Замаглување на вистината за смртта на Навални со вакцинални дезинформации

Published on:

Истакнатиот руски опозиционер и критичар на власта, Алексеј Навални, почина во сомнителни околности. Во отсуство на каква било транспарентност околу неговата смрт, во регионот се шират дезинформации дека починал од тромб предизвикан од ковид вакцината на „Фајзер“. Поточно, се тврди дека Навални е жртва на вакцината преку т.н. нарачано убиство, а не на политичка репресија

 

Пишува: Матеј Тројачанец

 

Во регионот се шират дезинформации за смртта на најистакнатиот лидер на руската опозиција, Алекеј Навални, дека таа е предизвикана од вакцината на „Фајзер“ против ковид-19. Односно, дека причината за неговата смрт е од тромб во срцето. Вакви објави може да се најдат во Србија (12), Црна Гора, Бугарија (12 , 34), Албанија, па дури и во Чешка (12), ГрузијаЛитванија и пошироко. А, има огромен број објави на англиски, на социјалната мрежа Х (поранешен Твтиер). Некои од објавите гласат: 

Починатиот Навални наводно примил пет вакцини од Pfizer

Ози Козак утрово на својот Х профил сподели интересна објава во која го наведува фактот дека покојниот Алексеј Навални примил 5 дози од вакцината Фајзер, која најчесто се поврзува како една од причините за ненадејна смрт.

* * * 

Јас всушност мислам дека Навални беше западна егзекуција со смртоносна инјекција.

Тој ја примил смртната дозна на Pfizer ПЕТ пати.

Неверојатно [е дека] преживеа толку долго.

Колку што може да се види, изворот е од пародичен профил на Х (во моментов суспендиран), којшто лажно се претставува како полски министер за земјоделство и рурален развој. 

Фото: скриншот од објава на Х

Потоа, скриншот од оваа објава почнува да се споделува на социјалните мрежи Х и Фејсбук. Па штом оваа дезинформација тргна да се шири, почна да се споделува и колаж од слични објави, небаре истите се доказ дека за вистинитоста на тврдењето.

 

Фото: колаж од скриншот на Х објави

Навални жртва на ковид вакцина?!

Очекувано беше дека смртта на Навални ќе предизвика бура од дезинформации и замаглување на вистината од руските комуникациски канали. Во таа смисла корисници на разни социјални медиуми шпекулираат дека не се работи за политичка репресија и труење со отров, како што самиот Навални претходно предупредуваше и им споделуваше на своите адвокати. Туку смртта, како што гласи објавата на Х (поранешен Твитер),  е „западна егзекуција со смртна инјекција“, со тоа што дури петпати ја примил  вакцината на „Фајзер“ против ковид-19. 

За жал, прашање е дали некогаш ќе се добијат проверени информации за причината за неговата смрт. Но, според официјалниот извод на умрените, Навални починал од природна смрт.

Она што ни покажува дека имаа системски обид да се заташка целиот процес, е тоа што требаа цели девет дена да се предаде телото на починатиот Навални на неговото семејство. Дополнително, мајката на починатиот, Људмила Навалнаја ја обвини руската власт дека сакаат тајно да се погреба главниот критичар на Кремљ:

Тие сакаат ова да се направи тајно, без збогум. Сакаат да ме доведат до работ на гробиштата, на свеж гроб и да ми кажат: „Тука лежи твојот син“. Не се согласувам со ова,  вели таа во видео на ЈуТуб.

Згора на сите контроверзии околу смртта на Навални, според медиумските извештаи, најмалку 120 лица се уапсени во Русија за присуство на собири за оддавање почит на починатиот Навални.

По речиси еден месец од трагичниот настан, западни новинари деновиве имаа ретка можност да го прашаат директно рускиот претседател Владимир Путин за смртта на неговиот најголем критичар. По освојувањето на петтиот мандат, со којшто фактички Путин ќе го престигне Сталин и станува лидер со најдолг стаж во Русија, тој го нарече  тоа што се случило со Навални како „несреќен инцидент“.

Алексеј Навални почина на 16 февруари, беше пронајден мртов во арктичкиот затвор „Поларен Волк“ во Харп. Тој отслужуваше 19 – годишна затворска казна за прекршоци кои нашироко се сметаат за политички мотивирани, пишува Би-би-си. Навални обелодени огромни корупциски скандали тешки милијарди долари коишто се врзуваат за највисоките ешалони на власта и за руските олигарси.