Видеото споделено во објавата не е ново, односно истото не е снимено после пристапувањето на Шведска кон НАТО Алијансата, туку пред тоа. Инаку, начинот на кој Шведска се поставува во врска со поддршката на слободата на избор, заштита на сите граѓани, борба против дискриминацијата, не е поврзана со членството во НАТО кое се случи за земјата да си обезбеди дополнителна стабилност
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
Шведската војска после приемот во НАТО.
Во склоп на објавата се споделува видеоматеријал на кој се гледа собир каде лица облечени во војнички униформи со себе носат и знамиња со виножитото, симбол на ЛГБТ заедницата.
Меѓутоа, како што пишуваат проверувачите на факти на Франс прес, поточно од одделот на Франс прес кој го покрива регионот на Блискиот Исток, каде, исто така, се проширило видеото со порака дека на него е шведската војска после приемот во НАТО, не станува збор за ново видео, односно истото не е снимено после пристапувањето на Шведска кон НАТО Алијансата.
Пристапувањето на Шведска во НАТО се случи во 2024 година.
Видеото во објавата што ја рецензираме, всушност потекнува од 2023 година и е снимено за време на годишен марш за поддршка на ЛГБТ заедницата, а не неодамна.
На видеото се гледа огромна толпа луѓе облечени во војнички униформи кои маршираат по улицата, кревајќи знамиња со виножито.
Унгарскиот парламент на 26 февруари одобри Шведска да влезе во НАТО, со што беше отстранета последната пречка за проширување на сојузот после руската инвазија врз Украина.
Шведска – која ја објави својата кандидатура по рускиот напад врз Украина, е триесет и втората членка на алијансата. За овој потег гласаа 188 пратеници во унгарскиот парламент, додека само шест пратеници беа против. Шведска последователно го поздрави ова и го опиша како „историски ден“.
Видеото, како што објавуваат проверувачите на факти на Check your fact, потекнува од август 2022 година додека шведската армија учествувала на марш за поддршка на ЛГБТ заедницата. Ова не е првпат шведската армија да учествува на годишниот марш за поддршка на ЛГБТ заедницата. Постојат стари видеоклипови од кои најистакнато е видеото на врховниот командант на шведските вооружени сили, Мајкл Педин, при неговото учество на овој марш во 2018 година.
Начинот на кој Шведска се поставува во врска со поддршката на слободата на избор, заштита на сите граѓани, борба против дискриминацијата, всушност, не е поврзана со членството во НАТО, кое се случи за земјата да си обезбеди дополнителна стабилност.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како делумна невистина.