Во Украина воопшто не се испрaтени македонски војници

Published on:

Објавата споделува принтскрин од комуникацијата меѓу Зеленски и Сиљановска Давкова по повод нејзината победа на претседателските избори и неточно тврди дека „македонските војници се пратени да гинат како топовско месо за идеалите на фашистичко НАТО“. С. Македонија нема свои војници во Украина и тоа е потврдено и со одговорот што „Вистиномер“ го доби преку Министерството за одбрана, од Генералштабот на Армијата

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Мајката на нацијата! Која мајка доброволно ги праќа своите чеда да гинат како топовско месо за „идеалите“ на фашистичкиот НАТО?!

Во склоп на објавата се споделува комуникација од социјалната мрежа „Икс“ меѓу претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Сиљановска Давкова и претседателот на Украина, Володимир Зеленски, во која тие разменуваат поздрави и честитки по повод победата на Сиљановска Давкова на претседателските избори.

Честитки за Гордана Сиљановска Давкова за нејзината убедлива изборна победа. И посакувам успешен и плоден мандат. Го цениме нашето силно партнерство и ја цениме поддршката на Скопје за Украина по повод руската агресија, напиша меѓу другото Зеленски во својата честитка на „Икс“ за Сиљановска Давкова. 

Таа потоа, како што се гледа од фотографијата (принтскринот) во постот што го рецензираме, во  одговорот, меѓу другото, му вели дека македонските граѓани се солидаризираат со Украина во борбата за напредок, мир и долготрајна безбедност.

Не е точно наведеното во објавата што ја рецензираме дека „македонските војници се пратени да гинат како топовско месо за идеалите на фашистичко НАТО“. Поради контекстот на објавата, односно тоа што се споделува фотографија од комуникацијата меѓу Сиљановска Давкова и Зеленски, јасно е дека со објавата се претендира дека македонските војници наводно „гинат во Украина“. Но, тоа не е вистина. Вистиномер се обрати во Министерството за одбрана од каде ни одговорија дека Република Северна Македонија нема свои војници во Украина.

Армијата на Република Северна Македонија во тековниот период има вкупно 185 свои припадници распоредени во мисии, операции и активности на НАТО, ЕУ и ОН. Најголемиот број на припадници и состави учествува во операцијата на НАТО, КФОР во Косово, каде покрај два воени состава во јачина на пешадиски вод имаме и штабен персоналдодека во активностите на НАТО за зајакната будност (EVA) во Романија и Бугарија со состави во јачина од по еден вод, како и зајакнато истурено присуство (EFP) во Летонија со едно одделение. Покрај ова учествуваме со еден вод во мисијата на ЕУ АЛТЕА во Босна и Херцеговина и во мисијата на ОН, УНИФИЛ во Либан со штабен персонал, одговорија од Министерството за одбрана за „Вистиномер“.

Оттаму додадоа дека составот и големината на учеството во операциите и мисиите зависи од заедничките активности и побарувањата кои произлегуваат од состаноците во НАТО, ЕУ и ОН на највисоко државно ниво, како и од капацитетите и можностите кои може да ги исполни Армијата, а кое е резултат на анализите кои ги прави Генералштабот.

НАТО не е фашистичка организација, а во времето на соработката со Русија во 2010 година, дури и заеднички Русија и НАТО ја одбележуваа победата над фашизмот.

Наративот дека „НАТО е фашистичка организација“ е еден од наративите кои се протежираат од страна на Кремљ, со цел дискредитација на НАТО и поддршката од НАТО за Украина. Ваквиот тренд почна со дезинформацијата дека „НАТО финансира неонацисти од Азов“ во Украина, за да добие посериозна димензија дека самото „НАТО е фашистичка организација“. Институтот за стратешки дијалог има анализа на про-Кремљ наративот за „фашистичкиот НАТО“.

Додека Кремљ играше улога во ширењето на реториката за „украинскиот фашизам“ на интернет, недржавните актери со голем број следбеници на Твитер промовираат ширење на конспиративни анти-НАТО наративи. Кремљ има корист од наратив во рамките на поширока, фрагментирана онлајн информативна средина која брзо ги деконтекстуализира и погрешно ги толкува информациите. Про-Кремљ наративи во текот на последните неколку месеци конкретно го обвинија НАТО за поддршка на неонацистичката идеологија како средство за оттргнување на вниманието и критиката од инвазијата што Русија ја спроведе во Украина. Притоа, овие наративи гравитираат околу јазични конструкции за фашизмот, неонацистите и белата надмоќ за сопствените цели на Кремљ, обидувајќи се да ја дискредитираат поддршката што Украина ја добива од НАТО и поткопувајќи го легитимитетот и на НАТО и на Украина, пишува во заклучокот од анализата.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина. НАТО не е фашистичка организација, а С. Македонија воопшто нема војници во Украина и тоа е потврдено и со одговорот што „Вистиномер“ го доби преку Министерството за одбрана, директно од Генералштабот на Армијата.