Емотивни врски и пропаганда: Руската „мека моќ“ на Балканот

Published on:

Руските медиуми Спутник и РТ (Раша Тудеј) Балкан кои работат во Србија, се користат како пропагандни алатки на путинова Русија и ја претставуваат руската „мека моќ“ во регионот. Оваа пропаганда од Москва преку содржините кои ги објавуваат двата руски медиума, а реобјавуваат српските медиуми, стигнуваат и се читаат секаде на Западен Балкан, вклучително и во С. Македонија. Нашите соговорници, кои се добри познавачи на приликите, велат дека руската пропаганда наидува на плодно тло поради емотивната врска и православието, а поимањето на Русите е дека се наши браќа, кои ни помагаат во најтешкото

 

Пишува: Весна Коловска

 

Војната во Украина покажа дека пропагандата и дезинформациите се поеднакво важно оружје како и вистинското оружје, за кое Русија во 2024 година ќе потроши 5 отсто од својот годишен буџет. Познатите наративи, како анти-НАТО, анти-ЛГБТ, денацификација на Украина и мерките против ковид, се користени и пренесувани од Русија преку Србија во целиот регион.

Ако ги отворите веб-страниците на српското издание од државните пропагандни медиуми на Кремљ, Спутник и Русија Денес (RT – Russia today), кои веќе со години егзистираат на територијата на северниот сосед и ако пребарате што e напишано на темата „украински лаборатории за биолошко оружје финансирани од САД“, на Спутник, ќе се појават дури 136 содржини, а на Русија Денес – РТ 16. Од насловите и во нив ќе можете да дознаете сè и сешто – дека руската војска јавува оти поранешниот претседател на САД, Барак Обама и неговиот Сејт Департмент промовирале воени биолошки програми во САД и во странство, дека Америка во биолошките лаборатории покрај руските граници создава жаришта на инфекции, како и дека Русија вели дека била потребна независна меѓународна истрага заради воено-биолошките активности на САД…и така до недоглед.

 

Продукцијата на теми за лабораториите расте од 2022 година

Сите овие наслови и уште серија други што ги погледнавме се продуцирани за 8 месеци, односно од април до крајот на 2023 година. Како се оди подлабоко во минатото, насловите почнуваат да стануваат репетитивни, па се вели дека САД не создавале комплетно биолошко оружје во овие наводни биолошки лаборатории на границата кон Русија, туку само компоненти за биолошко оружје. Понатаму, како се приближувате кон почетокот на 2023 година и во 2022 година, започнуваат и наслови во кои се спомнува и коронавирусот. Па, така, насловите сугерираат дека САД биле вмешани во настанувањето на ковид пандемијата, па дека Русија тврди како постои можност коронавирусот да бил вештачки подобруван од еден до друг сој, па тврдење на руската војска според која во САД е створена варијанта на вирусот со смртност од 80 отсто, итн.

И не само за ковид. За секоја епидемија на планетата, прозилегува како да се виновни САД – и тоа уште од појавата на ХИВ во 1980-те години, па во овој контекст се спомнуваат и кримската треска и мајмунските сипаници.

Одејќи уште наназад, кон март и април 2022 година, значи непосредно по започнувањето на руската агресија на Украина, се забележува комплетна поплава од наслови поврзани за наводните украински или американски лаборатории за биолошко оружје. Од 136-те содржини на оваа тема на Спутник, дури 57 (во просек речиси по еден дневно), се објавени во април и март 2022 година. Во март 2022 г., речиси и да нема ден кога немало некој наслов на оваа тема, при што предничи 10 март, кога на Спутник се појавиле дури 7 написи.

Но, ако се погледне периодот од август 2019 година до март 2022, на оваа тема има само 10 написи. Како тоа одеднаш оваа тема стана актуелна и тоа напоредно со почетокот на руската агресија врз Украина? Според ваквиот распоред на објавување написи на оваа тема, произлегува дека наводните биолаборатории во Украина, одеднаш како да се појавиле на светската сцена истовремено со агресијата врз Украина, а претходно многу малку се пишувало за нив. Осум месеци пред  руската агресија немало ниеден напис, а претходно, во периодот од 2019-2021 година, начинот на покривање на оваа тема бил сосема поинаков.

Инаку, оваа приказна е позната со децении. Уште од 1991 година, кога администрацијата на Буш постариот одобри помош од 700 милиони долари за да се спречи нуклеарните оружја на Советски сојуз да се најдат во рацете на недемократски држави или терористи, за ова подоцна да се прошири и на хемиското и биолошкото оружје од поранешниот СССР, заради што во американскиот Стејт департмент се отвори и посебен Оддел за заедничко намалување на заканите.

Но, наглото покривање на темата за лабораториите од руските државни пропагандни медиуми не е единствен таков феномен. Ист тренд има и кај употребата на зборот нацисти (демек за нацистите во Украина) и за зборот геноцид во руските државни медиуми. Како што почна агресијата врз Украина, употребата на овие два збора во руските државни медиум, исто така, експлодира, како и примерот со украинските био лоаборатории.

 

Канали за дезинформации и пропаганда

Србија стана центарот на руската пропаганда пред осум години, преку отворањето на Радио Спутник Србија и РТ Балкан од пред една година. Двата медиумиа ги водат Љубинка и Јелена Милинчиќ, ќерка и мајка, кои ги сметаат за перјаници на руското медиско присуство на Балканот. И двата медиума делуваат како интернет портали, додека РТ Балкан во 2024 година, според најавите, треба да прерасне во телевизија.

Моментално имаме сајт кој, се разбира, е помалку успешен од сајтот Спутник, но телевизијата е целта… РТ се гледа како модерно дете на Русија. Кога ја отворивме телевизијата, не работевме со советски апаратчици, туку донесовме луѓе од CNN и BBC кои не научија како да работиме. Русија доцна ги презеде овие западни средства и доцна сфати дека има медиумска војна за која немаме оружје. Ние победувавме во таа војна, но ако ме прашате дали победуваме сега, тоа е исто како да ме прашате зошто руските спортисти не освоија медали на Олимписките игри. Па, затоа што ги нема, изјави за РТС Јелена Милинчиќ, главен и одговорен уредник на РТ Балкан во март 2023.

Милинчиќ, која и пред преземањето на уредничката улога во српскиот РТ работеше за шпанското издание на телевизијата,  во ова интервју не негира дека медиумите се отворени на Балканот за да ги застапуваат руските интереси. Вели дека со мајка ѝ Љубинка Милиниќ, уредничка на Спутник, имаат договор РТ да ги следи интересите на помладите, а Спутник на повозрасната публика.

РТ нема голема публика – има 70.000 следбенци на Фејсбук и 29.400 на Х (Твитер), за разлика од Спутник кој е со 1,4 милиони следбеници на Фејсбук. Но, амбициите се отворање на телевизија, во што, како што вели Јелена Милинчиќ, не се соменева дека ќе добие дозвола за работа.

На 15 декември 2023 година на руската државна телевизија, Маргарита Симонјан, уредничка на РТ, од Москва најави емитување на каналот на српски јазик во Република Српска. Најавата за отворањето на каналот во српската енклава во Босна и Херцеговина, која по многу години доби статус земја кандидат за членство во ЕУ, следеше само еден ден откако рускиот претседател Владимир Путин, одговарајќи на новинарско прашање на босанска новинарка, кажа дека е штета што руските медиуми не постојат во Босна и Херцеговина.

 

РТ и Спутник – богати редакции со популарни колумнисти

Порталот на РТ во Србија имa подкаст и многу познати и регионално популарни имиња за колумнисти. Почнувајќи од Неле Карајлиќ, фронтменот на поранешниот сараевски рок бенд „Забрането пушење“, до познатата српска новинарка Љиљана Смаиловиќ, која ги застапува своите конзервативно-десничарски ставови. Таа има и емисија на РТ во која интервјуира десничарски политичари и други конзервативни јавни личности. Чести гости ѝ се имиња како режисерот Емир Кустурица и националистичкиот поет Матија Бечковиќ. Соработник на РТ е и српскиот десничарски политиколог Слободан Антониќ, професор на белградскиот Филозофски факултет, кој се „восхитува на ликот и делата на поранешниот српски лидер Слободан Милошевиќ, за кого напиша и книга“, пишуваат српските медиуми. Меѓу соработниците е и српскиот свештеник Дарко Ѓого, познат по своите националистички и шовинистички колумни во различни проруски медиуми во регионот.

Нашите соговорници со кои разговаравме, велат дека РТ и Спутник се двете најбогати редакции во Србија, кои ги имаат најплатените новинари.

Спутник веќе осум години во Србија го води Љубинка Милинчиќ. На интернет страницата таа е присутна со подкасотот, кој е преглед на најважното од неделата.

Во подкастот од 06.12.2023 година, на пример,  Љубинка Милинчиќ прави преглед на настаните од почетокот на неделата. Опфатен е преглед на целиот регион, а најавата ја завршува со информација од Македонија:

Уапсен е Љупчо Палевски, убиец на својата ќерка. Велат дека граѓаните на Скопје сакаат да го линчуваат, за такви треба да се врати смртната казнавест со која очигледно дезинформира.

Фото: rossiyasegodnya. Promo photo

Спутник е меѓународен бренд на медиумската групација Rossiya Segodnya кој нуди веб-страници на 32 јазици, радиоемитување во 19 земји, како и вести на англиски, кинески, шпански, арапски и фарси. РТ е дел од автономна непрофитна организација – АНО ТВ Новости, агенција која за 2024 година има буџет од 1,88 милијарди рубљи. Новости е основана од руската државна новинска агенција РИА Новости и е финансирана од Кремљ.

За разлика од РТ, која нема импресум, ниту се знае кои се авторите, а за контакт е оставен само е-меил, Sputniknews.com е транспарентен. Податоците за домејнот на РТ се заштитени.

За работата на РТ и Спутник на меѓународно ниво, Руската Федерација не штеди средства. Во 2022 година државата одвои приближно 143 милијарди рубли (1,9 милијарди американски долари) од федералниот буџет за масовни медиуми, а 1,6 милијарди американски долари за 2023 година за пропаганда за ширење про-Кремљ наративи внатре и надвор од земјата.

Поголемиот дел од средствата за медиумите што ги одвојува државата (над 51%) отидоа за Серуската државна телевизија и радио радиодифузна компанија (ВГТРК), најголемата руска медиумска компанија, која е во рацете на руската влада и која вклучува голем број телевизиски и радио канали, како и за РТ.

ВГТРК во 2023 година доби 25,8 милијарди рубли за да се прошири про-Кремљ содржината кај домашните гледачи во Русија, додека РТ нешто помал износ во споредба со 2022 година, поради тоа што со санкциите наметнати на Русија по инвазијата на Украина, го прекина емитувањето во ЕУ, Канада, САД и Велика Британија. Медиумот ги затвори и канцелариите во повеќе земји.

Од друга страна, РТ го зајакнува своето присуство во Србија и има планови да отвори канцеларија во Африка. Поради тоа, буџетот за 2024 година за РТ е зголемен и изнесува 1,94 милијарди рубљи.

Третиот медиум со најголем износ на државно финансирње е каналот Звезда, медиумска мрежа управувана од руското Министерство за одбрана, со содржини за јакнење на моралот на руските војници на фронтот. Во тековната 2024 година, за овој канал е планиран буџет од 1,59 милијарди рубљи.

Извор: Влада на Руската Федерација

Со лиценца од Србија, РТ кратко емитуваше и во Германија и покрај забраната

Иако РТ беше забранета во земјите од Европската Унија, на 16 декември 2022 година руската телевизија почна да емитува програма на својата веб-страница преку дозволата за емитување добиена во Србија од Регулаторната управа за електронски медиуми (РЕМ). Но, набрзо беше затворена. Вук Вуксановиќ од Белградскиот безбедносен форум, вели дека Србија повремено се користи за ситно заобиколување, но тоа е лимитирано, бидејќи владејачките елити имаат домен до каде може да соработуваат во вакви деликатни ситуации. Особено, како што вели, ако почувствуваат дека може да ги чини власт, или тоа ќе ги стави во директна колизија со Запад, тогаш српската елита не оди понатму.

Вуксановиќ го објаснува присуството на РТ, која се најавуваше во Србија уште во 2015 година.

Во 2015 година имаше идеја за отворање на РТ, но тоа прекина, бидејќи не беше нешто претерено интересно подрачје, особено што домашните медиуми сами пренесуваа проруски наративи. Тогаш се отворија Ал Џезеира и БиБиСи на српски јазик. Радио Спутник се појави во тоа време, а српските медиуми бесплатно преземаа содржини, со што им се овозможи несвесно ширење на меѓународни вести со таа блага доза на русофилија. Радио Спутник не е нужно најгледан, туку тие локални медиуми, кои се под влијание на локалната елита. РТ Балкан не се отвори како ТВ канал, туку како медиумски портал и дојде во Србија во оној момент кога РТ беше затворен во многу европски држави и преку Србија и делумно Унгарија, со што се покажа дека Русија не е избришана секаде во Европа“, вели Вуксановиќ.

Тој оценува дека Русија во регионот не е популарна поради тоа што е, туку поради тоа што не е, а тоа е дека не е Запад. Вуксановиќ е на став дека се преувеличува влијанието на Русија кое отсекогаш било ограничено, а се манифистира преку лимитирани инструменти на влијание, кои вешто се користат. Тоа се гасот, нерешеното косовско прашање и меката моќ – популарноста која Русија ја има меѓу населението, посебно српската заедница, која е впечатлива во тој поглед.

По почнувањето на конфликтот во Украина, излезе на површина фактот што луѓето често го занемаруваат, а тоа е дека руските предиспозиции на Балканот не се воени, не се политички и освен гасот, руските предизвици исто не се економски, бидејќи Европа е најголемиот економски партнер на земјите од Балканот. Меѓутоа, руското влијание на Балканот е од емотивна природа, затоа што се манифестира на полето на срцата и умовите. Русите станаа тој симбол низ кој се филтрира и се манифестира незадоволството кон Запад, кое го имаат делови од популацијата. Што се однесува до Македонија, слушнав податок дека руска популарност порасна поради фрустрациите од ЕУ и начинот на третман кон Македонија. Од друга страна, српската поп култура е популарна и доаѓа преку ТВ Пинк. На овие ТВ станици, како Пинк, може да се слушнат екстремно позитивни наративи кон Русија и нејзиното раководство и како спореден ефект, расте руската популарност и во земји како Македонијаобјаснува Вуксановиќ.

Сепак, и покрај присуството на РТ и Спутник, главен расадник на прорускиот сентимент конкретно во Србија, можеби и на Балканот, се таблоидите кои се под контрола на локалните елити, оцнува Вуксановиќ.


Од Русија со љубов

Белград речиси на секој чекор ја покажува емотивната врска со Путинова Русија. На главните шеталишта во српскиот главен град речиси на секој чекор се наоѓа некој спомен на таа емотивна врска. Од хотел Москва во центарот, се доаѓа до ресторанот Цар Николај, поминувајќи покрај киоск со сувенир – магнет со ликот на Путин веднаш до српските цареви. На ѕидот стои плакат за изложба на руска керамика.

Фото: Весна Коловска

Играњето на српската власт топло – ладно со Русија и ЕУ, ја направи земјата центар од каде тргнуваат бројни дезинформациски и про-Кремљ наративи. На ова реагираше и Европската комисија во Извештајот за напредокот на Србија како земја кандидат за членство.

Политичкото и економското влијание врз медиумите остануваат загрижувачки. Србија треба да преземе итни мерки за да се спротивстави на наративите против ЕУ што ги пропагираат бројни медиуми, како и да се спротивстави на странската манипулација со информации и мешање, особено во контекст на руската агресивна војна против Украина, пишува во Извештајот на ЕУ за Србија.

Хотел Москва, Белград Фото: Весна Коловска

СаморуковНема голема разлика меѓу Пинк ТВ и РТ

Говорејќи за употребата на РТ како мека моќ на Руската Федерација, Русинот Максим Саморуков, соработник на Карнеги центарот, вели дека овој медиум има своја пропагандистичка намена и очекува да го засили влијанието во регионот. За РТ оценува дека неминовно ќе ѝ даде на Русија повеќе можности да ја прошири својата пропаганда во регионот, но, сепак, не треба да се потцени улогата на локалните медиуми, кои нудат многу поинструментирани содржини. Или поконкретно, како што вели, нема голема разлика меѓу Пинк ТВ  и РТ“.

Присуството на руските медиуми во регионот, според Саморуков, има позната цел со напади против европските вредности да преземе под влијание што е можно повеќе држави од Западот.

Целта е преку овие напади да ја намалат атрактивноста на Западот да ги направи против-Запад, да ги направи евроскептични, затоа што Русија верува дека обединетиот Запад е закана за геополитичките глобалните интереси на Русија поради политички интереси. Во случајот на Европа, пак, ако ги раздвоиш европски држави од овој обединет концепт на Западот, би било многу полесно за Русија да се справи со нив една по една, затоа што преговарачката позиција на Русија би била многу посилна одделно со која било европска држава, особено малите земјиоценува Саморуков.


Бизнис врски 

Србија го добива најевтиниот руски гас во регионот. Во 2022 година Србија потпиша тригодишен договор со Русија за снабдување со гас по поволни цени. Најголемата српска компанија НИС е под контрола на руски Газпром. Поради санкциите, направена е промена на сопственоста, па Газпром ја загуби доминантната сопственост. Србија сепак ја намалува зависноста од руските енергенси и неодамна се приклучи на гасоводот кој носи гас од Азербејџан.

Црногорскиот туризам зависи од Русите, кои изминтото лето доаѓаа преку аеродромот во  Белград. Русите по Србите се вторите најбројни туристи во Црна Гора, земја членка на НАТО и кандидат за членство во ЕУ.

Република Српска е одобрен проект за изградба на гасна централа Брод за снабдување со руски гас. Лидерот на Босанските Срби, Милорад Додик лобира за приклучување на гасоводот Турски гас.

Наспроти пропагандистичките наративи кои се обудваат да ги наметнат проруските медиумите, податоците за Западен Балкан покажуваат дека најголем трговски партнер за Западен Балкан за 2022 година со земјите од ЕУ, со кои трговската размена изнесувала 66 отсто, додека со  Русија само  4 отсто и со Кина – 8 отсто.

Извор: Европска комисија, национални статистички агенции

 

Пропаганда, шпиони и пари за влијание-парите најтешко се докажуваат

Како тоа руско влијание се одразува врз македонската држава и демократија? Неколку години наназад се зборува за финанисирање на мали десничарски партии во С. Македонија и регионот. Во јавноста беа видени луѓе блиски до рускиот претседател Путин на настани на партии како Единствена Македонија на Јанко Бачев и некои десничарски движења. Но, влезот на „руските пари“ во овие партии и движења, Саморуков смета дека е тешко докажливо.

Како прво, финансиската ситуација на политичките групи во Македонија е нетранспарентна и е многу тешко да се каже со сигурност дека оваа група е директно финансирана од Кремљ. Тоа се само надежи да се добијат финансии од Кремљ и овие партии се обидуваат да се покажат како многу корисен канал за влијанието на Кремљ во Северна Македонија. Исто така, знаеме примери дека во очекување да се добијат пари од Русија се промовираат проруски слогани. Мислам дека тоа што знаеме за сигурно е дека Кремљ има финансирано голем број на групи на Балканотизјави Саморуков.

Меѓутоа, како што оценува, плаќањето политичари и истурањето пари во политичките партии заврши со приемот на Македонија во НАТО.

Затоа, не очекувам и уште повеќе, знаеме дека руското финансирање за балканските партии го достигна својот врв пред неколку години, кога тука имаше бран на проширување на НАТО, и сега интересот на Русија е помал. Особено гледајќи колку Русија троши во инвазијата на Украина. Не мислам дека Русија има толкав слободен капацитет да инвестира тука. Не знам, не можам да кажам за сигурно дали Единствена Македонија добива финансии од Русија. Или добива многу или симболично или добива други начини на поддршка. Можеби не, можеби да, но не мислам дека тоа вистински ќе ја смени игратавели Саморуков.

Тој смета дека сега добивањето финансии од Русија е многу покомплицирано, поради тоа што рускиот финансиски систем се изолира од Западот и ЕУ. Многу е тешко да се префрлат пари до која било европска држава и поради тоа  работите се многу покомплицирани за проруските групи на Западен Балкан.

Делувањето на десничарските партии и движења го следат и домашните безбедносно-разузнавачки служби. Националниот координатор за за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам, Златко Апостолоски, на прашањето дали десничарскиот екстремизам има врска со Русија, вели дека „тоа се незначителни врски“

Можеби се одредени врски на бизнис интереси или релации останати од минатиот период. Денеска тешко да најдеме директна врска на некакви здруженија со Русија после настаните, војната во Украина, мислам такви појави нема. Со оглед на тоа што ние сме и членка на НАТО и следењето на тие текови од страна на безбедносно-разузнавачките служби е силно покриено.Така што, во овој период навистина немаме манифестирано некоја посериозна врска на некакви десничарски организации, ниту од регионот на Србија, Бугарија, нити од Русија со одредени десничарски организации во Македонија, кои значително би ја нарушиле безбедносната состојбавели Апостолоски.

Но затоа, со сигурност останува острицата на руската пропаганда како алатка.

 

Руските засилени операции во С. Македонија започнаа по 2008 година

Дезинформациите и пропагандата кои се особено засилени по отпочнувањето на војната во Украина, не се новина во регионот, туку одат рака под рака со делувањето на руската дипломатија. Подолгата анализа на Bellingcat, го цитира брифингот на македонското контраразузнавање од 2017 година, дека во текот на претходните девет години земјата била „подложена на силна субверзивна пропаганда и разузнавачка активност спроведена преку Амбасадата на РФ (Руска Федерација)“. Руските операции започнале во 2008 година кога Македонија е блокирана да влезе во НАТО поради спорот за името со Грција. „Документот, подготвен за Владимир Атанасовски, директор на Македонската служба за безбедност и контраразузнавање (УБК), продолжува:

Со користење на средствата и методите на таканаречената „мека моќ“, како дел од стратегијата на РФ на Балканот, целта е да се изолира земјата [Македонија] од влијанието на Западотпишува Bellingcat.

Исто така, овде се пренесува дел од анализата на Димитар Бечев, кој го објаснува делувањето на руската „мека моќ“.

Русија користи многу различни инструменти да го потврди својот интерес: тешка воена моќ, манипулација со економските врски, мешање во внатрешните работи на други земји и насочени информации кампањи за влијание врз јавното мислење. Мешањето во внатрешната политика е далеку од ретко. Таков пример би била поддршката што Русија им ја даде на националистите во про-ЕУ и НАТО земји како Црна Гора и Северна Македонија. Мирната политичка акција (антивладини демонстрации), може да се прелее во насилство. Други примери на мека моќ практикувани во постсоветскиот простор и на Балканот, вклучуваат трговски ембарга и сајбер напади. (Димитар Бечев).

Според досега виденото, и не треба преголем напор да се оствари таа мека моќ, особено со дезинформациите и пропагандата. Никола Петровиќ, директор и основач на Исак Фондацијата од Белград, вели дека наједноставен канал за пренесување на овие проруски наративи се политичарите.

Ако имате политичар со руски наратив, а такви имате во целиот регион – во Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина, Македонија, тоа ви е едноставен канал како наративот ќе се пренесе. Во време на криза има пораст на тие што носат едноставни решенија. На луѓето им е доста од комплицирани, долги и тешки решенија, но за жал, вистинските решенија, како и во личниот и во политичкиот живот се тие потешките, понапорни решенија. Но, десните структури нудат лесни решенија. А десничарите ја обожуваат руската политика, иако мал број разбираат што е руски или кинески став и нивните цели. Оние кои немаат конкретни и реални решенија се борат против Западот, против либерализмот, либералните решенија кои носат поголема слобода бидејќи се загрозени. Тоа е парадигмата на демократијата,  што има луѓе кои се чувствуваат загрозени ако некој има поголема слобода. Со тоа,  десните движења кои се борат против демократските вредности од Западот, се борат против нив,  поддржувајќи ги источните, т.е. руските и кинеските наратививели Петровиќ.

 

Социјалните мрежи како канал за ширење на руските наративи

Порталите и социјалните мрежи се главните канали за ширење на проруските наративи. Германскиот новинар Томас Бреј во публикацијта за Фридрих Нојман фондацијата набројува 12 експлицитни русофилски профили, чии сопственици и уредници заговараат изразено антизападен наратив, ја истакнуваат врската меѓу Србите и Русите кои „треба да изградат посебна врска како САД и Изреал“ и демонстрираат изразена приврзаност кон православните вредности и црквата.

Самата Русија се гледа себеси како антипод на Европската Унија во регионот и ја поддржува секоја иницијатива, кој се чини погодна за поткопување на посакуваната ЕУ интеграција на земјите од Западен Балкан, пишува во предговорот на анализата која почнува со податокот дека иако ЕУ е најголемиот економски партнер, Русија е претставена како најголемиот економски поддржувач на регионот, што е целосна дезинформација.

Вториот многу значаен канал за ширење на дезинформациите и теориите на заговор во регионот се социјалните мрежи – Фејсбук и Инстаграм. Аналитичарите на Debunk.org пронајдоа 1.339 групи и страници на Фејсбук кои редовно шират ваква содржина. Овие канали „оперираат“ во регионот на поранешна Југославија. Како што оценуваат, речиси целосното отсуство на регулација на социјалните мрежи создава совршена средина за производство и брзо ширење на нецелосни и лажни содржини директно до публиката.

Еден од авторите на оваа публикација е Даниела Вукчевиќ, која го изнесува заклучокот дека најголем дел од дезинформациите за Русија и војната со Украина се увезени од Србија. Дури и содржините на дезинформациите, кои се шират во регионалните Фејсбук групи во Хрватска, Македонија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, доаѓаат преку Србија од Русија директно.

Она што се случува е поедоставување и тие наративи ги повторуваат. Во почетокот на конфликтот се утврди дека 99 отсто доаѓаат од два медиума, секогаш се тоа онлајн, не се печатени или електронски.  Речиси немаат своја содржина туку препишуваат од Спутник и РТ. Некогаш ги ставаат како свој извор, некогаш ставаат извор Спутник, но тоа не е извор, туку буквално од збор до збор е прекопирано. Дезинформациите се шират и од поединци, тоа се влијателни личности,  тоа се политичари, тоа се истите кои шират анти ЛГБТ наративи, десничари и кои апсолутно не ја кријат својаат поддршка на Русијавели Вукчевиќ.

Авторите на публикацијата анализирале над 4.000 Фејбук профили, вклучително и групи. Потрагата ја стесниле по четири најчести проруски наративи и утврдиле дека едни исти содржини се земаат и буквално се пренесуваат во сите земји од регионот. Потоа, овие содржини се шират и завршуваат во сферата на порталите и профилите на социјалните медиуми, кои не се контролираат. Вукчевиќ вели дека сите сме подложни на дезинформации, а Западен Балкан е особено плодно тло за проруските наративи.

Русија во овој регион има историски митска позиција, во смисла ја замислуваме како голем брат, Русија се претставува тука како заштитник на православните христиијани и затоа тука сме особено подложни, бидејќи ние го замислуваме Западот како архинепријател, кој има поинаква вредност и став од нас, додека Русите се големите браќа. Имаше обиди да се наметне став и за Кина, но тоа не помина, бидејќи Кина ни е далеку, ја замислуваме како економски гигант, спасител, кој ќе ни прави патишта и инфраструктуравели Вукчевиќ.

Во Публикацијата пишува дека само во 2022 година се идентификувани 650 примери на нецелосни и лажни содржини. Со детален преглед, материјалот може да се подели во три групи во зависност од нивниот главен мотив/логика за дезинформации за војната во Украина.

 

Јазичната бариера само го забавува текот на дезинформациите

Колку и неверојатно да звучи, Србија е местото од каде произлегуваат и дел од дезинформациите во албанското општество. Јазичната бариера го успорува текот на дезинформациите за ден – два, но не го запира. Истражувањето во медиумите на албански јазик за руски дезинформациски наративи тргнува од списокот на дезинформации дистрибуирани од медиумскиот екосистем на Кремљ и објавени во базата на податоци EUvsDisinfo во првите осум месеци од 2022 година. Од 384 случаи на дезинформации разоткриени од EUvsDisinfo преку следење на медиумите на 15 јазици од јануари до август 2022 година, 86 (22 отсто), циркулирале во медиумите на албански јазик во Албанија, Косово и Северна Македонија.

Главен извор на дезинформации е Србија, а тие  доаѓаат од Русија. За разлика од Северно Косово, Македонија и Босна и Херцеговина, ние имаме мала јазична бариера, но главно дезинформациите доаѓаа од Русија преку Србија и се распространуваат насекаде низ Балканот. Главниот наратив е против Запад. Откако почна војната со Украина главниот наратив беше денацификација на Украина, американските лаборотории со хемиско и биолошко оружје и се шират овие наративи со теории на заговор преку социјалните медиуми, како Фејсбук и Инстаграм но и преку традиционалните медиуми. Во Албанија имаме проблем  – имаме 800 портали и тешко е да се знае или да се истражи сопственоста и ова води кон потенцијален тек на дезинформации од Русија, изјави Аимона Вогли, уредник на Фактоје, Албанија.

 

Што да се очекува во С. Македонија и на Балканот?

Максим Саморуков, кој неколку годни помина во Белград, вели дека ситуацијата нема да се смени многу од тоа што имаме моментално, потсетувајќи дека врвот на внимание на Кремљ врз случувањата во Македонија и регионот, беше неколку години пред НАТО да земе контрола.

Ова беше кулминацијата на интересот на Кремљ и Путин за Македонија. Ние навистина инвестиравме многу да го смениме расположението тука, да го смениме јавното мислење. Додека сега, мислам дека откако Македонија стана дел од НАТО, интересот се намали значително. Да, има некое ниво на информации што кружи тука, но тоа е повеќе обично и регуларно и не мислам дека ќе кулминира поради изборите. Повеќе сметам дека ќе продолжи како што е. Но, повторно, не е само руска пропаганда која што го доведе Фицо на власт во Словачка или му ја донесе победата на Герд Вилдерс на изборите во Холандија. Не ги добија тие избори поради антиукраинските слогани. Победија најпрво поради тоа што економска ситуација стана многу тешка за опшеството на Холандија, за општеството на Словачка и мислам дека ситуација во Европа, вклучувајќи ја и Македонија се влошува. Бројот на економски проблеми се трупаат и има шанса да видеме неочекувани исходи дури и без руска пропаганда. Дури мала количина на руски интерес може да придонесе многу. Да, инфлацијата е голема, цените се зголемуваат, има економска рецесија, сите овие причини не можат да доведат до подбрувањеизјави Саморуков.