Оживува пропагандата за непостоечка продажба на органи од украински војници

Published on:

Проверувачи на факти од Украина веќе пишуваат дека ова видео претставува дел од руската пропаганда. Центарот за борба против дезинформации објавува на Фејсбук дека станува збор за невистина. Во Украина е особено забрането да се земаат органи од починати лица кои припаѓаат на категоријата сираци, деца без родители, лица со инвалидитет. Не е дозволено да се земаат органи од индивидуи на кои не им е познат идентитетот, или пак на лица од војската (припадници на воените сили) кои што настрадале како резултат на воената агресија на Русија врз Украина, пишува Вокс Украина

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува видеоматеријал и пишува дека во него се открива дека „во близина на Харков е пронајден ценовник за продажба на органи на војници од украинските вооружени сили“.

Проверувачи на факти од Украина веќе пишуваат дека ова видео претставува дел од руската пропаганда. Центарот за борба против дезинформации објавува на Фејсбук дека станува збор за невистина.

Преку Телеграм каналите на непријателот се шири информација дека руската војска наводно нашла докази за трговија со органи во секторот Купианск. Според пропагандистите, постојани места за собирање органи и сепарација на делови од човекови тела се лоцирани во градовите Изиум и селото Борова во регионот Харков. Вакви лажни вести се дел од руската кампања за трансплантација на црно, која цели да го дискредитира водството на војската и на Украина и да креира негативна слика за државата во очите на меѓународната јавност. Дезинформациската кампања за трансплантација на црно се шири од страна на непријателот уште од 2014 година. За оваа цел се креираат лажни приказни, документи, стории и вести. Претходно непријателот веќе прошири ваква лажна приказна за привремено окупираните региони во северен Доњецк кога тој беше под контрола на Вооружените сили на Украина, пишува Центарот за борба против дезинформации. 

На 11 октомври 2023 година Вокс Украина пишува дека руската пропаганда продолжува да ја експлоатира темата на таканаречената „трансплантација на црно” и постојано измислува нови невистини. Така, Ана Кужнецова од државната Дума на Русија тврдела дека 7 проценти од украинскиот буџет доаѓа од „трансплантација на црно”. Според овој невистинит наратив oрганите „се земаат од Украинци без согласност на донорот”.

Но, како што наведува Вокс Украина, во годишниот буџет за 2023 година, 667 милиони гривни се алоцирани за трансплантација на органи и други анатомски материјали. Но, ова не е трансплантација на црно како што се тврди во пропагандниот наратив. Секој донор и примател на органот, е подлежен на специфичен процес на селекција пред да се случи трансплантацијата на органи. Секој кому му е потребна трансплантација на орган, мора да се регистрира во Унифицираниот државен информациски систем за трансплантација.

Трансплантацијата не е профитабилна активност во Украина и сите операции за трансплантација на органи се целосно бесплатни и за донорот и за примателот на органот. Во 2018 година Украина почна пилот програма за трансплантации поддржани од државата каде секоја трансплантација на орган е стопроцентно покриена од државата. Според Законот за органи и други трансплантации кај луѓето, забрането е да се прават договори за купување или продавање на човечки органи, пишува Вокс Украина.

Министерството за здравство објави дека 32 медицински центри изведуваат трансплантација на органи во Украина. Во 2022 година, медицинските лица извеле 384 операции за трансплантација на органи што претставува 20 проценти повеќе од оние изведени во 2021 година. Во првата половина на 2023 година извеле 257 вакви интервенции.

Секој што сака да биде донор во Украина, мора да ја достави неговата апликација до кој било центар за трансплантација. После ова мора да имаат целосен медицински преглед, каде докторот ќе одлучи дали лицето може да стане донор додека е живо. Во случај на постхумно донорство, трансплантацијата се изведува ексклузивно и само со писмена дозвола што донорот ја пополнил додека бил жив, или пак, со писмена дозвола од неговите роднини.

Но, и за постхумните донации има рестрикции. Особено е забрането да се земаат органи од починати лица кои припаѓаат на категоријата сираци, деца без родители, лица со инвалидитет. Не е дозволено да се земаат органи од индивидуи на кои не им е познат идентитетот, или пак, на лица од војската (припадници на воените сили) коишто настрадале како резултат на воената агресија на Русија врз Украина, пишува Вокс Украина.

Слични дезинформации се веќе обработувани од украинските проверувачи на факти на Дизинфо. 

Како што пишуваат проверувачите на факти на Стоп Феик, од 2019 година во Украина е на сила легислативата која забранува трансплантација на органи на војници кои загинале за време на воените дејствија во регионите Доњецк и Луганск. Новиот нацрт-закон е дизајниран да ги разјасни претходно усвоените норми и, меѓу другото, ја проширува забраната за вадење на анатомски органи од војници кои загинале додека ги извршувале своите должности на целата територија на Украина, каде што се водат непријателства. Забраната за отстранување на анатомски материјали за трансплантација  важи и за лицата кои служат во војската и во органите на прогонот, или нивните единици, воени единици, институции и организации формирани во согласност со законите на Украина, кои се утврдени од страна на Врховниот врховен командант на вооружените сили на Украина, со цел да се обезбеди почитување на правниот режим на воена состојба, заштита на интересите на државата и безбедноста на граѓаните кои загинале додека извршување на нивните должности поради повреди како резултат на воени (борбени) операции во Украина или во некои нејзини области каде што е воведена воена состојба во согласност со Законот на Украина.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистинита.