Нема докази дека Украина во војната со Русија губи по 30 илјади војници месечно

Published on:

Поранешниот јавен обвинител на Украина, Јуриј Лученко изнесува шпекулативни податоци за бројот на убиени и повредени војници. Впрочем и самиот во неговата изјава ги повикува властите на Украина да ги објават точните бројки на настрадани војници, што потврдува дека тој ги немал и не говорел врз основа на официјални податоци. Украина не ги соопштува бројките за своите загинати и повредени војници од почетокот на руската инвазија.  Досега сите објавени  бројки за загинати и повредени припадници на украинската армија се или проекции, или претпоставки

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Вистината почнува да протекува дури и од Украинците. 
Украина губи 30 илјади луѓе месечно убиени и тешко ранети во војната.
 Ова го изјави поранешниот јавен обвинител Јуриј Луценко на ТВ каналот Pryamoy.
 Според него, властите треба да ги објават реалните бројки на загубите на украинската армија за да им ја покажат на луѓето сериозноста на ситуацијата и со тоа да ги мотивираат да служат во вооружените сили на Украина, а не со сите средства да избегнуваат мобилизација.

Во склоп на објавата се споделува напис од 7 јануари 2024 (од ctrana.news), каде пишува дека Лученко кажал оти 30 илјади Украинци секој месец умираат или се тешко ранети во војната  со Русија.

Не постои потврда од страна на украинската влада, украинскиот претседател, украинското Министерство за одбрана или која било друга официјална институција на Украина за бројот на жртвите и повредените во војната во Украина. Секоја изјава на оваа тема, може да биде или шпекулација или во најдобар случај проценка, меѓутоа, од страна на Украина официјално не е обелоденета фактичка бројка за нејзините загуби.

Во врска со ова, на 10 јануари 2024 година, Ројтерс во текст на тема дека семејства на загинати украински војници бараат Украина да ги одликува со највисоки почести односно да им додели орден „херој на Украина“ – меѓу другото наведува:

Владата не ги открива своите загуби, но западните разузнавачки служби проценуваат дека десетици илјади војници на Украина се убиени.

Француски Ле Монд, во текст објавен на крајот на август, односно пред 4,5 месеци, исто така, наведува дека Украина не го открива бројот на жртвите и повредените во своите редови.

Од почетокот на руската инвазија врз Украина, бројот на убиени или повредени украински војници е една од најдобро чуваните тајни. Како што е случај во сите конфликти, стандардна практика е да се преценат загубите на непријателот, а да се потценат своите. Оваа војна не е исклучок и да му се предаде ваква сензитивна информација на непријателот и да се деморализира населението, не доаѓа предвид. Министерството за одбрана на Украина дневно известува за бројот на убиени Руси, но молчи за сопствените загуби. До 22 август 2023, бројот на „ликвидирани“ руски војници од почетокот на инвазијата на 24 февруари 2022 беше 258.340, без да се специфицира дали во оваа бројка се вклучени и повредените, пишува француски Ле Монд, на 24 август 2023.

Бидејќи нема релевантни податоци за бројот на жртви и повредени на украинска страна, медиумите прават свои сопствени калкулации кои меѓу себе драстично се разликуваат. На пример, Њујорк Тајмс на 18 август 2023 година цитираше анонимен извор кој наведе дека имало 500 илјади убиени и повредени војници на двете страни (и руската и украинската). Во тој текст, исто така, се наведува дека Украина не ги соопштува официјалните бројки на убиени и повредени од своја страна. И претходно на 10 ноември 2022 година беа правени проценки за жртвите на двете страни, но повторно никогаш бројките не беа потврдени од страна на Украина.

АBC Австралија, на 29 август 2023 година објави дека Украина не ги соопштува официјалните бројки за тоа колку од украинските војници се убиени на бојното поле.

Поранешниот обвинител Јуриј Лученко и самиот во својата изјава, цитирана во објавата што ја рецензираме, посочува дека „властите на Украина треба да ги наведат реалните бројки на загубите на украинската армија за да им ја покажат на луѓето сериозноста на ситуацијата“ и дека „верува дека властите треба да го наведат бројот на загинати Украинци”. Со тоа, всушност, потврдува дека властите на Украина го немаат наведено бројот на загинати и повредени Украинци. Впрочем, тој самиот вели дека „се говори“ за бројка од половина милион или 30 илјади повредени и загинати месечно.

Јуриј Лученко беше министер за внатрешни работи во двата кабинети на Јулија Тимошенко и во кабинетот на Виктор Јанукович. Тој е поранешен лидер на блокот на Петро Порошенко и поранешен лидер на неговата фракција во Врховната Рада (украинскиот парламент).

Во 2010 година Лученко беше обвинет за злоупотреба на службената положба и фалсификат од страна на главниот обвинител на Украина, Виктор Пшонка, во настан кој беше перципиран како политичка одмазда, поради тоа што 4 години претходно Лученко го истражувал еден од членовите на кабинетот на Јанукович.

Во 2012 година тој беше осуден на 4 години во затвор, но беше помилуван од Јанукович во 2013 година. Во 2016 година стана главен обвинител на Украина во времето на претседателот Петро Порошенко и во својот мандат беше критикуван за поткопување на новоформираното Национално антикорупциско биро на Украина. Лученко беше отстранет од функција од Володимир Зеленски во 2019 година.

Во секој случај, она што го кажува Лученко, дека Украина губи 30 илјади војници месечно (дека се или убиени или повредени), не содржи никаква официјална поткрепа, односно Украина не го кажува бројот на свои загинати и повредени војници, како што тоа вообичаено се прави во војни. Оттаму, оценуваме дека нема докази за тврдењето на Лученко, дека Украина губи 30 илјади луѓе месечно или со смрт или поради тоа што се ранети. Дополнително и самиот во неговата изјава ги повикува властите на Украина да ги објават точните бројки на настрадани војници, што потврдува дека тој ги немал и не говорел врз основа на официјални податоци.

 

 



 

 

.