Долгорочните дезинформациски наративи на Кремљ

Published on:

Руската пропаганда која засилено делува во светот уште по анексијата на Крим во 2014 година, генерално ползува неколку долгорочни наративи врз кои ги темели дезинформациите. Класифицирани според европската литература за препознавање и борба со дезинформациите, се опишуваат како „Елити наспроти рајата“, „Изгубен суверенитет“, „Традиционални наспроти модерните вредности“, „Нацизам“, „Неизбежен колапс“, „Хахаганда“…Во оваа анализа појаснуваме дел од нив

Пишува: Матеј Тројачанец

Еволуцијата на наративите на Кремљ врз кои се градат дезинформациите што се шират од Русија или руски поддржувачи, претставуваат распространета закана, не само за Украина, туку и за пошироката глобалната безбедност. Од поткопување на демократијата, поттикнување внатрешни конфликти, до разгорување на екстремни ставови, таквите наративи неретко доведуваат до непосредни ризици по животот.

Кога се зборува за наративи во контекст на Русија и Кремљ, најчесто тоа подразбира поголема и сеопфатна порака што има за цел да креира одредена слика за група на луѓе, политичари или нации во негативно светло.

Во пракса, тоа најчесто се прави преку повторување на слични пораки каде одредени лица се прикажуваат како мамат, лажат или се претставуваат во фабрикувани слики и видеа што ги прави да изгледаат злобно. А, често, еден поголем наратив се ползува како шаблон од кој произлегуваат различни дезинформациски пораки. Односно, збир на настани и ставови од секојдневието се модификуваат и се вртат во полза на тој што дезинформира. Во прилог ќе бидат разгледани неколку од главните наративи што се шират преку Кремљ, што по самата природа се испреплетени едни со други.

Илистрација, EUvsDesinfo, проект на ЕУ

„Елитите“ наспроти „рајата“

Овој наратив најчесто ги претставува елитите како да не се свесни или не се сочувствуваат со проблемите на народот. Често поврзуван со пошироките популистички реторики што се користат од политичари кога сакаат да се претстават себеси како „гласот на народот“ и од „обично потекло“, наспроти елитите и владетелите кои управуваат со државата.

Во својот говор најчесто се споделуваат навидум едноставни решенија за длабоко комплексни, социо-економски и политички прашања. Неретко покажуваат со прст кон одредена група луѓе кои се причинител за истите тие проблеми – групи како евреимуслиманимигрантиБриселските бирократиолигарсите од Билдерберг групата, итн.

Во сржта на сево ова е секогаш да се прикажат проблемите во црно-бело светло и каде спротивставените групи ќе бидат хомогени, „добрите-ние“ и „лошите-тие“. Кремљ ваквите наративи вешто ги експортира особено за време на странски изборни циклуси, како во САД, така и за време на „Брегзит“ референдумот, но и ширум целиот свет.

Вистиномер, рецензија за дезинфо базирано врз наративот „изгубен суверенитет“

Изгубен суверенитет

„Музиката на која танцуваат елитите е онаа на САД“. Со овој наратив, целта е да се покаже дека земјите низ светот, но и тие од Европската Унија, го имаат изгубено својот суверенитет и дека се само „кукли“ оркестрирани од САД. Ова најдобро визуелно е прикажано преку една карикатура на Руската новинска агенција РИА. Некои од примерите на овој наратив се и текстовите како тој на Спутник, што велат дека ЕУ не може да се справи со миграција и тероризмот, дезинформациите дека надворешната и воената политика на Германија се води под надзор на САД и дека германските медиуми се контролирани од американски сопственици, како и дека Обединетото Кралство е под „палец“ на САД затоа што не ѝ даде на Венецуела злато вредно над една милијардa од нејзините златни резерви. Овој наратив ефикасно ја пренесува вината за низа проблеми на странци – држави или мигранти – и се користи да се поларизира и парализира демократскиот процес.

