ЕУ не ги негира македонскиот народ, историја и државност

Published on:

Фактите говорат дека ЕУ на ниеден начин не ги спори, македонскиот јазик, идентитет, државност. Причината поради која Украина и Молдавија ги почнаа преговорите за членство во ЕУ пред Северна Македонија, не се поврзани со тоа што ЕУ ја спори македонската нација, јазик, историја или државност, туку затоа што никој не стави вето на почетокот на преговорите. За разлика од ова, кога станува збор за С. Македонија, вето најпрвин стави Грција заради името, а сега и Бугарија, која побара внесување на бугарското малцинство во земјава во Уставот

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Може Украина и Молдавија да станат членки на ЕУ?
 Само Македонија со народ Македонци не може да влезе во ЕУ?
 СО ВАКВА ДВОЛИЧНОСТ, ДВОЈНИ АРШИНИ И НЕГИРАЊЕ НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД, ИСТОРИЈА, ДРЖАВНОСТ;
 ОДГОВОРОТ САМ СЕ ПИШУВА: НЕ ЗА ВЛЕЗ НА МАКЕДОНИЈА ВО ЕУ!!

Преку пласирање на невистинити информации, како тие дека „ЕУ ги негира македонскиот народ, историја и државност“, во објавата се прави обид да се промовира анти-ЕУ наративот. Украина и Молдавија не се станати членки на ЕУ, туку Европскиот совет одлучи да започне преговори за нивно приклучување кон ЕУ.

На  5 декември годинава, преведувачките служби на ЕУ го отворија повикот за толкувачи со македонски јазик, информира вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

Македонскиот јазик во ЕУ. Преведувачките служби на ЕУ го отворија повикот и организираат тестирања за акредитација на конференциски толкувачи со македонски јазик (МК) како А-јазик. Краен рок за поднесување онлајн апликациии е 19.01.2024, напиша Маричиќ на Фејсбук.

Што се однесува на македонскиот јазик, премиерот Димитар Ковачевски веќе повеќепати има обзнането дека тој е дел од европските јазици. Тој на 20 јуни годинава рече дека македонскиот јазик е научна книжевна и политичка реалност во Македонија и во светот, како и дека е дел од европските јазици, стои испишан на преведувачките кабини во Брисел, целото ЕУ законодавство се преведува на македонски и билатералниот скрининг се одвива на македонски јазик.

Со тоа не постои поголема потврда и поголем доказ дека македонскиот јазик веќе, со одлуките што ги донесовме минатата година, е дел од европските јазици, односно јазиците на ЕУ, рече Ковачевски.

Тој додаде дека првиот договор со ЕУ веќе е потпишан на чист македонски јазик. Тоа се случи на 26.10.2022 година кога беше најавено потпишувањето на договорот со ФРОНТЕКС, односно Европската агенција за гранична и крајбрежна стража.

Значаен е, бидејќи тоа е прв договор меѓу ЕУ и Република Северна Македонија кој ќе биде потпишан на македонски јазик. Второ, од аспект на оперативната активност многу значајно е што со овој Договор ќе овозможиме подобра заштита на границите и брзо распоредување на персонал и опрема на Фронтекс на критични точки на границите, изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски за Дојче Веле.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, пак, на 7 декември 2023 година изјави оти македонскиот јазик во преговарачката рамка стана европски јазик, без никакви додавки.

Ние не работевме за да ја убедиме Бугарија, ние работевме за да изградиме ѕид помеѓу Бугарија и Брисел, бугарските барања да не можат да пробијат во Брисел, Преговарачката рамка е сега филтерот низ којшто сега поминуваат бугарските барања. Не може да помине ништо што не го предидува филтерот наречен Преговарачка рамка. Протоколот не е дел од поглавјата. Гаранциите ги добивме преку Преговарачката рамка во кои што прво македонскиот јазик за прв пат стана европски јазик, без никакви додавки. Гаранција се начинот на кој што се отвараат поглавјата во кои што нема билатерални прашања освен Акцискиот план за малцинства т.е. човековите права и уставните измени. Гаранција е Резолуцијата на германскиот Бундестаг, гаранција е изјавата на бугарската Влада дека нема да има нови барања. Значи вие може да измислите милион други потреби за гаранции, но патот е овој, нема друг пат, нагласи Османи.

Исто така, Бундестагот на 15 јуни годинава ја изгласа резолуцијата со која се дава поддршка на македонскиот идентитет, јазик и култура.

