Поддршката за Украина не е туркање на земјата кон неофашизам

Published on:

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова не ја турка земјава на страната на неофашизмот со тоа што ја изразува македонската поддршка за Украина против руската агресија. Тоа e официјален став на земјава како членка на НАТО, заземен од самиот старт на воената инвазија. Во објавата се инсинуира дека поддршка за Украина е „туркање кон неофашизмот“, што пак, е дел од руската дезинформациска кампања. Украина го забрани промовирањето на нацизмот во 2015 година

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Еве ние суверенистите зошто повикувавме на бојкот на претседателските избори. „Мајката“ на нацијата ја турка Македонија на страната на неофашизмот. 

Потоа се споделува објава со протоколарно соопштение за средба меѓу претседателката, Гордана Сиљановска Давкова која ја примила амбасадорката на Украина, Лариса Дир. На средбата било изразено задоволство од традиционалните пријателски односи, засновани на заемна почит и меѓусебно разбирање.

За средбата е официјално известено на веб-страницата на претседателката на Република Северна Македонија на следниот начин:

Претседателката Сиљановска Давкова ја нагласи нејзината заложба за продлабочување на соработката во сите области од заеднички интерес, реафирмирајќи ја поддршката за Украина против руската агресија, со која се поткопува европската глобална безбедност и стабилност. Претседателката Сиљановска Давкова ја нагласи македонската поддршка за Украина на нејзиниот пат кон Европската Унија и НАТО.

Претседателката  Сиљановска Давковка не ја турка земјава на страната на неофашизмот со тоа што таа ја изразува македонската поддршка за Украина против руската агресија. Тоа претставува официјален став на земјава како членка на НАТО, заземен од самиот старт на воената инвазија. Во објавата се инсинуира дека поддршка за Украина е „туркање кон неофашизмот“, што пак, е дел од руската дезинформациска кампања.

Моменталната украинска влада не е фашистичка, ниту диктаторска, или на кој било начин поврзана со нацистичкото минато. Претседателот Володимир Зеленески е демократски избран на фер избори, добивајќи 73 проценти од гласовите на претседателските избори во 2019 година.

Во Украина има десничарски екстремни сили кои, сепак, се слаби во споредба со другите европски земји. На последните избори екстремно десничарскиот Обединет фронт освои само 2,15 отсто од гласовите.

Украина е земја во која загинаа милиони луѓе, борејќи се против нацизмот во Втората светска војна. Таму  нацистичката идеологија е забранета, но наспроти тоа Кремљ упорно го тукрка наративот дека Украина е нацистичка. Базата на податоци EUvsDisinfo содржи речиси 500 примери на про-Кремљ дезинформациски тврдења за „нацистичка/фашистичка Украина“.

Примерите се добро документирани во базата на податоци EUvsDisinfo од 2015 година. Таму, на пример се тврди дека Молдавија е управувана од фашисти, а исто така и балтичките држави и Полска, дека Европа, вклучително и Европскиот парламент го „поддржуват“ фашизмот. Говорејќи во Владивосток шест месеци по руската инвазија на Украина, Владимир Путин дури шпекулираше дека шефот за надворешна политика на ЕУ, високиот претставник Жозеп Борел„ќе беше на страната на фашистите доколку живееше во триесеттите“.

Многу години наназад, медиумите контролирани од Русија тврдат дека некои држави се контролирани од нацистите или имаат нацистичка идеологија. Во овој контекст, термините нацизам и фашизам станаа синоними. Ова е поради тоа што во Кремљверзумот, секој што е непријател на Русија или на идејата за обединување на оние што зборуваат руски јазик, е етикетиран како нацист, а Украина е првата на списокот, пишуваат EUvsDisinfo.

Приказната за наводен нацизам во Украина влече корени од Втората светска војна и тогашниот украински опозициски политичар Степан Бандера, како и од првичното воодушевување од влезот на германските војски кај дел од Украинците што живееле во регионот на Галиција. Но, германската управа многу бргу покажала дека намерата ѝ е чиста окупација на Украина, која дотогаш била дел од Советскиот Сојуз (СССР).

Џефри Веилдлингер, за Тајм вели:
Во еден момент, имало Украинци кои соработувале со нацистите. Затоа Путин го користи тој термин, но ова било пред 80 години и не ja одразува моменталната украинска влада. Кога Путин го користи овој термин, тој нема значење. Тој не е исплашен од нацистите во Украина. Тој е исплашен од демократијата во Украина и препознава дека како што демократијата доаѓа поблиску до Русија, има закана дека луѓето ќе бараат демократија.

Бројни историчари тврдат дека воената агресија во Украина не може да се доведува во корелација со никаква денацификација, што е еден од главните наративи на Кремљ за оправдување на воената инвазија.

Путин го злоупотребува терминот денацификација. Денацификацијата се однесува на одреден момент во историјата во поствоената ера, а тоа што Путин го користи овој термин е пропаганда насочена кон неговите стравови од моменталната демократска влада во Украина. Има многу специфично историско значење на денацификацијата, што претставува процес кој се случил во Германија после Втората светска војна, вели Тимоти Снајдер, експерт за Украина и автор на ,,Патот до неслободата: Русија, Европа, Америка“, за Тајм Магазин.

За потсетување, Украина го забрани промовирањето на нацизмот во 2015 година. Вистиномер неодамна дебанкираше обиди да се претстави и ЕУ како фашистичка.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистинита.