Контраспин: Антисемитска литература нема само во Украина и таа не може да е оправдание за руската агресија

Published on:

Амбасадата на Руската Федерација во Северна Македонија на 29 март објави пост на нивната официјална страница на Фејсбук, во којшто го објаснува постоењето на нацизмот и неонацизмот во Украина во 2021-2022 година.

На почетокот на јануари 2022 година, збир на нацистичка и антисемитска литература‚ составен од книгите „Мојата борба“ од Адолф Хитлер, „Меѓународно еврејство“ од Хенри Форд и „Луѓе-стаорци“ од Ореј Волот‚ беше пуштен во продажба во украинските хипермаркети „Епицентар“. Извор: https://strana.today/…/370487-v-epitsentre-v-prodazhe…

[Извор: Фејсбук страница на Амбасадата на Руската Федерација во Скопје – датум: 29.3.2022 година]

Контраспин:

Руската амбасада во Скопје во објавениот пост на 29 март ја објавува информацијата дека на почетокот на јануари 2022 година, збирка на нацистичка и антисемитска литература, составена од книгите „Мојата борба“ од Адолф Хитлер, „Меѓународно еврејство“ од Хенри Форд и „Луѓе-стаорци“ од Ореј Волот била пуштена во продажба во украинските хипермаркети „Епицентар“. Станува збор за извртена вистина, т.е. спин.

Навистина, Страна.ua на 6 јануари 2022 година објавила текст, во којшто информира дека во ланецот хипермаркети „Епицентер“ се продаваат трите книги, по цена од 1.499 украински гривни. Исто така, точно е дека ваквиот потег на украинскиот ланец на маркети предизвикал реакција од Еврејската заедница во Украина, но сепак Амбасадата на Руската Федерација во Северна Македонија заборавила да потсети дека овој ланец на хипермаркети само неколку дена подоцна официјално се извинил за продажбата на трите книги.

Obozravatel.ua на 12 јануари 2022 година пишува за официјалното извинување упатено од „Епицентар“ кон еврејската заедница во Украина, објаснувајќи дека станува збор за онлајн продажна платформа, на која што производи можат да продаваат други компании. Веднаш по реакцијата на Еврејската заедница, „Епицентар“ ги тргнал од продажба спорните книги. Воедно, од ланецот на хипермаркети објасниле дека како продавач на антисемитската литература се јавува компанијата LasKnigas. Исто така, од „Епицентар“ соопштија дека ја осудуваат пропагандата на нацизмот и фашизмот.

Но, кога сме кај продажбата и распространувањето на антисемитска и нацистичка литература, Мета.мк пребара и го пронајде изданието на руски јазик на книгата „Мојата борба“ на Адолф Хитлер, коешто било објавено од издавачката куќа T-Oko во Москва во далечната 1992 година. Едно од изданијата на контроверзната книга на Адолф Хитлер успеавме да го симнеме и бесплатно онлајн на руски јазик на следниов линк.

„Крысолюди“ – руско издание на книгата „Луѓе стаорци“ на Ореј Волот, означена како антисемитска од Руската амбасада во Република Северна Македонија. Снимка на екран од руската е-продавница combook.ru.

Втората книга која што успеавме да ја пронајдеме на руски јазик, а за која Руската амбасада во Скопје вели дека е факт за постоење на нацизмот и неонацизмот во Украина е книгата „Луѓе-стаорци“ на Ореј Волот, чија што спорна содржина исто така е објавена и достапна на руски јазик. Оваа книга била објавена од рускиот издавач Свекрасаф во 2010 година, а истата е достапна и преку онлајн продавницата за книги combook.ru. Вистина е дека примероци од книгата во моментов не можат да се купат онлајн, но со достава на електронска пошта и телефонски број, продавачот може да провери во склад за преостанати примероци од книгата „Луѓе-стаорци“.

Спорните книги за коишто реагира Амбасадата на Руската Федерација во Северна Македонија не само што можат да се купат во Русија, туку и дел од нив можат да се набават и на македонски јазик во земјава.

Штанд на издавачката куќа „Ѓурѓа“ на Саемот на книгата во Скопје во 2019 г. со реклами за книга од Адолф Хитлер „Мојот поредок на светот“. Фото: Мета.мк.

Издавачката куќа „Ѓурѓа“ уште пред неколку години ја објави книгата „Мојата борба“ на Адолф Хитлер (за првпат објавена во 2005 година и е едно од најпродаваните дела во Македонија), заедно со книгата „Мојот поредок на светот“ и „Еврејското прашање и христијанството“ на Хитлер. За забележување е дека издавачката куќа „Ѓурѓа“ ја публикувала и книгата „Зборови што го менуваат светот“ на рускиот претседател Владимир Путин. Во неа се објавени цитати од обраќањата на Путин, со кои застанал „во редот на најцитираните поранешни и актуелни светски политичари“.

