација да оперираат во Украина, реферирајќи на Украинската православна црква поврзана со Москва.

После ова, Димитриј Медведев го нарече Зеленски непријател на Христос и на православната вера. Но, ова не е логично, затоа што според Pew Research Center од Вашингтон, 78 проценти од Украинците се идентификуваат како православни.

Ним е им е ускратена можноста да одат во православна црква, само што таа нема да смее повеќе да биде поврзана со Москва.

Поради сите горенаведени факти постот што го рецензираме го оценуваме како невистинит. Не е точно дека Зеленски ги затвора црквите и дека ја претвора војната во религиозна. Зеленски не ја почна војната во Украина, туку тоа го направи Путин со што ја разниша духовната врска меѓу рускиот и украинскиот, народ па сега Украинците потпишуваат петиции за да го преземат имотот на Mосковската патријаршија, како што е случај и со црквата во која се случила пресметката презентирана во видеото, а каде свештеник нападнал украински војник. Како што кажавме погоре, поентата на новиот закон е да се спречи Русија преку црквата во Украина да инсталира свои мрежи, а безбедносните служби на Украина веќе предупредија на тоа.

hubmk