Руски разорни дезинформации ја потпалуваат американската политичка сцена

Published on:

Илустрација: Вистиномер.мк

Овој напис е првобитно објавен од Вистиномер.мк (Северна Македонија), во рамки на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на штетните влијанија преку набљудувачко новинарство.“

Kлучниот сведок во истрагата за импичмент на претседателот Џо Бајден,  за наводно примање мито од украинска фирма преку неговиот син Хантер Бајденпокрената од републикански политичар од претставничкиот дом на САД, испадна дека не ја говорел вистината кога споделувал доверливи информации до Федералното истражно биро (ФБИ). Не само тоа, туку и според неговите изјави, тој имал контакт со руски претставници кои му ги споделувале овие дезинформации. Ефектот од ова е воочлив – целата ситуација ни покажува колку можат да бидат влијателни руските дезинформации, па дури и во државa како САД

 

Пишува: Матеј Тројачанец

 

Aлександер Смирнов, долгогодишен доушник на Федералното истражно биро (ФБИ/FBI) беше обвинет дека ги фалсификувал информациите за американскиот претседател, Џо Бајден и неговиот син Хантер Бајден. Поточно, не било вистина тоа дека претседателот Бајден и син му барале 5 милиони долари мито од украинската компанија „Буризма“, која била под истрага во периодот кога Бајден бил потпретседател, односно имал можност да влијае на надворешната политика на САД. 

Ова е претставено во обвинението на специјалниот советник Дејвид Вајс, во документите што калифорнискиот Федерален суд ги направи достапни до јавноста. Мотивацијата зошто Смирнов го сторил тоа, според документот, е заради политички цели. Како што наведуваат обвинителите, Смирнов испратил „серија пораки кои изразуваат пристрасност против Јавен Службеник 1,“ односно Џо Бајден. 

Најделикатната информација што го претставува Смирнов како виновник е дека тој имал контакт со руски официјални лица: 

Кога бил интервјуиран од агенти на ФБИ во септември 2023 година, обвинетиот повторил некои од неговите лажни тврдења, ја сменил својата приказна со другите негови тврдења и промовирал нова лажна приказна, откако рекол дека се сретнал со руски официјални лица, пишува во документот, на стр. 4.

Фото: скриншот од обвинението против Смирнов

Поширокиот контекст 

Уште од времето кога беше заменик-претседател на Барак Обама, членови од републиканската партија го обвнинуваат Бајден дека добивал мито, генерално преку бизнис зделките на својот син Хантер. Со оглед на тоа што Хантер Бајден го допираат серија на скандали, републиканците сакаат преку него да се „осветат“ на сегашниот претседател Бајден. Поточно, покреноа деталена истрага за импичмент за да можат да го направат тоа, што демократите го направија со бившиот претседател Донлад Трамп.

Главен застапник е членот од домот на претставници, Џејмс Кумер од Кентаки, кој е и член на Надзорната комисија на домот. Според Њу Јорк Тајмс, кога дел од информациите стигнаа до републиканците од Комисијата, Кумер му се заканувал на директорот на ФБИ, Кристофер Вреј дека доколку не открие деталите ќе го обвини за непочитување на судот.

Кумер, заедно со својот колега од Сенатот, Чак Гризли од Ајова, излегоа со официјално барање дo ФБИ да ги добијат документите, иако неколкупати биле предупредени да не ги користат истите затоа што информациите во нив не се проверени и потврдени. И токму на тие документи се базираше истрагата за импичмент, односно информациите што Александер Смирнов ги споделил со Бирото за истрага. 

А, откако специјалниот советник и обвинител Дејвид Вајс реши кривично да го гони Смирнов за лажни изјави, целата истрага за импичмент на републиканците како да пропадна во вода. Но, тоа не ги спречи десничарските новински агенции и колумнисти да ги интерпретираат настаните како „тактика на заплашување од Министерството за правда“, или дека „и без клучниот ‘доказ’ истрагата ќе успее“. Други, пак, го обвинија Бирото за истрага и побараа објаснување за целата збрка.

 

Руските дезинформации во САД

Без разлика на тоа што уште од самиот почетокот на војната во Украина, Раша Тудеј и Спутник ги затворија своите канцеларии во многу држави низ Европа и САД – заради санкциите кон Русија, дезинформациските наративи што ги градеа со години дадоа плод. Од Аспениа онлајн пишуваат дека ваквите дезинформации се дизајнирани да сеат раздор, да ги засилат постоечките тензии, да ја префрлат вината на другите и да ја намалат довербата во демократските институции. Сето ова надополнето со намерите за политичко реванширање по секоја цена се доаѓа до сегашната ситуацијата во Америка. 

Ако го тргнеме мотивот за политички реваншизам настрана и ја погледнеме поголемата слика, може да се забележи дека целта на руските дезинформации не е успешен импичмент на Бајден, туку преку поткопување на централните политички прашања (како миграцијата), да се направи уште поголема поларизација и застој во Конгресот. И, следствено, при ваквата состојба помошта наменета за Украина се става во неизвесност или целосно запира. Тоа се случувам токму сега кога најмногу им треба помош на Украина, со оглед на тоа дека залихите на муниција и артилерија ѝ се намалуваат.