Исламска држава презеде одговорност за нападот. Истрагата за терористичкиот напад уште трае, а обвинувањата кои Москва ги упати дека Западот и Украина стојат зад терористичкиот напад ја ставаат Русија пред голем проблем, а тоа е што не може да ги докаже непоткрепените тврдења. На 7 март, Соединетите Американски Држави издадоа предупредување за потенцијален терористички напад во Русија, повикувајќи ги Американците во Русија да избегнуваат масовни собири. Рускиот претседател Владимир Путин го отфрли ова предупредување како „обид на Западот да ја дестабилизира Русија“. Украина и Британија отфрлија вмешаност
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
Зад терористичкиот напад во Москва стојат САД, Велика Британија и Украина, изјави директорот на руската ФСБ Бортников.
Во склоп на објавата се споделува видео на кое шефот на руската разузнавачка служба, Александар Бортников вели дека САД, Британија и Украина се земјите кои стојат позади терористичкиот напад кој се случи во Москва минатата недела, додавајќи дека „дури и обичните луѓе зборуваат за тоа“.
Шефот на руската разузнавачка служба без никакви докази директно ја обвини Украина дека го организирала терористичкиот напад врз „Крокус Сити“ салата во Москва со западна помош. Овие обвинувања од Бортников според Вашингтон Пост, се обид да се дефокусира вниманието од руската разузнавачка служба да го превенира нападот, во кој загинаа најмалку 139 лица, како и да се вжешти анти-украинската реторика.
Украина остро демантираше дека има каква било поврзаност со терористичкиот напад. На 7 март, Соединетите Американски Држави издадоа предупредување за потенцијален терористички напад во Русија, повикувајќи ги Американците во Русија да избегнуваат масовни собири, базирано делумно на разузнавачки информации за можна активност во Русија од страна на Исламска држава на провинцијата Хорасан (ISIS-K). Станува збор за авганистанската и пакистанската испостава на милитантната група. Претседателот на Русија, Владимир Путин го отфрли ова предупредување како „обид на Западот да ја дестабилизира Русија“.
Исламска држава презеде одговорност за нападот. Русија задржа четворица осомничени, сите државјани на Таџикистан. Претседателот на Франција Емануел Макрон, во понеделникот ја предупреди Москва да не го експлоатира терористичкиот напад бидејќи како што рече „би било цинично и контрапродуктивно за Русија да го користи овој контекст и да го насочи против Украина“. Тој рече дека оваа гранка на Исламска држава планирала и остварила терористички напад, исто како што ја таргетирала и Франција.
Вашингтон пост додава дека додека Бортников го вперува прстот кон САД, Украина и Британија, се отвораат нови и нови прашања за тоа како безбедносните служби работеле во периодот додека нападот бил планиран.
Руски медиуми известија дека специјалните полициски сили не пристигнале на местото, цел час откако почнало пукањето и потоа чекале 30 минути пред да влезат во зградата. Во тоа време, напаѓачите веќе биле избегани. Тие пристигнале во концертната сала во 18 часот и 45 минути, чекале да се соберат посетителите и во 19 часот и 48 минути почнале да пукаат на посетителите и влегле во зградата.
Руските специјални полициски сили пристигнале во салата во 21 часот и 6 минути, според агенцијата Тас. Новинар од медиумот Осторожно Њуз кој бил на местото, извести дека полицијата почнала да влегува во зградата во 21 часот и 39 минути. Најблиската полициска станица е лоцирана на два километра од концертната сала. Портпаролката на Министерството за внатрешни работи на Русија, Ирина Волк ги демантираше наводите дека полицијата доцна пристигнала на местото тврдејќи дека првата група полициски службеници дошле во зградата пет минути после пријавата за пукањето. Двајца од осомничените напаѓачи, Шамсидин Фаридуни и Саидакрам Рајабализода, кратко патувале за Турција во февруари и се вратиле во Русија на 2 март, според припадник на турските безбедносни структури кој под услови на анонимност разговарал со Вашингтон Пост. Тој тврди дека верува оти овие лица се радикализирале во Русија, со оглед на тоа што во Турција поминале малку време, пишува Вашингтон Пост.
Истрагата за терористичкиот напад уште трае, а обвинувањата кои Москва ги упати дека Западот и Украина стојат зад терористичкиот напад, ја ставаат Русија пред голем проблем, а тоа е што не може да ги докаже непоткрепените тврдења.
Она кое што е познато досега е дека ИСИС веќе презеде одговорност за терористичкиот напад. Осуммина осомничени, повеќето државјани на Киргистан и Таџикистан се товарат за тероризам и се во притвор до судењето. Украина негира вклученост во нападот и потенцира дека е апсолутно предвидливо дека Москва ќе ја обвинува. Од Белата куќа исто така изјавија дека Украина нема никаква поврзаност со нападот и дека секое спротивно тврдење е руска пропаганда.
Секретарот за надворешни работи на Обединетото Кралство, Дејвид Камерон на социјалната мрежа Икс наведе дека тврдењата на Русија за западот и Украина за нападот на салата Крокус се чиста бесмислица.
Досега не се презентирани никакви докази за овој наратив.
Поради сите горенаведени факти оценуваме дека нема докази дека зад терористичкиот напад во Москва, стојат САД, Британија и Украина.