Недокажани тврдења за сопругата на атентаторот на Фицо

Published on:

Се проширија недокажани тврдења дека осомничениот за атентатот врз словачкиот премиер е оженет за Украинка, која наводно влијаела врз сопругот да го изврши делото. Исто така, се тврди и дека  учествувала во Евромајданските протести во Украина во 2014 г., а тие неосновано се опишани како „државен удар“. Некои од тие медиуми додаваат и дека жената е уапсена за вмешаност во атентатот, иако полицијата само ја одвела на распит

 

 

Едно исто недокажано тврдење се провлекува низ повеќе написи, споделени во објави на социјалната мрежа Facebook: тука (слика), тука (слика), тука (слика), тука (слика), тука (слика), тука (слика), тука (слика), тука (слика), тука (слика), тука (слика), тука (слика), тука (слика), тука (слика), тука (слика), тука (слика), тука (слика), тука (слика), тука (слика) и тука (слика). Скоро сите тие написи почнуваат со:

Сопругата на атентаторот на словачкиот премиер Роберт Фицо е Украинка, учествувала во државниот удар пред десет години.

Повеќето од наведените медиуми ја пласирале оваа вест на Facebook двапати, на 16 и 17 мај 2024 г., што придонело за поголемо ширење на оваа недокажана информација. Всушност, повеќе од двапати, затоа што некои од тие медиуми изгледа си отвориле повеќе Facebook профили со различни називи (споредете ги, на пример, Неделник Република и Прва Република или Инфомакс и Инфо 24). Веста е објавена и на сајтовите: Vecer.mkVesti.mkVreme.mkVesnik.com и Pressing.tv, само со малку поинакви зборови.

Некои од наведените медиуми се попретпазливи во изразувањето, па користат изрази како: „Неофицијално се тврди дека…“ или наслови во прашална форма како: „Сопругата на атентаторот е Украинка?“, но заедничко за сите тие медиуми е тоа што тие шират недокажани тврдења и тоа без никаков извор, оправдувајќи се со тоа дека „Така пишувале словачките медиуми“. Кои медиуми?

Сето тоа се темели врз дезинформации, кои сега се шират низ Словачка, а кои потекнуваат од Кремљ. Претходно, некои тврдеа дека атентаторот врз словачкиот премиер Роберт Фицо е Украинец, но откако се дозна дека осомничен за тоа е Словакот Јурај Цинтула, се премина на тврдењето дека неговата сопруга е Украинка и дека таа влијаела врз него да го изврши атентатот, затоа што Фицо е проруски настроен. На тоа беше додадено дека жената дошла во Словачка како бегалец од Украина, но тоа го демантираше шефот на словачката полиција Љубомир Солак, што беше пренесено и на Facebook страната на словачкото МВР за борба против лажните вести. Демантот го пренесе и РТВ Словачка, која додаде дека сопругата на Цинтула не влијаела врз него да го изврши делото.

Е сега, украинска државјанка може да се пресели во Словачка не само како бегалец, туку и по основ на брак или вработување, но тука немаме такви индиции. За сопругата на Цинтула не се знае многу, освен дека се вика Елена, дека предавала во гимназија и дека е пензионерка. Нејзиниот сопруг има 71 година.

Написите, кои тука ги рецензираме, неосновано и нелогично ѝ припишуваат на оваа повозрасна жена „активно учество“ во Евромајданските протести во Украина во 2014 г., кои неточно ги опишуваат како „државен удар“. Тоа беа протести против самоволието на прорускиот претседател на Украина, Виктор Јанукович, кој на крај беше разрешен не со државен удар, туку со процедура (не идеална, но сепак процедура), за што на 22.2.2014 г. гласаа легитимно избраните пратеници од изборите во 2012 г., па и 36 негови сопартијци.

Тоа не беше државен удар и нема доказ дека Елена учествувала во тоа, ниту дека таа е од Украина, ниту дека е етничка Украинка. Тоа се дезинформации од руските медиуми како: EurAsia DailyСпутникЦарьградАргументы и фактыМосковский комсомолец и др.

Некои од нив тврдат дека Елена е уапсена за вмешаност во атентатот, но всушност, таа беше земена од дома на распит со полициска придружба, заради заштита од можна одмазда за делото на нејзиниот сопруг. Руски медиуми дури тврдат дека таа била фатена на аеродром во обид да побегне за Варшава, но таа вест ја нема никаде, а и нема логика да се бега од една членка на ЕУ во друга, кога полициите таму се координирани.

Овие дезинформации од Кремљ се можеби контраодговор на тврдењата на некои прозападни извори дека Цинтула бил член на проруското движење Словенски бранци. Словачкото МВР тоа го демантираше, но потврди дека тој порано учествувал на нивен собир, а можеби подоцна ги променил ставовите. Несакајќи да биде доведувана во врска со атентатор, Русија сега тврди дека Цинтула е проукраински настроен, па се појави клип во кој едно лице, за кое се тврди дека е Цинтула, изразува поддршка за Украина, а излезе и тврдење дека тој членувал во проевропската и либерална партија Прогресивна Словачка, но нејзиниот лидер тоа го демантираше. Се појави и фотографија, на која Цинтула е наводно со таткото на лидерот на партијата, но се откри дека тоа е некое друго лице. И секако, се прошири и тврдењето дека сопругата на Цинтула е Украинка. Накусо, излегоа куп недокажани тврдења, а тие агресивно се шират и кај нас.

Судењето на Цинтула сигурно ќе донесе нови сознанија, но според овие кои досега се познати (до 21.5.2024 г.), рецензираните написи ги оценуваме како невистинити.