Украина не е останата без војска, иако се соочува со недостиг на војници во одредени области. Украина дури во 2024 го направи она што Русија веќе го спроведува, а тоа е да дозволи затвореници да добијат можност да бидат дел од Армијата
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделуваат инсерти од серијата Слуга на народот, во која глумеше претседателот на Украина, Володимир Зеленски пред да стапи на претседателската функција. Во објавата пишува:
Зеленски остана без луѓе (без војска). Исто како во неговото пророчко телевизиско шоу… Луѓе еј!
Неодамна претседателот на Украина, Зеленски потпиша закон со кој се дозволува некои затвореници да бидат дел од вооружените сили под услов да не се осудени за дела против државата, со што тие би можеле да се мобилизираат во Армијата и да бидат условно пуштени на слобода. Со овој закон се таргетираат околу 10 до 20 илјади осуденици кои може во иднина да бидат мобилизирани и да служат во специјалните единици. Како што пишува Њујорк Тајмс, Русија од почетокот на воената инвазија ја користи оваа тактика за да ги засили своите вооружени сили, а сега таква можност има и Украина.
Заменик министерката за правда Елена Висоцка, пред усвојувањето на законот, изјави дека истражување спроведено во април покажало дека околу 4 илјади и 500 затвореници се согласиле да одат на фронтот во замена за условно ослободување од издржување на казната.
Недостигот на војници кој го има Украина е евидентен откако Русија почна нова офанзива во североисточниот дел од земјата минатата недела, пишува Њујорк Тајмс. Нападите ја ставија војската на Украина во ситуација да мора да пренасочува трупи од други области на фронтот и да зема војници од резервите. Украинските власти велат дека ја стабилизираа ситуацијата на североистокот, но тоа што дополнителни војници се прераспределени таму, е ризик да ослабнат други делови од фронтот каде Русија исто така напаѓа, пишува весникот.
Генералот во украинската војска Кирило Буданов на 14 мај изјави дека верува оти руските напади на североистокот се со намера да се рашират украинските „тенки“ резерви на војници и да се пренасочат на друго место.
Не само што Украина не е останата без војска, туку и волонтери ѝ помагаат на војската.
Според податоци на Еуроњуз од 2023 година, од Глобал Фајрпауер, украинската армија броела 500 илјади војници, од кои 200 илјади активен воен персонал, а Русија имала 4 пати поголем број на активен воен персонал, 1.330.900 мажи и 250 илјади резервисти.
Поради сите горенаведени факти, објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина. Украина не е останата без војска (таа брои 500 илјади војници, од кои 200 илјади активен воен персонал), иако се соочува со недостиг на војници во одредени области.