„Писмото на Владимир Путин до светот“, кое се споделува од многу корисници на социјалните мрежи, не е споменато од ниту едeн веродостоен медиум, ниту пак, на веб-страницата на Кремљ каде вообичаено се објавуваат обраќањата и говорите на Путин. Станува збор за комплетно фабрикувано писмо, споделено како да е напишано од Путин, иако тоа несомнено не се случило
„Писмото на Владимир Путин до светот“ е насловот на содржината што ја рецензираме, а е објавена на Фејсбук и за два-три дена имаше над 180 споделување, 20 коментари и 240 реакции.
Во писмото, рускиот претседател Владимир Путин наводно се осврнува на руската војна со Украина и бара од граѓаните на западните земји да ѝ помогнат на Русија во нејзината борба против „украинскиот нацизам“, кој е „потхранет од вашите американски даноци и јастребите на НАТО“.
Притоа писмото, односно објавата е полна со јазични, граматички и интерпункциски грешки. Личи како лош превод на којшто не му било посветено внимание пред да биде објавен, но и покрај тоа значителен број на Фејсбук корисници го споделиле.
Писмото циркулира на англиски јазик на Фејсбук најмалку од октомври минатата година. Неодамнешното ширење на писмото се чини дека е предизвикано од објава на социјалната мрежа X (поранешен Твитер) на 25 декември 2023 година, која е прегледана 3,8 милиони пати.
Но, иако писмото му се припишува на Путин, нема докази дека тој е авторот.
Пребарувајќи ги клучните зборови и пасусите од писмото, не можевме да најдеме никакво спомнување на ниту еден веродостоен медиум, ниту на веб-страницата на Кремљ каде обично се објавуваат обраќањата и говорите на Путин.
Го преведовме писмото на руски со помош на алатка за превод и баравме делови од него на Гугл. Се чини дека писмото циркулирало на руски уште во пролетта 2022 година. Не е јасно кој е првичниот автор на писмото. Најраниот пример што го најдовме беше објава на руската платформа ОК на 10 април 2022 година, но и таму нема линкови или референци до кој било оригинален извор.
Вакво писмо не може да се најде ни на официјалната веб-страница на претседателот на Русија ниту во делот на руски јазик, ниту на англиската верзија на сајтот. Во постот не е посочен ниту еден извор за писмото, ниту пак, има место и време кога Путин го напишал и објавил ова писмо и со која цел.
Ниту медиумските пребарувања не даваат какви било резултати дека постои вакво писмо. Доколку Путин навистина напишал писмо до граѓаните, сегменти од него ќе беа пренесени од страна на светските медиуми и агенциски мрежи, како руски, така и надвор од Русија.
Несомнено, станува збор за комплетно фабрикувано писмо, коешто е споделено како да напишано од Путин, иако тоа не се случило.
Доколку не издвоите време да проверите дали тој навистина објавил вакво писмо, може многу лесно да поверувате во напишаното. А, такви се сите коментари под оваа објава од кои се гледа дека луѓето поверувале дека Путин им се обратил преку писмо.
Имајќи предвид дека никаде не може да се пронајде наводното писмо на Путин, оваа објава на Фејсбук ја оценуваме како измислена, односно невистинита. Со содржини од ваков вид се создава фасцинација и фаворизирање на Русија врз основа на манипулација и се негува култот на личноста на Путин.