Фото: Вистиномер, рецензија на дезинфо базирано врз наративот „традиционални вредности“

 

Вредности под напад – трационални наспроти модерни

Во последната деценија многу често се споменуваше т.н. „културолошка војна“ помеѓу традиционалните вредности, како што се истакнуање на значењето на фамилијата, почитта, верата, итн, наспроти модерните. Но, модерните или прогресивните вредности како подржување на ЛГБТ лица се користат како пример дека „институцијата брак“ се уништува, а со тоа и има и ерозија и на целокупното општество.

Кремљ често ги користи овие наративи да ги прикаже националните, културните и родовите идентитети, како и традиционалните општествени и духовни вредности како уништени од либерализмот и Западот. Поточно, дека има субверзија на патријахалното и Христијанско општество, дека „Западната агенда“ е да ја промовира ЛГБТ заедницата со цел да уништи сè што е „добро и морално“, а во некои случаи и да се поврзат украинските војници со ЛБГТ и нацизам, цитирајќи фабрикувано хомофобично видео во кое се поставува прашањето „каков е овој нацизам ако имаме хомосексуалци меѓу нашите војници?“.

Фото: Вистиномер, рецензија на дезинфо за Украина поврзано со наративот Нацизам

Нацизам

На никој кој ја следи војната во Украина нема да му биде чудно кога ќе спомне наредниот наратив – нацизам. Ова е рекурзивен (повторувачки) шаблон на Кремљ каде што Западот се прикажува како виновник за креирањето на Нацистичка Украина, предводено од Зеленски, кој го поистоветуваат со Хитлер, како и лажно претставување дека општествени симболи имаат нацистичка иконографија, и дека нацистички полтички групи ја предводат Украина. Дојче Веле рецензираше и „докази“ за одредени слики кои прикажуваат нео-нацистички симобли на украинските војници, наоѓајќи дека во голема мера се работи за лажни, фабрикувани или извртени пораки.

 

„Хахаганда“

Кога новински агенции и оние што се бават со проверка на факти ќе ги обелоденат лагите, дезинформациите и спиновите, трагичнии настани се исмеваат со цел да се намали сериозноста за истите. Ова се вика „Хахаганда“ и е едно од оружјата на „фармите на тролови“, невидливата армија на Русија што ги води сајбер и медиумските битки и шират анти-украинска пропаганда. Примери за вакви настани се исмевањето на атентатот во Салсбери (труењето на поранешниот руски агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка), исмевање преку сегменти како „50 начини да убиеш дисидент“, исмевање на бившиот американски претседател, Барак Обама, преку расистички прикази, како и некои попознати пароли – слични на оние што и во Македонија евоцираат слики – дека Зеленски е „sorosonysh“(„сосросоид“), односно дека буџетот на Украина е полнет од средствата на Сорос и слично.

Фото: Текст на РТ со дезинфо базирано врз наративот „незибежен колапс“

„Неизбежен колапс“

Последниот наратив, уште познат како „неизбежен колапс“ (на општеството, идентитетот и нацијата), вели дека државите мети само што не пропаднале. Овој наратив е толку успешен, затоа што како шаблон може многу лесно да се адаптира на локалната ситуација, со што многу ефективно може да допре до емоции на многу луѓе.

Модели како ЕУ, што се поуспешни од Рускиот, се претставуваат како да се на раб на граѓанска војна, најмоќната економија на САД дека е пред колапс како во 2018 г., француското движење на „жолти елеци“ се заканува да го парализира финансискиот систем, скоро почеток на граѓанска војна во Шведска заради мигрантите и слично.

Чуството на егзистенцијална загрозеност се предизвикува со тоа што лажно се претставува неизбежна пропаст преку преувеличување на некој проблем, што треба да го поттикне типичниот граѓанин да се приклучи на борбата што ветува утопија, а резултира во радикални или екстремни ставови и видови „активизам““.