Вистиномер: Нема докази дека загинала првата жена борбен пилот во Украина

Published on:

Ниту украинската војска ниту официјалните органи на Украина немаат споменато ништо за смрт на жена пилот. Официјалните медиуми, исто така, немаат споменато дека загинала првата жена борбен пилот во Украина. Нашата проверка покажа дека на фотографиите, кои се споделени со оваа непотврдена информација, се две девојки кои не се борбени пилоти. Едната е Олга Петровна, воено лице во украинската армија, а  другата, пак, е Наташа Пераков, но таа е фотомодел или рекламира облека за продажба на интернет, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Откако почна воената инвазија на Русија во Украина, на социјалните мрежи почнаа да се објавуваат и да циркулираат фотографии од луѓе, кои, наводно, го загубиле животот во битките што се водат на украинска територија. Таков е случајот со објавата за наводната смрт на првата жена борбен пилот во Украина, која починала откако била тешко повредена.

Барем така се тврди во постовите споделени на социјалната мрежа Фејсбук, а ги има и на Твитер. Меѓутоа, оваа објава на Фејсбук за смртта на првата жена борбен пилот во Украина, е проследена со фотографии од две различни девојки облечени во укранска воена униформа. И за двете се тврди дека се една иста личност и дека таа личност починала. Во насловот на текстот линкуван во постот се вели:

ГOЛЕMA TPAГЕДИЈА – БРАНЕЈЌИ ЈА УКРАИНА ЗАГИНА И НАТАША ПЕРАКОВ, ПРВАТА ЖЕНА БOPБEН ПИЛOT ВО УКРАИНА

Се тврди дека девојката прикажана на двете фотографии се вика Наташа Пераков. Проверката на „Вистиномер“ покажа дека на фотографиите, кои се споделени за оваа непотврдена информација (никако не може да се верификува дека првата жена борбен пилот починала), се две девојки кои не се борбени пилоти.

На едната од фотографиите, онаа на која е прикажан само ликот на девојката, се наоѓа Олга Петрова, воено лице во украинската армија. На официјалната страница на украинското Министерство за одбрана е објвена нејзина фотографија на која се гледа како добива признание. На признанието прикжано на фотографијата е испишано името Олга Петрова.

На социјалната мрежа Твитер, кога ќе се пребара фотографијата на девојката облечена во воена униформа, свртена настрана и со рацете в џеб, се доаѓа до исклучително вирална содржина, која се повторува десетици пати, а на  споделената фотографија се дава опис дека Наташа Пераков, првата жена пилот на борбени авиони во Украина починала откако била тешко повредена.

Нашата проверка покажа дека  на втората фотографија, е Наташа Пераков, но таа не е борбен пилот ,туку фотомодел или рекламира облека за продажба на интернет.

Инаку, на социјалните мрежи имаше и постови на кои е прикажана само една фотографија, но со идентична порака дека првата жена пилот на борбени авиони во Украина починала откако била тешко повредена.Таков е на пример овој пост:

Во друг пост, кој подоцна е избришан, беше објавено следното:

Наташа Пераков Првата жена на борбрни авиони во Украина. Почина на 26.02 како последица на тешки повреди здобиени во борба со рускиот агресор. Слава Украини!

 

Но, дали е тоа вистината?

Ниту украинската војска, ниту официјалните органи на Украина немаат споменато ништо за смрт на жена пилот. Официјалните медиуми, исто така, немаат споменато дека загинала првата жена борбен пилот во Украина. Но, кампањата со лажните фотографии, со оглед на тоа дека се работи за убави девојки, си го направи своето – приказната брзо стана вирална и предизвика бран на жалење. Сепак, нема докази дека првата жена борбен пилот во Украина загинала, а нашата проверка покажа дека на фотографиите кои се споделени со оваа непотврдена информација, се две девојки кои не се борбени пилоти.