„Со оваа резолуција им оддаваме длабока почит на  македонскиот идентитет, јазик, култура и историја“, порача од говорницата државната министерка во германското МНР, Ана Лирман која го претстави предлогот пред пратениците. Лирман најави дека наскоро повторно, по четврти пат во последната година, ќе дојде во Скопје заедно со нејзините колеги од Франција и Полска во обид да се охрабрат уставните измени.

Граѓаните ја губат вербата во ЕУ перспективата. Мора да ја вратиме довербата во ЕУ и да ги искористиме сите можности за да ги охрабриме нашите партнери во Северна Македонија, рече Лирман најавувајќи ја посетата.

Нејзината порака е дека промената на Уставот не го загрозува македонскиот идентитет, туку напротив, го зајакнува мултиетничкиот карактер на државата, пренесе Дојче Веле.

Лирман додаде дека тврдењата дека ова ќе го загрози идентитетот се погрешни и дека „вметнувањето дополнителни заедници во Уставот, напротив само ќе го зајакне мултиетничкиот карактер на државата која е пример за целиот регион”.

Во објавата се тврди дека Македонија дека ЕУ го оспорува македонскиот народ, што не е вистина. Македонскиот народ никогаш не бил предмет на оспорување на ЕУ.  Премиерот Димитар Ковачевски на 6 декември годинава порача дека членството во Европската Унија игра клучна улога во консолидирањето и унапредувањето на македонскиот идентитет и нуди негова трајна заштита во европски и во глобални рамки. Ова тој го истакна во обраќањето на дебатата во Европскиот парламент посветена на проширувањето на ЕУ со европратеници од редовите на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократи. Во истата прилика, европратениците  ја истакнаа и обврската на македонското Собрание да ја преземе одговорноста со усвојување на уставните измени и да и овозможи на државата да оди напред кон реализација на европската агенда и полноправно членство во ЕУ.

Причината поради која Украина и Молдавија ги почнаа преговорите за членство во ЕУ пред С. Македонија, не се поврзани со тоа што ЕУ ја спори македонската нација, јазик, историја или државност, туку затоа што најпрвин Грција имаше забелешки во однос на името и стави вето врз почетокот на преговорите, а потоа Бугарија, исто така, излезе со свои забелешки и побара внесување на бугарското малцинство во земјава во Уставот. Ваквиот услов надлежните во С. Македонија ги прифатија. Од друга страна, пак, никој не стави вето на предлогот за започнување на преговорите за пристапување на Украина со ЕУ. Точно е дека Унгарија преку нејзиниот премиер Виктор Орбан имаше забелешки во однос на ова, но тој одлучи да не гласа против, односно да не стави вето, туку излезе од салата кога се гласаше за ова на 14 декември 2023 година и со тоа не беше нарушен неопходниот консензус во ЕУ при донесувањето на оваа одлука.

Но, ова не значи дека „само Македонија со народ Македонци не може да влезе во ЕУ?“ Ова не го исклучува влегувањето на С. Македонија во ЕУ, туку се чека земјава да ги исполни договорените обврски со Бугарија и потоа да ги започне преговорите за членство.

Понатаму, фактот што Унијата изгласа започнување на преговорите со Украина, не значи дека оваа земја ќе влезе во ЕУ веднаш или пред С. Македонија. Украина е многу поназад од земјава со синхронизацијата на своето законодавство со европското отколку С. Македонија. Нашата земја на ова работи од 2005 година, кога станавме земја кандидат за членство во ЕУ. Понатаму, останува нејасно како Украина ќе ги исполни условите неопходни за членство, како, на пример, владеење на правото на целата своја територија, кога околу 20 отсто од територијата на земјата е под окупација на руските оружени сили, кои сега веќе и се анекстирани од Русија и претставуваат дел од територијата на Русија според рускиот Устав. Да не говориме и за фактот што Орбан после гласањето изјави дека неговата земја и тој самиот ќе имаат уште 75 можности за ставање пречки во текот на преговорите на Украина со Унијата.

Сетоа ова покажува дека не е точно оти С. Македонија не може да стане членка на ЕУ, како и дека патот на Украина до полноправно членство во Унијата е тежок и долг и ќе трае многу години.

Сите горенаведени факти говорат дека ЕУ на ниеден начин не ги спори македонскиот јазик, идентитет, историја или државност. Земјава е демократска и суверена, а јазикот, идентитетот, државноста не се предмет на негирање од страна на ЕУ. Поради сето ова објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистинита.