Објава на социјалните мрежи манипулира за девизните резерви на Русија

Published on:

Во објавата се тврди дека за неколку дена резервите на руската Централна банка пораснале за 4,5 милијарди долари и дека таа во јануари имала девизни резерви во висина од 582 милијарди долари.  Она што е прескокнато да се каже во оваа објава е дека повеќе од половина од овие средства Русија не може да ги користи. Околу 300 милијарди евра од резервите на руската централна банка се блокирани во ЕУ и другите партнери од Г7 со санкциите коишто ѝ беа воведени откако изврши агресија на  Украина, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Oбјава на Фејсбук во којашто се говори за висината на девизните резерви на Руската Федерација има недостаток на контекст, затоа што се вели дека резервите на Централната банка на Русија изнесуваат 582 милијарди долари, но тоа не е вистинската реалност. Имено, повеќе од половина од овие средства се замрзнати со санкциите коишто ѝ беа воведени на Русија откако таа изврши агресија на независна и суверена Украина.

Девизните резерви на Руската Федерација од 30 декември 2022 до 6 2023 јануари се зголемени за 4,5 милијарди долари на 582 милијарди долари, соопшти Централната банка на РФ, пишува во постот.

Во објавата, којашто е предмет на оваа рецензија, се тврди дека за неколку дена резервите на руската Централна банка пораснале за 4,5 милијарди долари и дека таа во јануари имала девизни резерви во висина од 582 милијарди долари. Објавата е со цел да се величи Русија, да се покаже дека таа е силна и покрај војната што ја води во Украина речиси една година и последиците кои што ги трпи поради тоа. Она што е прескокнато да се каже во оваа објава е дека повеќе од половина од овие средства Русија не може да ги користи. Затоа овој пост без соодветен контекст преставува манипулација на јавноста.

Американските министерства за правда и финансии формираа глобална оперативна работна група на 16 март 2022 година како дел од опсежните меѓународни санкции против Русија поради нејзината инвазија на Украина. Меѓу членовите се: Австралија, Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија и Европската комисија.

Во 100-те дена од нејзиното основање, глобалната група блокираше и замрзна повеќе од 330 милијарди долари средства кои им припаѓаат на санкционираните Руси и на Централната банка на земјата.

Блокираните или замрзнатите средства вклучуваат средства во вредност од повеќе од 30 милијарди долари што им припаѓаат на санкционираните Руси (вклучително и јахти, бродови, хеликоптери, недвижен имот, слики и други уметнички дела) и средства во вредност од над 300 милијарди долари што ги поседува Централната банка на Русија.

Во март 2022 година, Европската комисија формираше Работна група „Замрзнете и одземете“ за да обезбеди координација на активностите на земјите-членки на ниво на ЕУ. Со нејзина помош, земјите-членки на ЕУ замрзнаа 19 милијарди евра имот на руските олигарси. Околу 300 милијарди евра од резервите на руската централна банка се блокирани во ЕУ и другите партнери од Г7.

За да се искористи максимумот од овие средства и да се започне со обнова на Украина, Комисијата во ноември минатата година им претстави различни опции на земјите-членки за да се осигура дека Русија ќе одговара за злосторствата извршени за време на војната во Украина. Комисијата предлага да се создаде нова структура за управување со замрзнатите и имобилизирани јавни руски средства, да ги инвестира и да ги користи приходите за Украина.

  • Краткорочно: формирање на структура за управување со замрзнатите јавни средства, инвестирање ги и искористување на приходите во корист на Украина.
  • Долгорочно: откако ќе се укинат санкциите, ќе треба да се вратат средствата на Централната банка. Ова би можело да се поврзе со мировен договор, кој ја компензира Украина за штетите што ги претрпе. Средствата што ќе треба да се вратат, би можеле да се надоместат со оваа воена репарација.

Претседателката на Комисијата, Урсула Фон дер Лејн, изјави дека Русија мора да плати за своите ужасни злосторства.

Со нашите партнери, ќе се погрижиме Русија да плати за пустошот што го предизвика, со замрзнатите средства на олигарсите и средствата на нејзината централна банка, рече Фон дер Лејн.

 

 

Замрзнувањето на руските средства го потврди и рускиот министер за финансии, Антон Силуанов уште во март 2022 година.

Воведените странски санкции замрзнаа околу 300 милијарди долари од 640 милијарди долари што Русија ги имаше во своите златни и девизни резерви, рече министерот за финансии Антон Силуанов во интервју во март 2022 година.

Силуанов рече дека Западот врши притисок врз Кина да ја ограничи својата трговија со Русија и со цел да го попречи пристапот на Москва до делот од државните резерви што Русија ги чува во кинески јуани. Силуанов, исто така, рече дека Русија ќе ги исполни своите обврски за државен долг и ќе им плаќа рубљи на сопствениците на долгови додека не се одмрзнат државните резерви, објави државната новинска агенција РИА.

Откако Русија ја започна војната во Украина, како дел од санкциите е и црната листа на којашто се 1.241 лице и 118 ентитети, од кои повеќето се државјани од Русија и Белорусија.

Кога станува, пак, збор за растот на девизните резерви од 4,5 милијарди долари во период од 6 дена, што се спомнува во рецензираниот пост, треба да се знае дека рубљата пред 24. февруари 2022 година, односно пред агресијата врз Украина и оваа рубља која се користи денес, воопшто не се исти. Претходно со рубљата се тргуваше на светските берзи, иако не во количества како што тоа се прави со доларот и со еврото, но, сепак, купопродажбата на руската валута беше можна и нејзината цена, односно вредност споредено со другите светски валути се формираше пазарно. Рубљата беше и дел од меѓународниот платен промет, односно руските граѓани можеа да купуваат во странство преку интернет со нивните Виза и Мастеркард картички. Тоа денес заради санкциите повеќе не е можно.

Руските власти воведоа серија непазарни мерки за да ја кренат и одржуваат вредноста на рубљата. Најпрвин, дел од приходите на руските компании во девизи тие мора да ги претворат рубљи. Банките во Русија сè потешко дозволуваат подигање на девизи од банкарските сметки на граѓаните и за такви трансакции има различни ограничувања, а во некои банки и казнени такси. Дел од девизните средства на банкарските сметки на компаниите, исто така, мора да се подигнат во рубљи, наместо во девизи и слично.

Да не говориме, пак, за фактот што руската централна банка едноставно престана да објавува најразлични податоци и за состојбата на руската економија, како и за состојбите со националната валута, а за многу од финансиските информации што пристигнуваат од Русија единствен извор се руските власти, при што нивните податоци не можат да се тестираат на светските пазари на капитал заради санкциите, односно не се подложни на законите на понуда и побарувачка како и другите валути. Заради сето ова, ваквите податоци тртеба да се земаат со резерва.

Бидејќи во објавата се вели дека руската Централна банка има 582 милијарди долари девизни резерви, а не е објаснето дека над 300 милијарди од нив ѝ се замрзнати и не може да ги користи, оценуваме дека оваа објава е манипулативна, односно има недостиг на контекст.

hubmk