Не е точно дека овластувањата на Зеленски истекуваат после 20 мај

Published on:

Адвокати специјализирани за уставно право за „Киев Индепендент“ велат дека продолжувањето на мандатот на Зеленски е легално и согласно со Уставот на Украина. Поради воената состојба, воведена откако Путин испрати десетици илјади војници во Украина во февруари 2022 година,  нема да има избори откако мандатот на Зеленски технички истече на 20 мај годинава. Законот за воена состојба во Украина експлицитно забранува одржување на претседателски, парламентарни и локални избори

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Постојаниот претставник на Русија во ОН Василиј Небензија рече дека по 20 мај, овластувањата на Владимир Зеленски истекуваат.
Според дипломатот, нема смисла да се потпишуваат какви било документи со Зеленски.

Не е точно дкеа овластувањата на Володимир Зеленски, претседател на Украина, после 20 мај истекуваат и дека поради тоа не треба да се потпишуваат какви било документи со него. Неговиот мандат ќе истечеше на 20 мај ако Украина не беше во воена состојба, како што е благодарение на руската воена инвазија врз оваа држава, па затоа неговите овластувања продолжуваат. Руската пропаганда се обидува да го злоупотреби ова на секој можен начин, па сега наводно истечениот мандат на Зеленски е нова тема за која се закачи Кремљ со цел да пласира дезинформации и манипулации.

Војната што ја почна Русија ги одложи изборите во Украина и мандатот на Зеленски поради тоа е неограничен. Неговиот кабинет се подготвува да ја издржи бурата од дезинформации на пропагандистите кои ќе ја доведуваат под знак прашалник неговата легитимност.

Официјално администрацијата на Украина се дистанцира од темата, но неофицијално нејзините членови ги предупредуваат сојузниците со месеци дека Русија подготвува таргетирана кампања за да го поткопа легитимитетот на Зеленски во очите на Украинците и на Западот, пишува „Киев Индепендент“.

Два извора во претседателскиот кабинет кои анонимно зборувале за „Киев Индепендент“ истакнале дека западните сојузници се запознаени од ваквите закани и не притискаат Украина да има нови претседателски и парламентарни избори во блиска иднина.

Поткопувањето на легитимитетот на Зеленски е дел од рускиот мултикомпонентен план за дестабилизација на Украина, изјави заменик шефот на военото разузнавање Вадим Скибитски во неодамнешно интерву.

Адвокати специјализирани за уставно право за „Киев Индепендент“ велат дека продолжувањето на мандатот на Зеленски е легално и согласно со Уставот на Украина. Воената состојба воведена откако Путин испрати десетици илјади војници во Украина во февруари 2022 година, значи дека нема да има избори кога мандатот на Зеленски технички ќе истече, нешто што тој и сојузниците на Украина сметаат дека е вистинска одлука да се донесе во време на војна.

Претседателот на Украина, Зеленски на 20 мај во интервју за Ројтерс рече дека мора да продолжи да служи поради воената состојба.

Мојот петгодишен мандат уште не е завршен. Продолжува поради воената состојба, изјави тој за Ројтерс. 

Доколку воената состојба не беше на сила, тогаш следните претседателски избори во Украина ќе се одржеа на 31 март 2024 година, а мандатот на Зеленски ќе завршеше на 20 мај 2024 година. Но, Украина воведе воена состојба откако Русија почна целосна воена инвазија на 24 февруари 2022 година. Законот за воена состојба во Украина експлицитно забранува одржување на претседателски, парламентарни и локални избори.

Бројни политичари ја изразија својата поддршка за легитимитетот на Зеленски.

Невозможно е да се организираат избори во воена ситуација. Ние во ЕУ немаме сомнеж дека претседателот на Украина е Володимир Зеленски, изјави Петер Стано на прес-конференција.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистинита.