Франција не усвоила никаква резолуција со која се стопира процесот на проширување на ЕУ. Ова е лажна вест, претставена како да е вистинска, наводно објавена од Би-би-си. Ниту Би-би-си, ниту кој било друг релевантен медиум, не објавил ваква вест. Покрај ова, ниту Макрон не изјавил дека „на Северна Македонија треба да ѝ се каже дека нема проширување до 2040.“ Обете тврдења се дезинформации
Анализираме објава на Фејсбук која споделува вест, наводно објавена од Би-би-си, во која се тврди дека францускиот парламент на 15 април 2024 година донел резолуција за стопирање на процесот на проширување на Европската Унија.
Проверката на Вистиномер покажа дека Би-би-си на својата официјална Фејсбук страница нема објавено ваква вест. Од објавата е очигледно дека е злоупотребено логото на Би-би-си за да се креира лажна вест. Логото на Би-би-си споредено со она во објавата не е исто, што може да се види од примерот подолу.
Она што, исто така, е факт, е дека Би-би-си не објавува вести на македонски јазик. Би-би-си на македонски престана со емитување програми на 4 март 2011 година.
Наводната вест дека Француското собрание усвоило резолуција со која се стопира процесот на проширување на ЕУ, ја побаравме и на официјалната веб страница на Би-би-си, но не ја најдовме. Веста ја побаравме и на Гугл, но безуспешно.
Очигледно е дека станува збор за лажна вест која ја креирал авторот на објавата со цел да шрири дезинформации во јавноста.
Инаку, што се однесува до ставот на Франција во поглед на проширувањето на Унијата, оваа земја во не е против проширување, туку бараше реформа на процесот на проширување. Ваквите реформи Франција ги претстави уште во 2019 година. Повеќе на оваа тема може да се прочита тука и тука. Нејзината актуелна позиција во однос на проширувањето, најдобро ја отсликува говорот на Претседателот Емануел Макрон во Братислава, на 31 мај 2023.
Слично на ова, дезинформација е и објавата, исто на социјалната мрежа Фејсбук, во која се вели дека „на Северна Македонија треба да ѝ се каже дека нема проширување до 2040,“ изјава која му се припишува на францускиот претседател Макрон, при што се додава и логото на Дојче Веле, со што се имплицира дека ваквата информација потекнува оттаму.
Но, ако се пребараат и македонската и англиската верзија на порталот на Дојче Веле, поконкретно содржините во кои се спомнува името на францускиот претседател, веднаш се гледа оти содржина со вакви информации едноставно нема, туку дека логото на Дојче Веле е злоупотребено, исто како што е злоупотребено и логото на Би-Би-Си.
Од сето погоре можеме да заклучиме дека Франција не усвоила никаква резолуција со која се стопира процесот на проширување на Европската Унија, ниту, пак, Макрон изјавил дека на С. Македонија требало да ѝ се каже дека нема да има проширување до 2040. Ова се дезинформации, претставени како да се вистинска, наводно објавени од Би-Би-Си и Дојче Веле. Нашата проверка покажа дека ниту Би-би-си, ниту Дојче Веле, кој било друг релевантен медиум, не објавил вакви вести. Поради сето ова, објавите ги оценуваме како невистинити.