Москва не сака преспански јаболка, а бананите од Еквадор, сепак ѝ биле повкусни од индиските

Published on:

Ако притисокот на Русија не беше толку лесно воочлив во македонскиот случај со забраната за увоз на ресенски јаболка, оној со Еквадор е прилично јасен. Со вешто маневрирање на бизнис секторот, притисокот на еквадорското раководство успешно влијаеше да се премисли за понудата на САД за замена на старото советско оружје и хардвер со нови и софистицирани оружја, во спротивно немаше да продолжи извозот на банани за Русија. Овие два примера, иако може да изгледаат нетипични во традиционалната смисла на хибридна закана, прилично јасно ги отсликуваат  економските притисоци и влијанието на Русија врз помалите играчи на глобалната сцена

 

Пишува: Матеј Тројачанец

 

Во екот на руската инвазија на Украина, се чини дека ресенските јаболка беа колатерална штета на руското влијание и притисоци. Спуштената рампа за македонското јаболко на рускиот пазар не е осамен пример за економски притисоци, коишто Русија ги користи како своевидни хибридни закани ширум светот.
Во екот на руската инвазија на Украина, се чини дека ресенските јаболка беа колатерална штета на руското влијание и притисоци. Спуштената рампа за македонското јаболко на рускиот пазар не е осамен пример за економски притисоци, коишто Русија ги користи како своевидни хибридни закани ширум светот.

Пред нешто повеќе од една година (декември 2022), од Федерална служба за ветеринарен и фитосанитарен надзор на Руската Федерација (Роселхознадзор) решија да забранат увоз на илјадници тони преспанско јаболко, под изговор дека во еден од пакетите е најдена кафена смрдлива бубачка „halyomorpha halys“.

Оваа бубачка е познат штетник, како што вели претседателот на здружението на овоштари од Ресен, Љубе Пампулески за Глас на Америка. Ја имало и претходните години, но тоа никогаш не било причина за Русија да го прекине откупот. Евроамбасадорот Дејвид Гир, тогаш напомена дека ситуацијата со ресенските јаболка е само еден начин на кој Русија може да го покаже своето влијание.

Според партијата Левица, пак, потегот на Москва е оправдан, логичен след на настаните „поради санкциите кои антинародната влада ги стави спрема Русија“

 

Русија им најде маана и на бананите од Еквадор, па се премисли 

Минатата недела  и бананите од Еквадор се најдоа под руската рампа. Потегот следеше откако САД им понудија на Еквадор да го заменат старото советско оружје и хардвер со нови и софистицирани оружја, вредни околу 200 милиони долари. Оваа одлука беше строго осудена од Русија, па поради тоа решија да соопштат дека ќе увезуваат банани од Индија, наместо од јужноамериканската држава. Во бројки, според Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО), тоа претставува 98 отсто од вкупниот увоз на банани во Русија, а изнесува 20 – 25 отсто од вкупниот извоз на Еквадор.

Она што дополнително нанесе притисок на индустријата беа неповолните временски услови предизвикани од ЕНСО климатскиот феномен, разнишувајќи го производството на банани во Еквадор. Познато како „El Niño – Southern Oscillation“, тоа е климатска осцилација во времето што го опишуваат ладењето на површинско-океанските води долж тропскиот западен брег на Јужна Америка.

Неповолните временски услови, вклучително и нетипично студеното време поврзано со феноменот Ла Ниња во Еквадор, како и поминувањето на уште една силна тропска бура низ Карибите дополнително влијаеја на количините [на банани] достапни за извоз, пишува во извештајот на ФАО.

А, Русија веројатно виде совршен момент за економски притисок врз Еквадор токму кога земјата беше на удар и од временските непогоди. И тоа го направи.

Набрзо потоа, министерката за производство, надворешна трговија, инвестиции и рибарство на Еквадор, Сонсолес Гарција најави на социјалната мрежа Х (поранешен Твитер):

Добри вести💪🏽🇪🇨 100% од извозот на еквадорска банана во Русија е оперативен!

Петте компании кои беа суспендирани добија овластување да продолжат со трговијата.

Извозот продолжува и се одржува директен дијалог. Ќе продолжиме да работиме за да гарантираме течна трговија со Русија, важна дестинација за нашата агро-извозна понуда.

Неколку дена подоцна претседателот на Еквадор најави дека ќе ја откажат размената на оружја, наводно затоа што дознале дека старите оружја ќе бидат донирани на Украина.

Ако притисокот на Русија не беше толку лесно воочлив во македонскиот случај со забраната за увоз на преспански јаболка, оној со Еквадор е прилично јасен. Со вешто маневрирање на бизнис секторот, притисокот на еквадорското раководство успешно влијаеше тие да го сменат договорот со САД и да продолжат со извозот на банани за Русија

Овие два примера, иако може да изгледаат нетипични во традиционалната смисла на хибридна закана, прилично јасно ги отсликуваат економските притисоци и влијанието на Русија врз помалите играчи на глобалната сцена. Според Глобал Секјурити Ривју, хибридното војување комбинира конвенционални и неконвенционални методи, вклучувајќи воени операции, сајбер војна, кампањи за дезинформација и економски притисок.

Токму ваквите тактики на дестабилизирање на помали држави преку трговско ембарго, политички притисоци, сајбер напади и дезинформации преку пропагандната рака на Спутник и РТ, се секојдневие за тоа како Русија оперира на поголемата светска сцена.