Дел од другите книги на штандот на „Ѓурѓа“ на Саемот на книгата во Скопје во 2019 година. Фото: Мета.мк.

Книги на Адолф Хитлер и Бенито Мусолини во издание на „Ѓурѓа“ беа достапни во неколку синџири на супермаркети во изминатата деценија.

Во 2014 г. твитерџии алармираа дека на иста полица од супермаркет во Скопје се продаваат „Мојата борба“ на А. Хитлер и книги за деца. Супермаркетот потоа ја повлече книгата од таа полица.

Кога станува збор за трите спорни книги за коишто пишува во својот пост Руската амбасада во Скопје, со едноставно пребарување на Гугл може лесно да се открие дека ре-објавувања на антисемитска и нацистичка литература има во бројни држави низ светот.

Франс 24 на 1 јуни 2021 година објавил дека француската издавачка куќа „Фајард“ објавила ново издание на книгата „Мојата борба“ на Адолф Хитлер на француски јазик. Намерата на издавачот е да се „разоружа“ нацистичката идеологија меѓу француските читатели, при што дури и насловот на книгата е променет во Historiciser le mal, une edition critique de Mein Kampf. Дојче Веле на англиски јазик за ова француско издание пишува дека само 10.000 примероци од книгата ќе бидат отпечатени што било планирано да се продаваат по 100 евра од примерок, додека добивката да биде донирана во Фондацијата Аушвиц-Биркенау (Аушвиц-Биркенау е еден од најозлогласените концентрациони логори за време на Втората светска војна).

Кон крајот на август 2021 година, лондонскиот весник „Тајмс“ пишува дека оваа книга станала летен бестселер во Франција, со речиси целосно распродадено издание од 10.000 примероци и со нарачка на издавачката куќа „Фајард“ за печатење на второ издание.

„Мојата борба“ на Адолф Хитлер била ре-објавена и во 2016 година во Германија, при што за една година по нејзината публикација биле продадени 85.000 примероци од оваа книга, пишува Дојче Веле на англиски јазик. Ре-објавувањето во Германија следеше откако на крајот на 2015 година истече 50-годишниот рок за поседување на авторските права на контроверзното дело, чии што права беа во сопственост на Владата на Баварија.

Слично на случајот со Украина, и во Финска кон крајот на декември 2021 година беше повлечена од продажба книгата „Мојата борба“ од Адолф Хитлер, која што можеше да се набави во неколку онлајн книжарници на фински јазик. Ова финско издание беше критикувано од страна на финската јавност дека не содржи научен предговор, по што се откри дека издавачот на оваа книга во Финска имал поврзаност со неонацистичка група во земјава која што била забранета во 2020 година, пренесува yle.fi.

Од нашето пребарување, се уверивме дека трите книги оспорени од Руската амбасада во Северна Македонија можат да се набават на различни јазици во неколку странски земји, дека тиражите на ре-објавените изданија речиси целосно се распродаваат, но и дека постои стручна дебата како што е случајот и во Северна Македонија, околу нивното издавање. Сепак, популарноста на овие и слични други книги не ги прави општествата во коишто тие се издадени за нацистички, а единственото нејасно во целата ситуација со постот на Фејсбук на Руската амбасада во Скопје е дали Русија планира да изврши „денацификација“ и на другите странски држави по примерот на Украина.

Инаку, Амбасадата на Руската Федерација во Северна Македонија во периодот по почетокот на руската инвазија врз Украина на 24 февруари 2022 година непрестано објавува постови на Фејсбук, во кои како што тврдат тие, „со факти го разобличуваат постоењето на нацизмот и неонацизмот во Украина во периодот 2021-2022 година“. Според руското гледиште, присуството и воените активности на руската војска на туѓа територија во Украина е „воена операција за денацификација и демилитаризација“ на оваа земја.

Меѓутоа, имајќи ги предвид горе наведените факти, може да се оцени дека постот за продажба на антисемитска и нацистичка литература од украинскиот ланец на хипермаркети „Епицентар“ треба да ѝ послужи на руската пропагандна машинерија како подлога за оправдување на „воената операција за денацификација и демилитаризација“ на Украина во очите на македонската јавност. Како што самите воени дејствија на Русија во Украина од најголемиот дел од држави во светот се оценети како „воена агресија“ или „воена инвазија“, така и постот на Амбасадата на Руската амбасада во Северна Македонија за продажбата на трите спорни книги во Украина, може да се оцени како спин.